Детали:

 

Со цел да се намали притисокот врз задниот дел од глуждот при долго качување на нагорнини, Алпина во своите чевли поставува „флекс зона“ - со што се олеснува и релаксира движењето.

 

Кај повеќето свои модели на чевли, Алпина изработува посебни модели за женски и машки стопала. Тоа е случај и со „Комна“. Кај машкиот модел, кројот над глуждот е асиметричен и издигнат, а кај женскиот модел спуштен. Тоа е со цел моделите да одговараат на различната анатомија на машките и женските стопала и соодветно да нудат дополнителна подршка и подеднаква дистрибуција на притисокиот при стапнувањето...

 

Share

Алпина „Комна“ на Солунска

-25.03.2010г., Игор Т.

Временските услови полека ќе попуштаат. Со добрата прогноза за изминатиот викенд, одлучивме да ја посетиме Солунска Глава, веројатно во најубавиот период од годината за нејзе – пријатно топло, а со доволно снег да радува со својата белина. Имавме среќа што и денот беше чист и можевме во целост да уживаме во убав поглед кон сите страни, а дуваше само лесен ветер на гребенот...

Ова искачување сакавме да го искористиме и за пробување на моделот „Комна“ на Алпина. Моделот „Тибет“ помина лесно – на суви планинарски патеки и искачување на сува карпа, па сега сакавме да направиме тестирање на овој друг модел во повлажни услови.

„Комна“ спаѓа во полесна трекинг категорија од „Тибет“ – но со исти перформанси од аспект на користен материјал: Симпатекс како заштитна мембрана, докажаната Вибрам гума и нежната, но издржлива Нубук кожа. Разликата во двата модели е во дебелината на кожата, која кај „Комна“ изнесува 2,3мм.

Чевлите нé воодушевија уште со првиот чекор. Буквално. Нешто што при првото пробување го забележавме беше тоа колку се лесни. А тоа посебно јас го приметувам носејќи број „47“. Да, кај овој модел - “47“. На таа големина „Комна“ тежи одлични 930 грама.

Исто така уште во првиот ден, при „процесот“ на разгазување увидовме дека чевлата е супер комфорна и стопалото се чувствува многу лесно во нив. Всушност толку беа пријатни чевлите што на Солунска ги користевме без скоро никакво разгазување и немавме никакви проблеми во текот на целиот ден поминат во планината. Тоа посебно се должи на анатомската влошка – дизајнизрана да даде комфор и да ја релаксира ногата.

Вибрамот користен во овие модели нé воодушеви со својата „лепливост“. Ќе повторам – „Тибет“ имаше лесна задача на сувиот „Новогодишен“, но овој пат гумата користена за „Комна“ имаше шанса да се покаже во вистинско светло. Стапнувавме на секој камен, карпа, блок по патот – влажен од стопен снег, со снег на него, сува карпа со влажен ѓон – секаква комбинација. Вибрамот повторно се покажа одлично!

Поради тоа што патеката кон врвот не беше разгазена, чевлите имаа добар контакт со снегот. После околу осум часа движење низ влажен терен, што со снег, што со надојдени потоци од истопен снег, решивме да го ставиме на испит Симпатексот – во целост. Тестот личеше повеќе на тест на пераи, отколку на чевли за планинарење. Никогаш во нормални услови не би се движел така – директно низ насобраната вода во вирови, надојдени потоци, реки... Буквално стоевме во водата – нешто што до сега сум го правел само со пластичните чевли. Кожата беше натопена, меѓутоа внатре во чевлата беше суво.

Таквата одлична непропустливост значи дека треба да се биде многу внимателен да не влезе вода или снег од горе во чевлите – тоа за снегот беше лесно користејќи камашни, но во потоците беше интересно да се гледа чевлата ставена во вода скоро до над глуждот...

Исто така одлично се покажа и дишечкиот карактер на Симпатексот. Носевме волнени чорапи, па покрај влагата од надвор, материјалот требаше да се справи и со потта од стопалата поради топлото време. Бевме воодушевени!

Чевлите се покажаа супер. Многу комфорни, пријатни и лесни за носење, но и издржливи – на износување, гребење и слично, а исто така и одлично отпорни на вода.

За продолжен век на траење на отпорната природа на овие материјали во продавниците на Алпина може да се најде и соодветна галантерија за грижа на чевлите – четки, спрејови за импрегнација и слично.

 

Ги пробавме и овие модели на Алпина:

Користени материјали:

 

„Вибрам“ гумата е препознатлив бренд за високо квалитетни ѓонови. Со својата цврстина нуди стабилност при движењето на секаков терен. Во 1936 година, италијанскиот алпинист Витале Брамани започнува со употреба на гумата за подобри перформанси и безбедност при качувањето и од тогаш компанијата со својата иновативност е на прво место во изборот за ѓонови кај повеќе од 1000 производители...

 

Германскиот „Симпатекс“ е дишечки материјал кој е 100% отпорен на вода, ветер и е еколошки разградлив. Мембраната со дебелина од само 5 микрометри е лесна, растеглива и докажано отпорна на износување. Ја задржува својата функционалност на долг период и за разлика од други слични технологии не е порозна - мембраната не се блокира од честички и може често да се чисти...

 

 

 

 

Copyright © Alpinizam.org