На оваа тема :

- Описи на К1, К2, К3 и К4,

- На К1 (V),

- На К3 (VI+, МиниМун :))

- Обид на К4 (VI+)

Обид на К4 (VI+)

- 14.06.2010г., Игор Т.

Во сеќавање на Павле Козјек и Панче Ѓорѓиевски и еден од најсилните проекти на Матка

Првото искачување го прават словенечкиот алпинист Павле Козјек и македонскиот алпинист Панче Ѓорѓиевски во 1982 година. Од Јован Попоски разбрав дека Павле во Скопје ја отслужувал својата воена обврска во ЈНА и од време на време правел искачувања на Матка, но и на други локалитети. Покрај некои интересни соло искачувања (и симнувања :)) на насоките на Отмарова карпа, Павле ја искачува и оваа линија во локалитетот каде во тој момент веќе биле искачени К1, К2 и К3 насоките. Јове ми кажа дека Павле од него позајмил цивилна облека и по искачувањето на насоката, кога се вратил целата облека му била испокината. Тоа секако се должи на неверојатната втора должина која следи многу тесен камин во кој веројатно се користи алпинистичко-спелеолошка техника :)

Еве што друго ни пренесува и Слободан Јованоски околу оваа насока:
„Прво повторување се обидовме да направиме со Диме. Тоа беше ако не се лажам на еден табор на Матка, што воедно беше и дел од подготовките за една од акциите кои ги имавме во план.

Со Диме стигнавме до превисниот дел од тесната пукнатина, што те исфрла надвор и каде што треба рацете да ги користиш како чокови. Се обидовме и двајцата, но не успеавме.

Првиот пат Павле исто така не успеа да ја качи насоката. Подолго време кршеше камења кои висеа на тој дел од самиот влез во пукнатината и потоа одлучи да дојде кратко време после тоа. Следниот пат ја качи целата насока до самиот крај заедно со Панче. Пане ми раскажуваше дека кога го гледал Павле додека го поминува тој дел од самиот влез во пукнатината мислел дека е тоа клучното место од насоката и неговиот најтежок и единствен таков момент, но кога му дошол нему редот видел дека тоа не било така. Го поминал тој дел со многу потешкотии, давајќи сé од себе и успеал да излезе до горе со асистенција од Павле. Тој беше многу скромен во неговото раскажување околу тоа што е пресудно за да може да се искачи оваа насока и кажуваше дека најголема тајна лежи во тоа да имаш силни раце.

Според информацијата што ја имам мислам дека Павле покрај клинот кој го закова во првиот дел од насоката кога бевме заедно, уште еден имаше заковано кај почетокот од пукнатината и потоа целата насока е завршена до крај слободно во еден здив. Оценката што ја имаше дадено беше VI+…“

Кога на ова ќе се надоврзат и други работи кои ги имам слушнато од Владимир Андреевски и Јован Попоски – разбирливо е зошто имаме голема почит околу оваа линија.

Разбирливо е исто така, но не и оправдано што под насоката дојдовме со голема импресија, а посебно јас - не бев скоро воопшто релаксиран. Се чувствував подготвен да видам што нуди оваа линија, но не и смирен во умот кој секако си ја одигра совршено својата улога во блокирањето на моето тело и грациозните движења кои вообичаено ги изведувам. ХаХа :)))

Тоа резултираше со искачување на само една должина. Со една таква ментална состојба – кога застанав под втората должина и го прикопчав првиот клин, погледнувајќи нагоре ми изгледаше како да гледам во отворена уста на бела ајкула :) Дефинитивно тоа беше знак за враќање. А не беше премногу топло. Карпата е во сенка до веројатно 12 часот. Почнавме релативно доцна – околу 8:30, но некако не беше многу топло – или не приметував од ситуацијата во која бевме.

Првата должина во континуитет е потешка од првата должина на К1. Првото сидриште е исто за двете насоки. Од аспект на обезбедување покрај тој еден кој го заковал Павле, сега има уште некои од кои барем 2-3 се заковани од Јове – кој ми потврди кога му кажував за тоа какви клинови сум видел во жлебот. Сé на сé во оваа должина мислам дека има 5-6 клина кои се доволно добри, но ако се сомнителни – има место за поставување на некој чок и френд што и го направив.

Фаќалиштата се добри. Има и лоши – во облик на лушпи и други нестабилни форми, но сепак насоката е таа и ако некој се брза – ова сигурно не е автопат со дозволени 130 km/h. Насокава треба да се почитува и да се качува внимателно и слободно – има можности и првата должина ја поминавме така. Потребно е да се направат барем уште 2-3 качувања за да таа биде целосно чиста од нестабилни камчиња, мов, треви и трња... Голем дел од тоа ние отстранивме, но уште 2-3 повторувања – ќе ја направат многу пријатна оваа линија... Техничката тежина на оваа должина е V/V+.

Како и да е – втората должина ме одврати. Се надевам наскоро – со првото заладување повторно да влеземе. За тоа – треба да се снабдиме со гооолеми френдови. Каминот станува доволно тесен да прими од постоечките на пазарот големини. Тоа би ми дало сигурно поголема самодоверба... Во секој случај, секогаш би се враќал од нејзе ако не можам слободно: без ковање дополнителни клинови, без влечење врз постоечките или користење други тракатанци и без абзелување од горе надоле за да ја чистам или вежбам. Само тоа според мене е достоинствено повторување - во што подобар стил.

Сега имаме уште поголема почит кон Павле и Панче, но и кои другите алпинисти кои се обидувале да ја повторат и кон тие кои ја повториле... Прекрасен проект!!!

Да не заборавиме. Панче Ѓорѓиевски загина при искачување на кулоарите на Лешница во 1983 година, а Павле Козјек во 2008 година при обид за искачување на нова насока на Мустаг кулата (7273м) во Пакистан.

Го славиме нивниот живот!

Copyright © Alpinizam.org