За Дин Потер слушнавме пред неколку години - т.е. го видовме на една фотка прикажан како качува соло на Ел Капитен. Беше без обезбедување - со јажето на грб како ранче, стотици метри над земја.

Во 1998 година тој се качи соло на Халф Доум за 4 часа и 17 минути, а на 26-ти и 27-ми Јули 1999 година го направи првото соло „поврзување“ на Ел Капитен и Халф Доум, качувајќи ги овие две големи карпи за помалку од 24 часа.

Ова е негов (малку „поинаков“) текст за искуствата при посетата на Патагонија, кога во 2002 година во соло стил искачува три големи насоки:

„Суперканалета“ (1700м, VI / A1, 80/90степени) и „Калифорниски Рулет“ (1300м, VI / WI5) на Фицрој и „Компресор“ (900м, VI / A2) на Серо Торе

Гавраните и Патагонија

Од секогаш сум бил некако поврзан со гавраните. Ми се појавуваат во соништата во текот на ноќта, а ме пронаоѓаат и преку денот. Пронаоѓам знаци во правецот на нивното летање и во бројот и тонот на нивните гракања. Често и им одговарам со мое „Гра!!!“...

Пред да заминам за Патагонија оваа година, месецот Декември го поминав во Јута – уживајќи во топлината и сувоста на пустината и минувајќи го времето со мојот најдобар пријател Бред. Седевме на една полица високо на карпите и гледавме како наоколу летаат неколку гаврани. Ние зборувавме, а тие гракаа.

Во тој момент Бред ми рече дека нема гаврани во Патагонија. Веќе бев доволно под притисок поради одлуката да каувам соло во тие планини и сега ова дополнително ме вознемири. Бред ми предложи да нацртам гавран на мојот шлем.

Следното утро седевме во нашето омилено место на кафе и Бред ја замоли Сидни, која таму беше келнерка, а која е и уметник, да ми нацрта гавран на шлемот. Таа нé погледна некако чудно и помислив дека ќе си мисли дека сме некакви чудаци. Пиејќи го нашето трето кафе јас повторно ја замолив, но овој пат бевме вџашени од нејзиниот одговор.

„Баш ми е чудно што ми велите да нацртам гавран“, рече таа правејќи долга пауза после тоа. „Пред неколку недели пронајдов мртов гавран и мислам дека тој беше загинат од струен удар на далноводите.“

Подзинавме. Се прашував дали таа знае дека на мојата визит карта имам нацртан електрифициран гавран... Сигурно не знаеше.

„Совршено е зачуван“, продолжи Сид. „Не знаев што да правам со него, па го ставив во пластична кеса и го ставив во замрзнувач.“

Бевме вчудоневидени и почнавме да се смееме неконтролирано, повторувајќи постојано „Мораш да го нацрташ гавранот! Покажи ни го мртвиот гавран!“ Изгледа за среќа Сид разбираше.

Подоцна отидов во нејзиниот дом за да го оставам шлемот и да ја видам птицата. Пердувите некако беа помеки отколку што си замислував и изгледаше многу кршливо со крилјата преклопени преку градите. Во следните неколку недели бев многу зафатен и не ја видов Сидни се дури не отидов да си го земам шлемот пред да заминам на аеродромот. Шлемот беше портокалов и на него нацртаниот гавран изгледаше како да лета кон сонцето.

Во Патагонија

Кога пристигнав во Патагонија, времето се подобруваше. Во период од една недела, ја постигнав зацртаната цел – се искачив соло на насоката Суперканалета (Супер Кулоар) на Фицрој. Сé се одвиваше одлично и ја поминав насоката за шест и пол часа.

Овој пат започна да беснее вистинско патагониско невреме и јас бев стуткан под Фицрој во една мала дупка. Заглушувачки ветер ме опсипуваше со снег и мраз. Бев притиснат од целата моја опрема во бивак вреќата и се обидував да се ослободам пред да ми пукне меурот. Ја покрив мојата опрема со камења и побрзав да отидам на другата срана од карпата, обидувајќи се да ги откопчам патентите на време. Сега кога ми беше полесно увидов дека ветерот овде не е толку силен како кај мојот бивак. Се измачував себеси во изминативе 18 саати на само 8 метри од место каде што можев да поминам многу покомфорно...

„Ништо не оди како што треба“, си помислив. Претходниот ден за малку ме промаши еден одрон и едвај се додржав на еден заглавен камен.

„Не треба да сум овде!“извикав во ветерот. Во тој момент ми дојде мисла дека би требало да качувам соло на Серо Торе наместо овде, но ми требаше знак – како екстремно лошото време да не беше доволно само по себе.

Сепак си помислив дека треба да ги смирам моите мисли и да се фокусирам на Фицрој. Веројатно бев исплашен и се обидував да се наговорам да не качувам. Па и времето ќе се поправи...

Одеднаш кога се свртев да погледнам кон мојата опрема, од таму излета шлемот и помина покрај мене како во забавена снимка. Одлета кон Серо Торе и изчезна. Скокнав и извикав:„Шлему!!!“ Немав време да ги облечам чевлите и по чорапи истрчав по глечерот во безнадежна потера. Имав едноделен полар комплет и се чувствував како некое дете облечено во пижами, а ветерот ме буткаше кон кревасите.

Увидувајќи дека се наоѓам опкружен од огромни пукнатини, се смирив и заклучив дека го загубив шлемот. Тој ја исполни својата задача - конечно разбрав дека е време да си одам. Се вратив кон моето место ползејќи спроти силниот ветер.
Ја набуткав мојата опрема во малиот ранец чии тенки гуртни ги засекуваа моите рамења. Остатокот од денот и поголемиот дел од ноќта ги поминав движејќи се низ бескраен растопен лавиринт на креваси. Ветерот ме бутна на земја безброј пати и носеше ситни парченца мраз кон мене. Сето тоа изгледаше како да нема крај и се трудев да не потонам во депресија.

Целосно го заобиколив масивот на Фицрој и се вратив во кампот Де Агостини. Пешачев 48 часа и бев на безбедно, а тоа беше едно од најзаморните искуства кои сум ги имал. Се онесвестив. Ме разбуди мојот пријател Хозе следното попладне. Му ја раскажав целата приказна и го прашав дали знае некој да не има вишок шлем. Хозе се насмеа и отрча кон својот шатор. Сé уште бев поспан и го видов како доаѓа со некаков жолтеникав шлем. Ми го подаде и го видов препознатливиот црн гавран нацртан на предната страна. Се насмевнав.

Работите си дојдоа на свое место во следните два дена. Иако бев преморен од мојата мисија околу Фицрој, успеав да се средам и подготвам за Серо Торе. Овде ја поминав насоката Компресор, од глечерот до врвот за 11 часа – соло. По една недела направив соло искачување и на западната страна на Фицрој по насоката Калифорниски Рулет. Додека абзелував бев погоден од камен и едвај успеав да стигнам до долу. Како и обично ми беше потребен силен знак дека е време да си одам дома.

Повторно сум назад во пустината и се обидувам да ја повратам мојата изгубена енергија. Во моите соништа ги имам испружено црните крилја и целосно свесен го слушам светот околу мене – подготвен за повикот.

 
Copyright © Alpinizam.org