Доломити 2013 - Нојнер, Тофана, Фиренце и Кампаниле Басо

-18.08.2013г., Игор Т.

Во Доломитите и оваа година, како и минатата, сакавме да заминеме со група од помлади колеги, на кои врз база на нашето досегашно искуство во овие планини, сакавме да им помогнеме во започнувањето или продолжувањето на комуникацијата со нив. Сепак, за жал заминавме сами. И покрај тоа што од една страна тоа што заминавме сами значеше дека секое качување ќе биде поедноставно, во споредба на пример со качување во наврска од тројца алпинисти или пак ете ќе нема да имаме ситуација да се грижиме за некој друг наш колега на некоја друга насока, сепак од друга страна токму поради тоа што не знаевме дека ќе бидеме сами скоро до последниот момент – и немавме посебен план за акција. Наша самостојна акција that is...

Поради тоа што веќе имавме 4 години зад себе како качуваме таму, немањето посебен план и не беше некој голем проблем. Во тие 4 години си направивме прекрасни искачувања, но и останаа многу нереализирани соништа. Така што едноставно почнавме да се присетуваме на некои од нив. Со оглед на тоа што повторно, прва база ни беше Кортина, две планини отскокнуваа во овој список од овој регион: Нојнер (2968м - (не е баш во близината на Кортина, но ајде нека биде вака...)) и Тофана ди Розес (3225м).

Јужната страна на Нојнер не е воопшто голема: во средишниот дел и не е повисока од 250 метри. Сепак, привлекува со својата убавина: невидени бели плочи! А откако и стигнавме до нив, можам да кажам и дека се работи веројатно за најцврстиот варовник кој било кога сме го допреле до сега во Доломитите! Но и целиот тој поширок предел, кој се одзива на името Фанес, е многу различен од било што друго „доломитско“: насекаде наоколу, наместо препознатливи помалку или повеќе раскршени и помалку или повеќе високи варовнички грамади, овде карпите како и во случајот со Нојнер, не многу високи, навалени под благ агол и строго плочести и бели или „бледи“! Јужната страна на Нојнер пак – најубава! За дента имаше прогноза дека се очекува дожд и дека веројатноста за тоа е 60%. Сепак, Весна не’ поведе со голем оптимизам и така рано-рано, со автомобил од Кортина по околу еден- еден и пол час возење влеговме во долината Рау и се паркиравме пред планинскиот дом Педеру (со две точки над „у“-то). Времето беше сончево и тивко и се надевавме дека прогнозата како и секогаш до сега – ќе биде за подоцнежните, попладневни часови. Од овој дом до под карпата се стигнува за околу 4 часа.

Скоро во текот на целото време, немаше ниту трага од облаци. Освен во последните 20-тина минути... Кога стигнавме под карпата – веќе се’ беше темно. Весна сеуште влечеше со до сега невиден оптимизам :), но длабоко во себе некаде гледав грешка во тоа. Нојнер го посакуваме 4 години! Карпата не е висока и качувањето нема да трае повеќе од 2 -3 часа, а патувањето до нејзе и враќањето до кампот траат 8 часа! Ниту пак насоката не е нешто тешка: браќата Рајнолд и Гунтер Меснер во средишниот дел, заедно со Хермин Лотесберг искачиле насока со тежина до V (100 метри V и 150 Метри IV+). Нема ни некоја посебна тежина! Нојнер сите овие години ја посакувавме – само за да уживаме во тие прекрасни плочи во фини движења, а не непотребно да влегуваме во лесна карпа, разлигавена од дожд, на која се качува исклучително „на триење“ со поголемо растојание помеѓу точките... А карпата – прекрасна! Бела и цврста! Сигурно самата ќе се закопува во гумите на патиките...

Прв пат во мојот живот, седејќи под карпата, бавно облекувајќи го појасот и ставајќи ја опремата, размислувајќи за причината за која сум дошол да ја качувам оваа насока, на Весна и реков: „Ќе бидам посреќен, ако не качувам...“ Небото како да чекаше на тоа – неколку капки паднаа врз нас и ме смирија. Се спакувавме, тргнавме надолу и по само 20-тина минути почна силен дожд кој не’ киснеше се’ до автомобилот: околу четири часа... Од време на време се вртевме кон Нојнер. Беше сиво-црн. Дефинитивно бев посреќен што не качував. А би се вратил. Плочите се прекрасни!

Така започна нашата овогодишна посета :) Сепак така беше само тој ден. Прогнозите за следните денови беа совршени и веќе утредента бевме на таа другата планина која исто така не’ измачува уште од самиот почеток: Тофана!

Кога прв пат, во 2005-тата година, пристигнавме во овој дел од Доломитите, таа не’ изненади. Кога се доаѓа од југ, се’ додека не се тргне кон Фалзарего – не знаете што ве чека зад следниот агол: голема моќна карпа, скоро како на дофат! Ни носеше насмевки на лицата и ни ги отвараше ширум очите! Во овие неколку посети – скоро секогаш за време на деновите кога одбиравме што ќе качуваме, таа беше покриена со облаци, а својата убавина ќе ни ја покажеше дента кога ќе си одевме. Демек: не сега – следниот пат.

Е па тој следен пат, беше овој пат. По киснењето претходниот ден, сега кога пристигнавме со автомобилот до планинскиот дом Дибона (2000мнв) од каде започнува пристапот кој трае околу 1 час – карпата беше совршено портокалова, а небото – совршено сино! Тоа е тоа! Наш избор беше насоката на Уго Помпанин и Албино Алвера, која го следи јужното ребро на крајниот десен столб на оваа страна на планината. Прекрасно исцртана, јасна – многу очигледна линија. Уживавме до бескрај. По сите тие претходни сомневања од можеби премногу стравопочит кон оваа страна – сега некако се’ имаше благ вкус. Токму денес сме требале да бидеме овде! Немавме тргнато многу рано, но немаше гужва на оваа класика. Една наврска директно пред нас, а друга 3-4 должини над нас. Качувањето не е тешко, гребенот не се следи целосно, туку од време на време се качуваат страните кои го формираат.

Симнувањето исто така беше едноставно – добро означена и не многу експонирана патека која води до домот Кантоне, а од таму надолу кон Дибона. Дефинитивно строго препорачана насока како вовед во моќната Тофана! Би сакале да се вратиме на друг  дел од карпата – на подолгите насоки. Постојано прекрасен поглед кон сите други планини на кои претходно имавме качувано низ годините и од кои ни течеа лиги гледајќи кон Тофана: Формин, Аверау, Чинкве Тори...

Ден за одмор! Заминавме кон Каназеи многу релаксирано. Следниот ден сакавме да качуваме во една подзаскриена долина. Лесна насока, но во волшебен предел од тој типичниот: големи карпи над прекрасни зелени ливади. Бесценето!

Врвчето Италијанците си го викаат Торе Фиренце, високо е 2493 метри и се издигнува над Вал Гардена, при што градчето Сент Кристина е почетната точка. Во книгата која ја следиме сите овие години, за него само една насока: северо-западниот гребен кој е долг околу 500 метри и тежините во него не поминуваат повеќе од IV+. Сепак реално најмногу се качува тежина oд околу III/III+, а таа IV ја има во две должини, но затоа пак со оглед на тоа што експонираноста ја прави насоката подолго време сокриена од (оваа година посебно изразено!) жештините – се ужива во сцената. Уживањето трае и при симнувањето со убави погледи кон превојот Села и околните планини.

Од овој дел од Доломитите, заминавме кон најзападниот дел. Всушност тој е толку западен што наводно се поставувало прашањето и се воделе полемики дали и тие планини може да се каже дека се „Доломити“. Сепак и тоа колку се Доломити од секаков аспект: препознатливото издигнување на големи карпи и кули од прекрасен варовник! Се работи за групата Брента. Овде бевме сместени во кампот Фае кој е на 10-тина километри од градот Мадона ди Кампиљо. Од градот се стигнува со автомобил до планинскиот дом Валесинела, од каде се продолжува пеш до неколку домови во зависност од изборот на планината која сакате да ја качувате: Кастелето, Брента Алта, Крозон ди Брента и многу други.

Наш избор беше Кампаниле Басо (2883мнв) и тоа значеше пешачење од околу 2 часа до домот Брентеи (2120мнв), а потоа уште околу еден час до насоката: југо-западниот жлеб на овој голем столб т.е. насоката на Рудолф Ферман и Оливер Пери-Смит. Повторно се работи за многу очигледна насока која следи во целата своја должина жлеб и тежините не поминуваат повеќе од V. Единствен проблем ни беше почетокот, каде што имаше неколку варијанти како да се стигне до жлебот и секако како и најчесто што се случува, во обид да го избегнеме - го избравме најтешкиот влез :) Откако помина се’, се смешкавме на качувањето во чист стил на кратки две VI ки – превисни, некако мазни и лигави, но на цврста карпа која примаше одлично обезбедување. Потоа нагоре беше во ред. Човек мора да се восхитува на слободното качување кое го извеле гореспоменатите двајца мајстори пред нешто повеќе од 100 години! Прекрасни детали на одличен квалитет на карпа: превисести - но полни со очигледни решенија, плочести - но со малку сокриени решенија, пукнатини со најразлични широчини...

Со овие три, заокруживме бројка од 25 искачени алпинистички насоки во овие планини. Тоа се насоки на 18 различни карпи, грубо поминавме околу 7500 метри најразличен терен со тежини од III+ до VII- и со најразлична експонираност и детали. Уживавме во сите моменти без исклучок и научивме многу! Остануваме заслепени од убавината која ја видовме, сигурни сме дека сме виделе само трошка од се’ што Доломитите нудат, но веројатно ќе биде доста... Барем за некое време. Сигурни сме дека треба да почнеме да ѕиркаме кон други страни на светот и од таму веројатно да копнееме по нив :) Ве љубиме Доломити!!!

Повеќе фотографии можете да погледнете на нашиот ФБ профил овде >>>>

По искачувањата, заминавме на планинарска тура на Триглав и го посетивме Словенскиот Планински музеј. Прочитајте за тие искуства овде >>>>

Им се заблагодарувам во мое име, а и во име на Весна на Телесмарт Телеком и Outdoor.mk за поддршката!
Исто така изразуваме посебна благодарност и до Даниел и Нина Цанкоски!

Copyright © Alpinizam.org