Горан Кузмановски (алпинист од Битола) нé известува за интересната авантура на Козјак каде качувал со неговиот колега Вања Атанасов

Врв Козјак

Факт е дека живееме во земја идеална за практикување како на летно така и на зимско качување. Додека низ светските локалитети не може да се стигне на ред за качување, кај нас, каде и да се свртиш има безброј неискачени линии низ карпите..

Благодарение на Аlpinizam.org, користам прилика, да представам еден идеален локалитет за зимско качување. Станува збор за Козјак, врв покрај самиот пат на Плетвар, каде има рабови и плочи со најразлични тежини.

Во Неделата на 17 Февруари, т.е. во можеби најсуровиот ден од целата зима, на температура од -15 С, јас и Вања решивме да го искачиме Козјак од потешката страна. Поради некои причини доста касно тргнавме од дома, но сепак решивме денот да го посветиме на Козјак. Колата ја паркиравме на паркингот со параклис од каде што одлично се гледаат карпите, а пристапот од таму е низ убав терен и околу 1,5 ч. до основата на рабовите.

Експонираноста на карпата како и за секој гребен е променлива, а карактеристично за карпата е што е составена од плочест релјеф, така што има огромна разлика од условите во кој се качува, т.е. дали се качува со дерези или без нив.  Целиот ден дуваше урагански ветер и вееше снег, качувавме со ракавици, а на потешките детали каде што ги вадевме, за секунда прстите се вкочануваа.

Таму каде што се обезбедувавме беше воглавно на чокови и по некој френд, а за нивно поставување беше потребно претходно да се чисти мразот од пукнатините. Вања на излезот од еден превис имаше и пад од околу метар-два, но чокот си ја заврши работата. Бевме договорени да качуваме до два часа пред стемнување, така што до тогаш имавме искачено околу 8 јажиња, а до врвот имаше уште доста и тоа крајните јажиња веројатно се и доста експонирани и сериозни. Со неколку абзели слеговме во еден од кулоарите од каде што внимателно слеговме до нормален терен.

Другиот ден и двајцата имавме измрзнатини по прстите и носот, но не многу сериозни.

Козјак ни остана како недовршен проект, но мислам дека во добри временски услови, поголем дел ке се оди во алпска наврска, и ќе може да се искачи за неколку часа.

Copyright © 2005 Alpinizam.org