На оваа тема:

- Битола има мраз...,

- Мразевите во Маврово,

- Столбот на Патишка Река

Share

Десантот на Палиснопје

-31.01.2010г, Игор Т.

2:30ам – заѕвони алармот. По ѓаволите – зарем е можно да не сум доволно возбуден за да се разбудам некоја минута пред алармот како што вообичаено ми се случува пред вакви акции. Како е тоа можно? Па прв пат оваа година конечно заминувам со цел да качувам мраз! Дополнителна причина за возбуда – планираниот десант. Не на Дрвар – туку на Палиснопје на Пелистер.

Ненад и Ана потегнаа акција за напад на мразот со кој толку се фалеа Битолчанине (од СКК „Вертикал“) во последно време: бил голем, качувале секој ден после работа, ноќно, бла, бла, бла... А никако да нé викнат – да споделат. Така? Ок – правиме десант.

А за да успее тоа – мора да бидеме рано зад непријателските линии и да ги начекаме на спиење. По кратка подготовка на опремата, се собравме на договореното место во договореното време и тргнавме... На широкиот паркинг пред Молика пристигнавме околу 6 часот и за околу 40-тина минути бевме под мразот.

Мразот ептен нé израдува! Иако времето беше малку топло сабајлето и поткапнуваше вода околу главниот дел од мразот – сепак беше убав, а ние претерано возбудени - што побрзо поставивме обезбедување „од горе“ на дрвата над него и почнавме да ги забодуваме цепините и дерезите.

По неколку тури (од која само првото искачување беше тешко, а другите поминуваа одлично) – се слушнаа гласови на блискиот пат и заканувачки извик: „Бегајте од таму бе!“  Дојдоа Битолчаните – петмина на број во карактеристичен стил: гласно, со викање, смеење и очигледно со ново мото: „Никојпат доста!“. Вања беше упорен во повторувањето на тие стихови. Се испоздравивме, се испогушкавме... Беа изненадени, а ми изгледаше и како да се среќни што нé гледаат, но можеби се лажам :)

Поставија уште едно јаже и така се качуваа 2-3 варијанти во мразот. Но стануваше топло, мразот се топеше, беше мек и по неколку тури од сега осум качувачи почна да губи од предизвикот. Но беше секако многу добро и супер интересно - качувавме околу 5 часа на него!

Шала на страна – од Битола до мразот (на околу 1600мнв) момците веројатно стигнуваат за 40-тина минути (постои можност за користење и на турно скии со оглед на тоа што се пристапува по пат). Од дома за толку кратко време имаат 15-тина и повеќе метри висок мраз со многу убави детали: вертикален и превисен! После Патишка ова ми е најубаво искуство на мраз кај нас! После ова што го видов таму – тоа што беше направено и тоа што може да се направи (мразот се создава од вода која тече спроведена преку црево над една карпа) – дефинитивно е попримамлив од постоечките мразеви во Маврово – и по обемот и по тежината.

Супер искуство! Благодарност до Ненад и Ана за подбуцнувањето (искрено не би ми текнало никогаш да тргнам во 3:00ам на качување) и кон Битолчаните за сработеното во локалитетот и домаќинлакот.

Сите несогласувања околу нашиот неочекуван напад и неплатен долг кон нив (решија да ни наплатуваат по 100 денари од скршено парче од нивниот мраз) – го решивме во „Буре“ на Широк Сокак ;)

Арни?

Таму ни кажуваа за искачувањата на карпата кај Демир Капија пред две недели... Можевме да прочитаме и на нивниот сајт дека при искачувањето на „Влатчева“, Вања Атанасов и Горан Кузмановски бутнале дел од опасните нестабилни блокови пред второто сидриште на оваа насока (новата варијанта со експанзиони клинови). Меѓутоа имавме можност да го слушнеме целиот настан „во живо“. Кузето многу лесно успеал да го бутне едниот блок, а поради неговата големина ситуацијата изгледала и звучела како да се срушила целата карпа. Вања и Кузе гледале како луѓето од куќите од тој крај на Демир Капија се растрчале кон нив да видат што се случува. Веднаш почнале да им довикуваат дека се во ред и да не се грижат - да спречат да не се крене непотребна паника.

На нивните довикувања: „Арни сме, арни сме!“, слушнале одговор:

„Не сте, не сте!“ :)

Copyright © Alpinizam.org