На оваа тема :

- Описи на К1, К2, К3 и К4,

- На К1 (V),

- На К3 (VI+, МиниМун :))

- Обид на К4 (VI+)

На К3 (60м, VI+)

- 08.06.2014г., Игор Т.

Оваа насока е првата насока која ја имам поминато на карпите кои се наоѓаат спроти Долна Матка. Тоа  беше пред точно 10 години (во  2004-тата година), заедно со Сашко Мирчевски, при што целата ја качував како втор во наврската. Знам само дека знаевме дека има некои насоки на тој заб, не знаевме точно која е која и кои им се тежините, па кога дојдовме под карпата, од 3-4 линии кои ги видовме над нас кои беа „означени“ со по некој клин кој можевме да го приметиме од долу, веројано избравме нешто што ни изгледаше најчисто (најмалку ронливо) и најлесно, како прв и логичен залак на оваа карпа. Дури после 4 години (во 2008-мата година), Јован Попоски, кој има најмногу првенствени насоки во овој дел од Матка, ми ги кажа точно имињата на насоките таму и други детали околу нив. Тогаш дознав дека со Сашко сум бил на К3:



Тоа ми беше прво и последно повторување на оваа насока. Весна, на оваа карпа со мене има качувано само на К1, а имавме обид и на К4.

Оваа карпа дефинитивно заслужува повеќе внимание. Точно е дека е пократка (насоките се долги „само“ 60-80 метри), но сепак напишаните приказни во нејзе се прекрасни и треба секој да ги прочита! Ми стана опсесија нејзината промоција. Жално е што е игнорирана, иако верувам дека секој кој оди кон Матка и потоа си оди од Матка кон дома, секогаш ги приметува тие линии и си ги плакне очите со пукнатините и камините кои се издигнуваат од долу, па се’ до врвот.

Минатата година заедно со неколку колеги колку-толку ја средивме и патеката за пристап и симнување од карпата, а поставивме и кутија со тетратка за запишување и верувајте дека за некој кој качувал таму пред нешто повеќе од една година – разликата веднаш ќе биде очигледна.  

К4 ни е проект кој би сакале да го заокружиме во некое скоро време, а во меѓувреме си грицкаме од околината: на К1 бевме повторно пред неколку месеци, а ете сега пред некој ден и на К3. Прв пат за Весна. Не се сеќавав на детали од искачувањето кое го направив пред 10 години со Сашко, но се сеќавав само дека имав по некоја потешкотија во првите 10-15 метри. И да ти било така. Добро сум се сеќавал. Слободно качување минимум VI+. Така барем мислам. МиниМун! Заглавување на прсти во тесни пукнатини, триење на плочести делови на страна од овие пукнатини... Фино е! Првото сидриште го направив на должина од нешто помалку од 30-тина метри: после еден краток тревест дел и пред почетокот на забележителна пукнатина која од тој момент не прекинува се’ до врвот. Овде има два клина, а ги подзасилив со уште едно френдче. Целата насока има клинови, но не е лошо да се носи секако и по некоја гуртна, сет чокови и избор на френдови (во еден момент во горниот дел на оваа пукнатина поставив и големина 6 од сетовите на Rock Empire, а да имав и 7ка, веројатно и таа ќе влезеше).

Додека првата должина (момент од нејзе на фотката десно) бара внимателен избор на мали фаќалишта и качување на триење со патиките и мали стојалишта, втората должина (која е околу 30 метри) следи многу убава пукнатина со различна ширина и е полесна – веројатно некаде околу V. И двете должини кога би се качувале почесто, би биле почисти, а со тоа и качувањето би било многу пофино уживање. Треба да ја пробате!

Copyright © Alpinizam.org