На оваа тема:

- Мразевите во долината на реката Радика;

- Неформален собир на МАФ (јан/2015)

Мразевите во долината на реката Радика

- качувања направени на 5/6 Јануари 2008 год.

Пред десет години бевме дел од групата која за прв пат направи искачувања на мразевите во Маврово – во долината на реката Радика. Во зимата 1998/1999 година, првиот мраз кој го качувавме беше именуван „Свеќа за загубените пријатели“. Искачувањата им беа посветени на починатите пријатели и колеги алпинисти: Славко Тодороски, Влатко Боцевски, Бранко Ристевски, Огнен Филиповски и Предраг Толмачев.

Овој мраз во изминатите години и најчесто го качувавме, поради наједноставниот пристап до него. Тој се наоѓа на околу 10-тина километри од браната во Маврово. На патот Маврово – Дебар има одвојување кон селото Ничпур и Стрезимир (патот за караулата на Кораб). Мразот се наоѓа веднаш до овој пат - на само околу 200 метри од тоа одвојување на левата страна и се издигнува околу 20 метри во височина. Стрмнината на мразот е од 75 до 90 степени и обезбедување може да се постави на дрвјата кои се наоѓаат над него до кои има лесен пристап од десната страна. Секако ако мразот е со добар квалитет може да се качува и од долу со поставување на клинови за мраз за што се потребни само за мразот околу 5-6 клина, а горното сидриште повторно би биле дрвјата над него.

На истиот пат – кон селото Ничпур (кое е на околу 3 километри од овој прв мраз), се наоѓаат и други 3 мраза – за кои барем ние знаеме во овој момент. На еден километар пред селото се наоѓа прекрасен мраз на карпите од спротивната страна на реката. Први качувачи на овој мраз (и можеби единствени до овој момент) се Сашко Мирчевски и Екалабја Зоран Божинов. Најбрз начин да се стигне до мразот е со преминување на реката. Овој пат мразот беше добро оформен, иако „тенок“. Можевме да видиме детал кој би бил интересен за поминување – имаше мал прекин од еден замрзнат дел до друг, но токму тоа е и главната карактеристика на овој мраз кој целосно може да се се качува во „микс“ варијанта т.е. со користење на карпата околу него...

мразевите пред НичпурДругите два мраза се во непосредна близина на селото и се високи околу 20 метри. Тие исто така се гледаат од патот и се наоѓаат на последните мали карпи пред селото веднаш над реката. Пристапот може да се направи низ селото. Се поминува мостот (пред кој има ширинка за оставање на возилата) и потоа по течението на реката се стигнува до мразевите. За жал овој пат тие не беа оформени целосно, но погледот кон нив ни ги наврати спомените од убавите искуства на нив. Посебно на левиот – поголемиот. На него имаше превис (на сликата се гледа превисот - каде е оформен мразот) кој се поминуваше со заглавување на едниот цепин во карпата во пукнатината под превисот, а со другиот цепин се замавнуваше „на слепо“ во тенкиот мраз над превисот. „На слепо“ бидејќи превисот е голем и не можевме точно да видиме каде и во колку квалитетен мраз го забодуваме цепинот. И за двата мраза обезбедување може да се постави на дрвјата кои се наоѓаат над нив...

Има уште два други мраза кои ги имаме качувано во тој регион. Едниот се наоѓа на патот кон селото Рибница, а другиот на главниот пат Маврово – Дебар или поточно на средината од тоа одвојување (за с. Рибница) и одвојувањето за селото Ничпур. Првиот е всушност мал мраз на кој едноставно пречевме и вежбавме поставување на клинови за мраз, а вториот е поголем и се издигнува веднаш над патот. Првите 7-8 метри се вертикален мраз кој потоа продолжува во замрзнат „јазик“ со блага стрмнина. Обезбедување како и кај другите мразеви се прави на дрвјата над мразот. Токму можноста да се постави обезбедување на дрвјата над мразевите (на сите овде опишани) доаѓа многу добро бидејќи може да се качува и кога мразот е со слаб квалитет, а не можете да го контролирате ентузијазмот...

Сите овие мразеви се наоѓаат во близина на некој пат и веруваме дека овој регион има големо „скриено богатство“ ако се скршне малку на страна...

мразот кај Рибница мразот на патот Маврово - Дебар

Copyright © 2005 Alpinizam.org