На оваа тема:

- Највисокиот курс за почетници;

- Најава за три нови насоки во 2013-та

Share

Монт Еверест - најава за 3 нови насоки

-15.02.2013г., Игор Т.

Конечно нешто убаво за Еверест

Каква прекрасна вест ова утро! За жал комерцијализацијата на оваа планина на нејзините нормални насоки, верувам дека кај сите свесни алпинисти создава мачнина и одбивност кон било каква новина поврзана со нејзе. Но, за среќа оваа вест која ја прочитав утрово, радува и ветува.

Во текот на оваа пролетна сезона, три тима се подготвуваат да направат искачување на Еверест по нови насоки и според најавите – во алпинистички стил, а познавајќи ги досегашните искачувања на дел од членовите, верувам дека некои од нив ќе бидат и без употреба на дополнителен кислород. Се надевам дека тоа ќе бидат силни пораки за следните генерации (ако одат според најавите)!

Два тима ќе се обидат од југ, а еден од север т.е. поточно: казахстанскиот алпинист Денис Урубко и рускиот алпинист Алексеј Болотов ќе се обидат да направат искачување на нова насока на северо-западната страна, руските алпинисти Глеб Соколов и Александер Кириков ќе се обидат да направат искачување на северната, а италијанскиот алпинист Симоне Моро и швајцарскиот алпинист Ули Штек ќе се обидат по јужната страна.

Ова е навистина освежување во споредба со сите досегашни „вести“ поврзани со Еверест! Не дека тоа не се знаеше гледајќи ги само бројките, но минатата година за пофино разбирање на реалноста, допринесоа неколку добри фотографии и клипови од редови и редови луѓе кон врвот.

Не дека нема да биде така и годинава. Сепак се вртат големи бројки во овој туризам на Еверест! Го читав интервјуто минатата година на Анг Церинг Шерпа и на кратко неговиот сума-сумарум за минатогодишната пролетна сезона само за Еверест беше: околу 400 искачувања од непалска страна (од кои 208 биле за прв пат на врвот) и 165 од тибетска страна (од кои 99 биле прв пат на врвот). Со тоа, заклучно со пролетната сезона минатата година, на Еверест биле направени вкупно 6149 искачувања, направени од 3755 различни луѓе.

И уште: во пролетната сезона минатата година биле издадени дозволи за 30 експедициски тимови кои имале 325 качувачи, 358 висински Шерпаси и 230 помошници во базните кампови и до вториот висински камп. Од тие 325 странци, на врвот се искачиле 178, а од 358-те висински Шерпаси, на врвот се искачиле 222. Според неговите проценки, само од овие експедиции непалската економија се офајдила за околу 11,5 милиони долари!

Оваа година е јубилејна. Во 1953-та година се случува првото документирано искачување на Еверест. Сепак јас би потсетил и на нешто што се случи и многу порано: кога во 1924-та година, член на третата британска експедиција без користење на дополнителен кислород стигна на 300 метри под врвот (соло во последните неколку метри)...

Во меѓувреме имаме можност да ги бодриме нашите современици кои и тоа како имаат што да кажат и покажат!

Copyright © Alpinizam.org