Ви презентираме инспиративни достигнувања на странски и домашни алпинисти кои нé инспирираат да работиме и понатаму со уште поголем интензитет.
Во 2010...
18.07 Македонскиот алпинист Слободан Колоски Шакшама е повторно во Перу. Денес се врати од аклиматизациското искачување на Писко (5750м) PD, па сега во Хуараз се подготвува за нешто посериозно... Му посакуваме безбедно качување!
08.06. Тим Емет на голема радост успеа да ја помине насоката која се обидуваше да ја качи пред една година. Во локалитетот Стенис Форд во Јужен Велс, линијата „Муи калиенте“ е веројатно првата Е10-ка во Велс. Со технички движења од 8a и можност за пад до земја од висина од 20 метри - ова е сигурно линија за која повторно можеме да очекуваме и „интересно“ видео наскоро. На фотката десно е Тим - обезбедувањата во чист стил во овој дел му се поставени на растојание од околу 8 метри...
05.06 На 24-ти Мај, Велшаните Мајк Тарнер, Стјуарт Мекалис и Марк Томас искачија нова насока на островот Бафин во Канадскиот Арктички Архипелаг. Насоката е висока 1400 метри, ја качувале 21 ден (качувајќи и по 12 часа днeвно) и е именувана „Арктички мајмуни“. Таа е силно техничко искачување со оцена од А4. За тоа колку било тешко зборува фактот што две од многуте должини ги качувале три дена. Искачувањето било во многу лоши временски услови и студ. Мајк кажува дека иако во долината има неверојатни вакви големи столбови, слободното искачување е невозможно – „освен ако не сакаш да ги загубиш прстите на рацете и нозете...“
27.04 О Еун Сун (44) стана првата жена која се искачи на сите 14 врва повисоки од 8000м. Пратена од тројца Шерпаси и двајца камермани околу 3 часот попладне по локално време се искачи на анапурна (8091м) – последен врв во нејзиниот список. Во класичен експедициски стил, со употреба на фиксни јажиња, многу носачи и на некој врв и дополнителен кислород – ја добивме првата жена во овој „проект“ кој до тој момент им беше успеал само на 20 мажи. Во истиот ден освен нејзе на врвот застана и Полјакот Пјотр Пустелник кој исто така го заокружи своите „сите 14“...
20.03 Руските алпинисти Саша Гуков, Виктор Ковал и Валера Шамало искачија нова насока на северната страна на Чолатце (6440м) во регионот Кумбу во Непал. Сé уште нема детали околу насоката, но исцртаната линија на фотографијата десно доволно зборува за нејзината сериозност – микс терен по високата 1400 метри страна на оваа планина. Искачувањето траело една недела...
19.02 Англичанецот Иан Парнел и Австријката Инес Паперт искачија нова насока во локалитетот Беин Еиг во Шкотска. Интересното партнерство резултираше со 60м високата „Little Nipper” VI, 8 (две должини по 30м).
Иан има само пофални зборови за брзото адаптирање на Инес на чистиот начин на качување во познатите сурови услови во шкотските планини
16.02 „Како“ пред „што“
„Денис и јас сакаме да потцртаме „како“ качуваме пред „што“ качуваме“ вели Симоне Моро. Тој заедно со Денис Урубко најавуваат нова насока во алпинистички стил на Лотце: „Кога ќе го напуштиме најнаселениот базен камп во Хималаите, тргнуваме по нова линија, без дополнителен кислород, без да фиксираме јажиња и без носачи – земајќи со нас само тоа што можеме да го носиме во ранците“ Кон Непал најавуваат заминување на 20-ти Март. Симоне претходно ќе води свој пријател и сака да направи и искачување на Еверест без дополнителен кислород. Урубко ќе им се приклучи до Јужното седло како аклиматизација - поради тоа што нема дозвола да оди до врвот. Тој минатата година стана осмиот човек со „сите 14“ без дополнителен кислород...
15.02 Ви ја претставуваме најавата за филмот „Нанга Парбат“ кој е посветен на германската експедиција во 1970 година на оваа планина. На врвот се искачија браќата Рејнолд Меснер и Гунтер Меснер, кој подоцна при симнувањето загина... Филмот уште во старт е дочекан „на нож“ од многу луѓе кои го критикуваат лошото претставување на дел од членовите во тогашната експедиција, кои сега починати - „не можат да се бранат“. Исто и глумата, детали околу качувањето... Но еве:
21.01 - Во средината на Јануари, гледачите на Бугарската Национална Телевизија (БНТ) - на првиот и сателитскиот канал имаа можност да гласаат за најголем спортски настан во дваесетиот век во Бугарија. Во навистина силна конкуренција за најголем спортски настан во бугарскиот спорт во XX-век е прогласано алпинистичкото искачување по западниот гребен на Еверест во 1984 година.
После него следуваат: учеството на бугарската репрезентација на Светското фудбалско првенство во САД во 1994год и освоеното 4-то место, „Златната топка“ на Христо Стоичков во 1994, првото олимписко злато за Бугарија во 1952г. (бокс), првото злато на зимска Олимпијада во 1998г. (биатлон), првата европска шампионска титула во 1936г.), првиот бугарски трикратен светски шампион (гимнастика - Марија Гигова во 1969, 1971, 1973), првата бугарска олимписка титула во 1956г...
Прерасна вест! Убав показател како во непосредното соседство се вреднува алпинизмот... Без друг коментар...
13.01 - Компаниите Блек Дајмонд, Ла Спортива, Патагонија и Маунтин Хардвер оформија заеднички фонд од 20 илјади долари за новоформираната „Коп-Деш Инспирирај Награда“ која ќе се доделува на северно-американски алпинисти како финансиска помош во нивните експедиции. Апликантите треба да имаат за цел искачување на нови насоки во далечни региони во брз, лесен и чист стил. Исто така тие за своите искачувања по своето враќање ќе треба да направат и добра презентација преку фото и/или видео материјали... Наградата е во чест на алпинистите Џони Коп и Мика Деш кои заедно со фотографот Вејд Џонсон минатата година загинаа во Кина - потсетете се овде >>>>
10.01 - На 10-ти Јануари познатиот шкотски качувач Дејв Меклод заедно со своите партнери, Доналд Кинг и Сем Вуд, го искористија студот кој буквално ја смрзнува цела Британија - креативно. Искачени се две нови насоки на Глен Ко - „Liquidation" VI,6 и „Frozen assets" VII,7. Дејв вели: „Најдобриот мраз за качување што сум го видел“. (на фотката десно)
Таксите во Пакистан: 03.01.2010 - Владата на Пакистан продолжува со намалување на таксите за искачување на планините и во 2010 година. Сите врвови под 6501мнв се ослободени од такси. За сите планини во Читрал и Гилгит регионите ќе има 90% намаление, освен за популарниот Спантик (7027м). Во периодот до Февруари пак – во зимската сезона ќе постои намалување од 95% на сите врвови. Врвовите кои не спаѓаат во овие категории ќе ги имаат следните такси:
6501-7000м.: 750$ за тим од седум качувачи (100$ за секој дополнителен качувач), 7001-7500м.: 1250$ за тим од седум качувачи (150$ за секој дополнителен), 7501-8000м.: 2000$ за тим од седум качувачи (250$ за секој дополнителен), 8001-8500м: 4500$ за тим од седум качувачи (750$ за секој дополнителен). К2 има посебна такса – 6000$ за тим од седум плус 1000$ за секој дополнителен качувач.
Новогодишно: 01.01.2010 - Традиционално искачување на насоката „Новогодишен“ (потсетете се овде >>>>) на Матка. Во раните утрински часови, благословени со убав дождец, Игор и Весна Талевски, Сашко Мирчевски и Надир Мурсели ја поминаа оваа насока посакувајќи си бериќетна Нова година - со убави искачувања, како во првиот ден :)