На оваа тема:

- Остра Карпа - собир на МАФ во октомври/2012-та год.

- Остра Карпа - описи на дел од насоките;

- Остра Карпа - искачувања во 2006-та год.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Остра Карпа - октомври/2012г.

-15.10.2012г., Игор Т.

Собир на Македонската Алпинистичка Федерација

Минатиот викенд во организација на АК Плоча од Радовиш, на локалитетот Остра Карпа во близината на градот Прилеп, се одржа алпинистички собир на кој учествуваа членови од неколку алпинистички клубови при Македонската Алпинистичка Федерација.

Ова беше моја втора посета на овој локалитет после цели неверојатни 6 години од првата и последна посета која ја имав до тој момент, кога таму качував со Зоран Мајсторски, а на Весна (повторно неверојатно!) - дури прва. Велам „неверојатно“ затоа што карпите околу Прилеп ни станаа навистина посебен предизвик поради можностите за чистиот начин на качување таму, но никогаш не успеавме во овие години во тие неколку посети кои ги направивме на Трескавец, Плетвар и Камена баба, да ја посетиме и Остра Карпа. Зошто? Навистина не знам... Но ете овој собир на МАФ беше веројатно вистинската причина конечно да ја исправиме грешката.

Овој пат за разлика од претходниот, пристапот го правевме преку селото Прилепец и можам да кажам дека овој пристап до карпата е побрз и поинсипиративен од тој преку Селце. Од Прилепец карпите се постојано пред вас и како на дофат, но сепак поради не многу јасната патека (или можеби ние не ја знаеме доволно добро) пристапот од селото до насоките трае околу еден час до час и половина. Прилепец се наоѓа на околу 6 километри од Прилеп и до селото се стигнува со автомобил по добар земјен пат. Исто така, за разлика од бивакувањето претходниот пат, сега спиевме под цврст покрив – во манастирот Св. Никола, кој е на околу 2 километри од Прилепец, но по не толку добар земјен пат (барем не за возило кое не е 4х4, AWD или од тие таквите – џипови што ги викаат :)) Во манстирот бевме одлично примени, а имавме и прокеција вечерта. Зоран Мајсторски и Дејан Крле ни прикажаа фотографии од нивното искачување на Матерхорн годинава...

Во двата дена кои ги поминавме таму, со Весна ги искачивме насоките: „Верда стело“, „Мајсторот“, „Камински“ и „СИ“.



И што да кажам повеќе освен дека сите постоечки линии се навистина одлични! Се следат логични линии, а покрај постоечкото обезбедување во нив (некаде повеќе, а некаде помалку клинови) примаат одлично чокови и френдови. Верда стело и Камински ги имав качено претходниот пат, па така сега нов терен ми беа Мајсторот и СИ. Мајсторот е супер линија која многу храбро влегува во систем на пукнатини и уште похрабро излегува! И тоа толку похрабро што тие последни 30-тина метри се веројатно најзабележителниот момент во овие 4 насоки и останува во сеќавање. Многу добри движења! Од друга страна СИ – малку се помачивме да дојдеме до почетокот на насоката, иако е многу блиску до другите во овој дел од карпата. Кога дојдовме под нејзе пред да почнам да качувам, пречекот беше како хорор филм поради мовта над мене, потоа стана трилер поради влегувањето во мовта и скоро никаквото обезбедување низ убави и деликатни движења (зборувам за првите 7-8 метри, но така е само на изглед бидејќи има супер фаќалишта), а потоа стана лесна акција кон комедија откако карпата се навали под поубав агол (ако ме разбирате што сакам да кажам :)) и навистина беше супер уживање следењето на горните пукнатини и плочи. Сите овие постечки насоки се супер линии и супер вовед во нешто повеќе. А ни останаа и други кои треба да ги ѕирнеме од тие постоечките: Жикино Окно, Тапанот, Радовиш Директ, Чиракот, Хелоу Кити итн

А за тие другите линии – „непостоечките“ во моментов, но исто така некои од нив многу логични, тие ќе бидат нови ремек дела! Само треба малку повеќе да се потренира за нив, а ако некој ме претрка во тренингот ќе му завидувам :)

Copyright © Alpinizam.org