|
Тенгкангпоч (6487м)
Прво искачување на северната страна на оваа планина во чист алпинистички стил
На 24-ти Април 2008 година Ули Штек и Симон Антаматен го направија првото искачување во алпинистички стил на северната страна на Тенгкангпоч (6487м) – планина во долината Кумбу во Непал. Насоката се вика Checkmate (оцена: М7+ или М6, А0 – со должина од 2000 метри и стрмнина од 85 степени) и е нивно прво успешно искачување во непалските Хималаи оваа пролетна сезона. За потсетување – нивната главна цел е искачувањето на неверојатната јужна страна на Анапурна (8091м).
Искачувањето е направено во чист алпинистички стил – без експанзиони клинови и фиксни јажиња во период од четири дена (во двата правци). Започнале на 21-ви Април и по два дена стигнале на гребенот на висина од 6350м каде бивакувале. На врвот се искачиле утрото во 7:15 часот по локално време.
На Анапурна планираат да качуваат во алпинистички стил и без употреба на дополнителен кислород по насоката која ја започнаа алпинистите Кристоф Лафаел и Пјер Бегин во 1992 година. При тоа искачување Бегин загина на висина од 7100м, а Лафаел загина во 2006 година при обид за соло искачување во зимски услови на Макалу.
Во 1950 година Анапурна стана првата искачена планина повисока од 8000м - од француска експедиција. Таа статистички е планина со најголема смртност – 40%, најмногу поради лавините по кои оваа планина е позната. До 2005 година на нејзе се имаат качено само 103 алпинисти, а имаат загинато 56.
Јужната страна на Анапурна прв пат е качена во 1970 година од британска експедиција водена од Крис Бонингтон при што на врвот застануваат алпинистите Дагал Хастон и Дон Виланс. |