Други текстови за Доломити:

- Претставување на локалитетите,

- Наши искачувања во мај 2005,

- Наши искачувања во август 2008,

- Наши искачувања во август 2010

- Наши искачувања во август 2012

- Наши искачувања во август 2013

 

Описи на насоките кои ги поминавме во 2005г.:

- Јужно Ребро IV+, Хексенштајн (2477м)

- Јужен Гребен IV+, Мала кула на Фалзарего (c. 2500m)

- Западна Страна (Ласато) IV, Голема кула на Фалзарего (c2500m)

- Јужно-Западна Страна (Виа дел Буко) IV, Пиколо Лагацуои 2778м

- Северо-Западен Диедар IV и Северна Страна (Дибона) IV, Торе Баранчио 2308м

- Источна Страна на Пиц Попена Басо (2224м): „Мацорана“ IV и „Мацорана/Адлер“ IV+

- Јужна Страна на Пунта Фиамес (2240м) - Виа Комуне IV+

Доломити - 2005г.

- Игор Т.

Вовед

Тешко е да се каже кое е Местото на аџилак за алпинистите. Постојат толку многу места кои ја заслужуваат оваа титула, места кои се исполнети со духот на пионерите и места кои ги исполнуваат срцата на алпинистите.

Доломитите се едно од тие места. Големо поглавје од историјата на модерниот алпинизам е напишано во овие италијански планини со огромни варовнички ѕидови и кули во кои свој белег оставиле имиња како Комичи, Дибона, Димаи, Пројс, Бул, Солда, Касин, Дилфер... Многу искачувања од почетокот на 20-тиот век кои се овде направени, многу денешни качувачи со својата супер-безбедна опрема не се осмелуваат ниту да ги повторат и преферираат наместо тоа да седат под карпата и си размислуваат како луѓето од црно-белите фотографии некогаш воопшто и успеале...

Минатата година во Шамони купив водич кој го има насловот „Класични искачувања во Доломитите“. Тоа е прекрасна книга во која има опис за барем по една насока за секој агол од Доломитите. Вкупно 100 насоки се опишани. Во текот на изминатата година читајќи ја книгата, секој пат после некое време ќе добиев мала главоболка обидувајќи се да одберам што од понуденото би сакал да направам.

За нашата прва посета се одлучивме за насоките околу преминот Фалзарего кој се наоѓа на околу 15-тина километри од градот Кортина Дампецо. Тука заедно со Весна го поставивме нашиот „базен логор“ во еден од камповите во градот.

Размислувајќи кога би оделе ја добивме најдобрата покана: Шри Чинмој требаше да изведе три концерти во Италија на крајот на мај – во Милано и Торино. Едвај чекавме да отидеме на овие концерти. Секој пат кога се наоѓаме во близината на овој духовен учител сме инспирирани од неговата работа и неговиот обид да ги инспирира луѓето да допрат подлабоко во своите животи. Неговите концерти во кои тој свири на повеќе инструменти и пее песни компонирани на неговиот мајчин Бенгали јазик, се најдобрата внатрешна храна која ни беше потребна за ова патување.

По концертите се упативме кон Кортина и го направивме нашиот план по кој редослед да ги изведеме искачувањата на следните одбрани насоки:

Планина(височина) – насока (име):

  1. Сас Ди Стриа (2477м. ) - Јужно ребро,
  2. Мала кула на Фалзарего (2500м) - Јужен гребен,
  3. Голема кула на Фалзарего (2500м) - Западна страна (Ласато),
  4. Пиколо Лагацуои (2778м) - Југозападна страна (Виа дел Буко),
  5. Пиц Попена Басо (2224м) - 2 насоки на Источната страна,
  6. Чинкве Тори (Торе Баранчио) - една насока на северната страна а друга во северозападниот жлеб,
  7. Пунта Фиамес (2240м) - Јужна страна (Виа Комуне).

Не сакам да ги избрзувам работите и кога треба да качувам во средина која ја посетувам за прв пат почнувам од полесни насоки за да можам да ја почувствувам во целост сé што таа претставува. За оваа посета се одлучивме да качиме лесни насоки кои не поминуваа тежина од IV + . Мислам дека и покрај тоа што качуваме и насоки со оцена VI „на домашен терен“ и нешто потешко на спортски насоки, сепак направивме добар избор поради тоа што називот „класични“ и не мора да значи дека сé е така лесно...

„При искачувањето на високи планини најмногу се ужива кога тежините (не само тие од техничка природа) се во целост под ваша контрола и кога умот е слободен да ги истражува работите на подлабоко ниво“…Сакавме да си поминеме во согласност со овој цитат од водичот и да имаме фино и убаво планинско искуство.

Следно

 

Copyright © Alpinizam.org