На оваа тема:

- Карабинери (нешто како вовед)

- Внимавајте на карабинерите

Share

Карабинери

- 09.10.2011, Игор Т.

Нешто како вовед

Опремата за качување е во постојана еволуција. Независно за кој дел од опремата зборуваме, сите производители на пазарот се стремат да понудат што попрактичен и пофункционален модел. Кај карабинерите најважни карактеристики се неговата тежина (што е посебно важно за долги насоки и денес производителите на разни начини овозможуваат тие да бидат што полесни: со поставување вратички од жица, со намалување на масата на телото и слично – секако без намалување на издржливоста на карабинерот), силата (која е најголема по главната - големата оска на карабинерот, а се намалува ако тој се изврти и дојде до оптоварување на малата оска или пак ако дојде до оптоварување при отворена вратичка) и големината на отворот на вратичката (што поголем отвор овозможува толку полесно и побрзо прикопчување во и откопчување од системот или точката за обезбедување).

Денес кај карабинерите можеме да ги приметиме следниве поделби:

Според обликот на вратичката на карабинерот:
Со права вратичка – основен модел на карабинер;
Со крива вратичка – вратичката е малку заоблена со цел што полесно да се прикопчува јажето низ неа. Поради тоа кај комплетите (два карабинери поврзани со гуртна - види најдолу), денес најчесто едниот карабинер е со права вратичка и тој се користи за прикопчување за точката за обезбедување (клин, чок, френд...), а другиот карабинер е со крива вратичка и тој се користи за да на него се прикопча јажето;
Вратичка која е од жица – неколку предности во однос на карабинер со класична („полна“) вратичка: се добива полесен карабинер кој често има поголем отвор при прикопчувањето на јажето што овозможува полесна работа при качувањето, но и при поставувањето повеќе точки на сидриштата (повеќе лагерски чворови и гуртни на карабинерот во некоја „замрсена“ ситуација). Исто така ваквиот карабинер има помалку можност да замрзне во „зимски“ насоки, поради тоа што вратичката од жица има помалку контакт со остатокот од телото на карабинерот во споредба со полната вратичка;
Карабинер со матица (вратичка која се заклучува) – се користат при обезбедување (при качување, сидришта...) и механизмот поставен на вратичката дава сигурност дека нема да дојде до нејзино случајно отварање, што би било опасно по безбедноста на качувачот и наврската. Овој механизам е рачен (со навртување) или пак автоматски (различни начини кај различни производители);

Според обликот на телото на карабинерот:
„D” – најчест облик на карабинер кој овозможува тежината при пад или обезбедување, подобро да се распредели по главната оска на карабинерот во која тој има и најголема сила;
Овален – најчесто се користат при поставување сидришта;
Крушковиден – обликот на карабинерот е таков да еден дел е потесен, а друг поширок. Поширокиот дел овозможува поголем отвор при прикопчување на јажето и полесна работа со него кога тоа е веќе поставено во карабинерот. Исто како и кај „D“ обликот, овој облик овозможува тежината при пад или обезбедување, подобро да се распредели по главната оска на карабинерот во која тој има и најголема сила
„HMS“ – карабинер со матица кој има изразено поголемо тело. Тоа значи и поголема тежина, но поради „просторот“ во нив, овие карабинери се одлични за обезбедување (на пример со полулагерски чвор) и абзелување...

Повеќе за опремата на Rock Empire - www.rockempire.cz

Copyright © Alpinizam.org