Други теми:

- техники на качување на снег и мраз;

- обезбедување на снег и мраз;

- падови по заснежени падини;

- поставување на тубуларци

 

Kачување на мраз

Тубуларци - основи за поставување

Полека но сигурно се приближува сезоната на мразеви. Не знам за вас, но сега веќе срцето посилно ми чука кога ја здогледувам кутијата во која ги чуваме тубуларците – навртните клиновите за мраз, ставена на страна помеѓу другата наша алпинистичка опрема. Полека почнав да ја отварам кутијата, да ги проверувам тубуларците, да гледам кој е за острење а кој не, евентуална надградба со нови... Јуху! Мраз! Минатата сезона „успеавме“ да бидеме многу малку активни на нашите мразеви искачувајќи само некои во долината на Радика, но оваа година тоа нема да може да помине така лесно. Да се потсетиме еве на основите околу поставувањето на тубуларците во мразот.

Основна работа за брзо, ефикасно и безбедно поставување на тубуларецот е тој да биде остар како жилет и да не е оштетен во навоите. Тоа се постигнува пред сé секако со добра грижа. Кога се пакуваат помеѓу другата опрема да не се поставуваат да се удираат со другите метални делови од опремата – како на пример со дерезите или со други тубуларци, туку да се чуваат во посебни за тоа изработени заштитни обвивки кои најчесто доаѓаат „во комплет“ со нив при купувањето. Исто така постојат и други посебни носачи кои служат за нивна заштита од оштетување. Секако треба да се внимава и на „софтверот“ (јажето, гуртните...) кој многу лесно може да стане неупотреблив ако не биде и тој заштитен од тубуларците.

Ок! Почнуваме да качуваме и стигнуваме до место каде веќе имаме потреба да ставиме тубуларец. Се почнува со добро поставување на нозете т.е. со добро забодување на дерезите со што како и во качувањето на карпа нозете би ја превземале поголемата тежина и би се имало поголема слобода за работа со рацете. Исто така тие треба да бидат поставени во иста рамнина со што тежината на телото би била рамномерно распределена.

Замавнувањето на цепините треба да се прави од место од кое имате сила и моќ. Ако почувствувате замор во нозете, поставете ги одново на подобро место па дури потоа продолжете. Поставувањето на цепинот со раката на која ќе висите, треба да биде секако солидно за да чувствувате сигурност и уште поголема слобода да работите со горниот дел од телото и со другата слободна рака при навртувањето. Раката на која ќе висите треба да биде испружена и при тоа ако имате гуртни на цепинот може да висите на нив со цел да се штеди сила во неа. Колковите и нозете треба да се поблиску до мразот, а со горниот дел од телото треба да сте одвоени од него. Со другата рака треба да почнете да го подготвувате теренот.

Прво треба да се исчисти горниот слој на мразот кој може да биде нестабилен и секако ако веднаш на таков мраз поставите тубуларец тој не би бил функционален. Значи со удирање и гребење во него со цепинот со другата (слободна) рака дојдете до стабилен мраз. Местото на поставување на тубуларецот треба да биде отприлика на висина на половината на вашето тело, со што би можеле со целото тело да бутнете и помогнете при навртувањето. Ако местото биде високо тогаш навртувањето ќе оди потешко. Откако сé е подготвено за навртување на тубуларецот забодете го и другиот цепин во мразот и ослободете ја раката од него. Поради тоа што тој цепин ќе остане „сам“ на мразот добро е секако тој да биде поврзан со вашиот појас со некоја тенка замка, како дополнителна сигурност и заштита од негово одглавување или случајно поместување од вас при навртувањето.

Извадете го тубуларецот од појасот и пред да започнете со навртување, удрете лесно со неговиот врв (или со цепинот претходно) во мразот со што би направиле мала дупка во која би навртувале. Потоа продолжете на тој начин што истовремено би буткале со вашето тело и рака и би го навртувале. Кога квалитетот на мразот е добар тубуларецот треба да биде поставен или под прав агол со него или малку свртен надолу - во правец на извлекување, а кога мразот е со лош квалитет тубуларецот треба да е свртен нагоре и секако ако тоа го дозволува мразот тоа треба да е клин со поголема должина.

Прикопчајте комплет на тубуларецот, прикопчајте го јажето во комплетот и продолжете. Поставувањето на експониран и вертикален дел на мраз со полош квалитет секако може да биде заморна работа па така во такви услови секогаш кога ќе дојдете до некоја поличка или мало „олабавуавање“ на теренот веднаш поставете тубуларец. Од аспект на тоа на колкаво растојание треба тие да бидат поставени тоа секако зависи од тежината на насоката и вашата потреба.

Испитувања од Блек Дајмонд за тубуларците
(Од аспект на тоа под каков агол треба да се поставува клинот во однос на мразот)

Во комапнијата при испитувањата се користени тубуларци со должина од 13, 17 и 22 сантиметри. Термини: „негативен агол“ – кога тубуларецот е поставен над правиот агол во однос на мразот; „позитивен агол“ – кога тубуларецот е поставен под правиот агол т.е. во правец на извлекување или пад.

Најпрво – сите испитани тубуларци се поставувани така што ушката на клинот стигнува до мразот т.е. во мразот е навртена целата должина. Испитувањата (за сите должини на тубуларци комбинирано) покажале дека силата на држење на тубуларецот е за два пати поголема кога тој е поставен околу 15 степени под правиот агол (под „позитивен агол“) т.е. кога е поставен во правецот на пад.

Секако тоа се испитувања направени во цврст мраз и не може да се прифати тоа како апсолутно правило. Ако мразот е со лош квалитет треба да се земе во предвид дека тубуларецот ако се постави под „негативен агол“ со мразот и ќе може да зависи и од притискање на него наместо само од извлекувањето. На ваков начин треба да се размислува да се постави тубуларецот и кога временските услови се такви да мразот брзо се топи.

 
Copyright © Alpinizam.org