Share

Отмарова насока, IV (IV+)

- 10.10.2009, Игор Т.

Ова е првата насока на карпата на Матка во нејзиниот централен дел – каде таа е највисока. Првиот обид за искачување на нова насока овде го прават Отмар Худомаљ (македонски алпинист со словенечко потекло) и Драги Трајковски на 4-ти Јули 1957 година. За жал во тој обид, високо во насоката (поточно во близина на вториот превис во третата должина) Отмар тогаш на 18-годишна возраст, загинува поради голем пад по извлекување на голем блок во тој дел. Насоката е именувана во негова чест – „Отмарова насока“.

Тоа е и една од првите насоки која ние ја имаме поминато на овој локалитет. Многу убава и логична линија со прекрасни моменти во секоја должина. Првата должина ја качуваме од заедничкиот почеток на „Козина“ и „Отмарова“ до сидриштето, со јаже од 60 метри. Ако имате пократко јаже може да се направи сидриште на 10-тина метри од почетокот – на една мала полица каде има лепен клин и алпинистички клин. Потоа линијата го следи жлебот од левата страна на карактеристичниот столб во средишниот дел на карпата. Во половината, полека започнува да се движи во десно кон почетокот на каминот каде е првото сидриште. (Директно нагоре продолжува насоката „Отмар - лева варијанта“)

Втората должина е каминеста и таквиот терен на крајот е затворен со многу убав превис кој како и во поголем дел од оваа должина го поминуваме со расчекор и високо дофаќање на добри фаќалишта. Ми се допаѓа експонираноста во тие моменти - кога ќе погледнам надолу имам чувство како целото тело да ми лебди во воздух некако... Тоа ми е омилен детал во насоката – меѓутоа и еден од најомилените од сите насоки на Матка! Од овде се стигнува до второто сидриште - „кај кутијата“.

Третата должина се движи исто така многу логично – кон жлебот лево нагоре над сидриштето кој на крајот станува превисен (полесен од превисот во втората должина) и завршува повторно нагоре низ краток и лесен жлеб со убави фаќалишта и стојалишта, но овде треба да се внимава на ронливост. Друга варијанта е да се отиде во лево кон гребенот и тој да се следи сé до сидриштето. Од ова сидриште следува 60 метри лесен, но раскршен терен со помали и поголеми нестабилни блокови и треба да се биде исклучително внимателен и да не дојде до опуштање по искачувањето на првите 3 должини...

Денес во оваа насока со по два лепени клина се обезбедни сите сидришта, но исто така по еден лепен клин заедно со алпинистички клин има и во средината на секоја должина така што од врвот до подножјето на карпата може да се абзелува и со едно јаже.

Потсетување и предупредување

„Карпата работи“... Во втората должина на Отмарова насока на Матка, во близина на превисот, наидов на клин кој е закован зад блок - кој денес е многу разлабавен и може многу лесно да се бутне со што се доведува во прашање сигурноста на клинот... Уште едно потсетување дека точките не треба да се прикопчуваат „на слепо“ и дека секогаш треба да се носи сопствено обезбедување (клинови, чокови, френдови...) независно што насоката се качува многу често и што сме практично „дома“!

На оваа тема:

- Отмарова насока;

- Отмар Худомаљ (кратка биографија);

- 1960 година

Copyright © Alpinizam.org