На оваа тема:

- Искачувања во 1952г;

- Соло во 1934г.

За „Планински Вестник“:

Излегува од февруари 1895-тата година и е четвртото најстаро списание во Словенија. Тоа започнува да излегува како гласник на Словенското Планинско Друштво (СПД) од Љубљана и до сега во целиот овој период, негови главни уредници биле осум луѓе, почнувајќи од првиот: проф. Антон Микуш.

Тој во својот вовед во првиот број на списанието, објаснува дека Планински Весник се појавува на само две години делување на СПД и е создадено „со искрена желба Словенците подобро да се запознаат со убавините на својата татковина, која толку искрено ја сакаат... За да СПД може да ја исполни својата цел, одлучува да започне да издава месечник преку кој ќе се објавуваат текстови и фотографии за различни планински активности...“

Колку едно вакво списание е важно и одиграло улога во развојот на планинските спортови во Словенија, веројатно само по себе показател е неговото постоење како месечник веќе 117 години.

За Македонија

На неговите страници првиот општ текст за Македонија се појавува во 1927-мата година, првиот глас за Солунска Глава во 1934-тата (преку фотографија на карпите), а во 1935-тата и описот на Урош Жупанчич за соло искачувањето... Секако се сретнуваат текстови и за други планини во Македонија: Кораб, Пелистер и Галичица (споменати прв пат во 1934-тата), Шар Планина (прв пат се појавува во списанието во1935-та), трансферзалата Љуботен-Кораб (во 1939-та) итн...

Повеќе информации

Планински Весник >>>>

Share

Во 1934-тата година, Словенецот Урош Жупанчич
искачи соло насока на Солунска Глава...

-26.11.2012г., Игор Т.

Во јули 1935-тата година тој напиша текст за ова искачување за списанието „Планински Вестник“.
Текстот ви го претставувам подолу, но прво на кратко...

За авторот

Името на Урош Жупанчич (1911-1992) најмногу, ако не и единствено го поврзуваме со историјата на алпинистичката активност во Македонија, преку неговото соло искачување на карпите под Солунска Глава во 1934-тата година.

Тој почнува да качува на 17-годишна возраст и во периодот пред втората светска војна е еден од најдобрите качувачи во Словенија. Качувал соло и со партнери, при тоа искачувајќи преку 100 првенствени насоки во летни и зимски услови на многу домашни локалитети (пр. Триглав, Мојстровка, Травник, Јаловец...), но и локалитети во други земји (пр. Доломити, Монт Блан, Дурмитор, Солунска Глава, Шар Планина, Кораб...).

Покрај качувањето, тој е вклучен и во други активности во планините: одржување на планинските патеки во Јулиските Алпи, работа како инструктор во летни и зимски семинари, во периодот 1946-1953 бил начелник и организатор на Планинската спасителна служба учествувајќи во 600 спасителни акции (од 1927г), бил неколкугодишен советник во планинскиот клуб Јасенице, а исто така и еден од инспираторите за основање на планински музеј во Словенија...

20-години по неговата смрт, ми претставува чест што имам можност на Алпинизам.орг да го пренесам неговиот личен опис за соло искачувањето на карпите под Солунска глава (кое го направил на 23-годишна возраст) и да му оддадам со тоа посебна почит и можност барем малку подобро да го запознаеме преку неговите мисли.

Изразувам благодарност до Урбан Новак кој во наше име го оствари контактот со „Планински Весник“ во Словенија и благодарен сум до ова списание што ни дозволи да го споделиме текстот на Урош со вас. Благодарност и до г-динот Ацо Спасовски за преводот на текстот од словенечки на македонски јазик...

Нежиловски карпи

-текст: Урош Жупанчич
(текстот е објавен во списанието „Планински Весник“ бр.1935/07)

Лани пред есента, кога  имавме долготрајни дождови и не мислевме на планинарски активности, пријатно ме изненади поканата на претседателот на Словенското Планинско Друштво (СПД), д-р Претнар, заедно со него да учествувам на конгресот во царско Скопје. Ми вети дека ќе ме качи во дивиот планински крај, кој на него и на други малку им е познат. Ништо друго не можев од него да извлечам. Молчеше и му беше пријатно така да кажам, исто така и за него ветената Јужна Србија. Ми порача да се спремам за качување и да си побарам партнер. Таму сред старата Македонија, недалеку од Скопје, се издигнува од темните шуми кон небото: горда, тешко достапна и непроодна карпа.

Дури по пат го осознав името кое таму доле ги крие проблемите за алпинистите. За време на долготрајното возење и кога мислевме на сé и ни стануваше заморно, сé си дојде на свое. Неговата уста постојано беше полна со пофалби за близу 1000 метри високата и дива карпа од која над изворот на Бабуна, од шумата се издига врвот на Солунска глава (2540 м) кон Караџица - во тоа, некогаш за Турците, опасно место во кое се криеле револуциониери и комити. Со нетрпение чекавме да стигнеме во Скопје и да го напуштиме и да стигнеме во срцето на романтичниот, но сé уште непознат планински свет. Минуваа денови и полека течеа часови. Во Скопје го чекав другарот кој ми вети дека ќе дојде по мене.

Најдовме многу Словенци во Душановата престолнина, а меѓу нив бев гостин кај господин Капус по потекло од Камeна Горица. Како страствен ловец по крв, тој поминал голем дел од оваа земја. Скоро целиот македонски југ го обиколил ловејќи зајаци, птици, а траги на диви кози го довеле таму каде сега водеше мојот пат. Тука добив нови идеи од привлечните зборови кои ја опишувале околината на Солунска глава. Кај него на ручек кој го подготви неговата љубезна госпоѓа, по потекло од Штип, „гостопримливата Македонка”, имав прилика да ја прочитам домашната ревија “Живот и свет”, во која домаќинот пишува токму за Солунска глава и ги повикува Словенците да дојдат и да се испробаат со силните, темни опасности на источната карпа на Солунска глава. Непоколебливо бев одлучен да го прифатам тој повик. Зошто непотребни зборови? Нервозно се шетав по Скопје и при секој воз го очекував мојот пријател. Конечно! Тоа попладне на 9-ти септември, на брзина 4 Словенци се сместивме во возот за Велес. Погледнувавме од возот кон југ. Таму далеку, висок врв ги допирал облаците... За време на ноќта го напуштивме Велес. Претходно си избравме кола и млад шофер - Али. Купивме овошје и колата побрза по прошетка по патот во ноќта кон дивата маларична покраина. Другите задремаа, а јас пак, поради возбудливите мисли кои ми се раѓаа во душата и кои сакаа остварување, не спиев. Гледав на раскопаниот пат. Во еден момент излезе зајак. Покрај патот овчарите ги чуваа овците. Ми се причинија исти такви како тие кои ги гледав во градинка: со долги кожуви и со шубари на глава  и со долг стап во раката. Повеќе пати на шумот на моторот, овчарите ги придружуваа на патот и силни кучиња. Човек кој би пешачел таму во ноќта, не би бил безбеден и сигурен пред нив. Очите и забите им светеа на светлото на фаровите.

Некаде пред полноќ се приближивме во местото Богомила, каде имавме скромна вечера и заспавме во колата. Рано наутро пред 3 часот шоферот нé однесе понатаму. Следуваше раскопаниот шумски пат, но нашиот Али беше вистински уметник зад воланот. Кога му беше најтешко, ја пееше својата песна со жалосен мол. За девојка, а за што друго? Убаво, што му годи на младо момче. На крајот на патот повторно нé пресретнаа кучиња со кои секое село е полно. Селската стража нé упати на вистинскиот пат за селото Папродиште. Понатаму нé придружуваа две верни кучиња. Некако стигнавме во селото, го побаравме жупанот, кого во тие краеви го викаат “кмет”, а и ловецот Лозо, кој ја  знае целата шумска околина. Двајцата ни дадоа добри упатства, а Лозо нé испрати со помладиот брат и со коњ во планината. Низ студената шума и планина, полна со папрат, по кој и селото го носи името, стигнавме на седлото Чепље, а тоа е пријатно место за одмор. По ливадите растат многу сочни и дебели боровинки, со кои се насладивме. Во исто време го набљудувавме горниот дел на долината Бабуна, како и карпата која осамена над изворот за првпат се покажува во својата сила и непристапност.

Не чекав долго. Ми се брзаше. Кратка снимка и се разделивме. Јас веднаш го фатив патот попреку низ густата шума во насока на карпата, а останатите тргнаа по патот нагоре кон левата ивица на карпата. “На врвот ќе се сретнеме”, си кажавме едни на други, си посакавме “Среќен пат” и се изгубивме секој во својата шума. Кучињата од селото постојано одеа зад нас, а им се придружи и едно ловечко куче со мазно крзно.

Тешко го пробивав патот низ густата и бујна букова шума. Таа беше толку густа, што не ја гледав карпата пред себе. Некако се пробив и ми се покажа бунестиот терен на левата страна на карпата. Го продолжив патот по широката ливада на десно, кон не знам колку тешки пристапни долови, кои се надвисуваат на изворот на Бабуна. Скоро над секоја огромна карпа кружеа орли. Не мислејќи на друго, ја здогледав карпата пред себе и барав премини. И покрај големата жештина која ја жареше силното сонце и белите загреани камења, брзо напредував. На местото од кое карпата добро се гледаше пред мене, седнав да се одморам. Наеднаш слушнав и навистина се исплашив, тешко дишење и тркалање на камења. Навистина бев подготвен да видам волк. Овде го викаат “курјак “. Волк во тие краеви не е нешто невообичаено. Сепак тоа не беше волк, туку три задишани кучиња кои го пробиваа патот кон мене. Изморени се испружија во мојата сенка и тешко дишеа. Колку верно и предадено животно. Секое доби парче леб.

Морав да продолжам по полици, а кучињата некако ги избркав да се вратат назад. Го пресеков ридот и се најдов на мазна и од камења и вода испрана вдлабнатина која ја одбрав за качување. До овде се качував лесно со чевлите. Понатаму со тешкотии се качував со чевли за качување и се сместив во мазниот кулоар, кој исто така е и целиот покриен со ситна прашина. Кучињата од долу испуштија жалосен лавеж, некое време кружеа околу кулоарот и некако сепак разбраа дека не мора да одат понатаму со мене. Се стрчаа назад по сртот, но по малку повторно застанаа и гледаа кон мене. Кучешка верност! Понатаму нервозно се качував. Мислев и на кучињата и на себе. Над карпата над мене кружеа гологлави орли. Малку по малку и некако дојдов во свој елемент. Наидов на место, каде длабнатината стрмно се издигнува во превисен и мазен скок. Се сместив во десно на место на кое можев да одморам, но тоа беше тесно. Преку него пријдов на мазна, мала тревната падина. Потоа со обезбедување на клин, кој го забив во единственото можно место, направив ризичен скок во лево, кон вдлабнатина на полесно рамно место. Околу насипот повторно пријдов на тревнато место и од левото место за одмор се качував нагоре. Од таму се оди до огромна пештера, која се гледа исто така, ако се пријде до неа околу насипот.

Пештерата личи на огромна, почесна и темна катедрала, погледот кон неа е величествен, а во длабочината пак - страшен. Доколку фрлиш камен ќе увидиш дека е заоблена. По долго време чекање во длабочината слушнав тресок. Во тој момент, не знам дали навистина или по сугестија, слушнав шум на вода во длабочината. По стрмниот и кршлив срт внимателно поминав од пештерата кон кулоарот; бидејќи мојата замислена насока водеше нагоре по можност секогаш во него или десно од него. Откако повторно стапнав во кулоарот и кога сакав да се искачувам нагоре по него, видов дека во тој правец не би успеал, па затоа почнав да барам премин по косата полица кон лево нагоре. Во почетокот полицата е доста широка, а некако во еден момент се прекинува скоро целосно. Со неколку ситни чекори, кои се ронливи, таа продолжува понатаму. Се обидов да забијам клин, а во кршливата карпа тој би морал да биде долг 25 сантиметри, со цел целосно да го прими. Додека го забивав клинот се откорнаа поголема и помала кора карпа и се покажа дека таа е бела како мермер. Со клинот значи не можев да си помогнам.

“Како понатаму?“, ми зуеше во главата. Назад никако не, напред е невозможно, но сепак неколку метри понатаму повторно се покажа добра полица, која се протегаше право нагоре. Како да и пријдам со мали чекори? Погледав надолу. Таму далеку ги видов кучињата кои се враќаа. Како убаво се враќаат. А јас? Најпрво се одморив. Потоа како мачка се залепив на карпата, со допир и ситни чекори почнав да пречам како крадец. Ни самиот не знам како ја распоредив својата тежина - на сите можни страни, само не на стапалата. Го задржав здивот, а нервите и мозокот даваа прецизни, нежни движења. Уште малку и се истегнав кон полицата. Се ослободив, срцето силно биеше, а рацете и нозете ми трепереа. Ако требаше уште малку да продолжам, силата ќе ми откажеше и би се струполил од карпата надолу во длабочината. Кој би ме нашол во тој див крај? Ми се смири срцето, а и рацете и нозете.

Уште неколку чекори лесно се качував по полицата, потоа одев по слабо изразени, прекинати делови, поминав во десно во насока кон централната карпа. Излезе дека движењата се претешки и напорни, станав крајно внимателен. Имаше малку дрскост и ризичност кај мене и потоа среќно, не знам како, пријдов преку пониската препрека. Не би излегло на добро доколку се заплеткав. Затоа прво се тргнав на лево кон левиот раб. Во вистинско време се тргнав од полицата. Додека бев на работ преку полицата се стркала камења, кои ги турнаа козите, пасејќи на огромните чистинки над карпата.Тука на работ во такви околности не се чувствував сигурен. Многу е експониран и стрмен, но се качував по него нагоре преку темножолтите делови толку високо, што стигнав на тревната полица, која ми дојде право пред мене. Понатаму по работ качувањето не е можно поради црвениот превисен дел. Го заобиколив по полицата на десно. Така од него се свртев нагоре по работ и некако полицата поминува во кулоар, кој по краевите го граничат компактни, рамни карпи, а на левата страна тревната рамнина со нешто како дрвени скали. По нив лесно, но несигурно се искачив на горниот раб на карпата, токму до другата помала јама. Бидејќи качувањето на десно од неа води преку кршливи превои, тргнав од јамата по полесната полица во лево кон излезот.

Откако стапнав на тревата, бев изморен како никогаш. Паднав на неа, се испружив и цврсто заспав. Не знам колку долго спиев, но помина доста време, кога покрај себе слушнав дишење. Од страв се разбудив од слаткиот и пријатен сон и видов како две кучиња кружеа околу мене и мавтаа со опашките. Колку се верни овие животни! Се изнамачиле за да поминат на превојот и да дојдат на горниот дел на карпата... Бев среќен, но се загрижив за тоа каде е третото куче. Дали можеби загинало и сега го јадат орлите? Кутрото куче! По некое време стигнаа и другите Словенци по ивицата на карпата, која се протега на лево. Срцата на сите нас беа исполнети со радост за успехот. Станавме за да се качиме на темето на победениот џин на македонските планини. Се овековечивме и уживавме во убавиот поглед наоколу по шумовитите планини, кои во многу пластови се простираат од најниските висини право до облаците.
Карпата и насоката се одлични, ронливоста е голема, се качував три и пол часа. Тоа беше толку добро време бидејќи не си дозволив одмор - од грижа тоа што сé ме чека.

Кога вечерта се сретнавме со Лозо, му беше малку криво што карпата е освоена. Тој како домаќин имал повеќе право на неа од нас. Сега веќе не е девица! Ми рече: ”Одеше како мачка. Богами јунак си!“ Ни раскажуваше за таинствениот свет над земјата и под земјата во околината. Ова е секако интересна област за истражување.

Copyright © Alpinizam.org