Верверичките од Кортина – 70 годишнина

1-ви Јули 1939 година – датум кој многу значи во историјата на италијанскиот алпинизам. Во градот Кортина Дампецо е оформено „Друштвото на Верверичките“ кое подоцна се преименува во „Верверичките од Кортина“. Група за која Италијанците велат дека го симболизира зачетокот на вистинскиот алпинизам кај нив – и покрај тоа што и многу порано не само во овој град туку и на други места се правени силни искачувања.

„Верверичките се мажи и жени кои не се професионални водичи заинтересирани само за заработување и профит, туку се алпинисти посветени на чистотата во качувањето и тестирањето на сопствените способности на разни технички тежини на големите карпести ѕидови... “

Групата ја формираат десет млади алпинисти – сите на возраст од 15 до 18 години: Албино и Силвио Алвера, Романо Аполонио, Анџело Бернарди, Еторе Костантини, Сиро Дандреа, Џузепе и Луиџи Гедина, Бортоло Помпанин и Марио Зардини.

„Овие млади луѓе одлучија да формираат своја не профитна организација базирана на промоцијата на алпинизмот, која подоцна се развиваше и во други активности во планините...“

Групата зад себе има документирано стотици нови насоки во Доломитите и Алпите, а едно од најголемите искачувања во кое учествуваат е и првото искачување на К2 (8611м) во Хималаите. На 31-ви Јули 1954 година на врвот како членови на италијанската експедиција застануваат Ахиле Компањони и „Верверичката“ Лино Лакадели.

Во чест на оваа експедиција (по повод 50-годишнината) алпинистите од Кортина во 2004 година организираат повторно искачување на К2 и при тоа на врвот застануваат 6 Верверички: Марио Дибона, Ренато Сотсас, Марко Дапоцо, Рензо Бенедети, Марио Лакадели и Лучијано Зардини.

Во 2005 година за прв пат ги посетивме Доломитите и можевме да видиме како целиот град, но и целата поширока област - живееше за Верверичките. На сите куќи, продавници, хотели се вееја знамињата со нивниот симбол и се чувствуваше голема гордост.

Кортина живее со планинските спортови и алпинизмот и среќни сме што можевме да ја почувствуваме таа инспиративна енергија која всушност нé влече што поскоро повторно таму... Знаеме колку една ваква годишнина му значи на тоа место и со овој текст ја изразуваме нашата благодарност и почит кон сите Верверички за нивната огромна инспирација.  

На оваа тема:

- Доломити 2008г.,

- Доломити 2005г.

Copyright © Alpinizam.org