На оваа тема:

- Само со смартфон, не е баш смарт;

- Маркирањето - оглупувaње на планината

Само со смартфон, не е баш смарт

03.09.2012г. Во средината на август, британскиот весник Гардијан објави статија во која ги известува и предупредува своите читатели да не зависат само од апликациите за навигација на своите „смартфони“ кога заминуваат во планините.

Посебен поттик за ова предупредување беше акцијата за потрага по 16 луѓе кои се загубиле во шкотските планини и кои токму тоа го направиле – без рачен ГПС уред или нормална мапа и компас, зависеле само од тоа што го овозможува нивниот „смартфон“ преку апликациите за навигација. Се работело за два случаи од кои едниот бил за група од двајца, а другиот за група од 14 луѓе (но претходно имало и други вакви случаи). За среќа акцијата завршила добро и сите изгубени лица биле пронајдени и спасени благодарение на здружената активност на полицијата, планинските спасителни екипи на терен и хеликоптерските екипи. Сепак телефоните барем си ја завршиле својата примарна функција – полицијата била известена благодарение на телефонскиот повик кој го добила од изгубените. Некои од нив воопшто не биле во состојба да им кажат каде се наоѓаат.

Еден од водачите на спасувачките екипи изјавил: „Убаво е тоа што сé повеќе луѓе одат во планините, но мора да сме целосно свесни за ограничувањата на новите технологии и треба да избегнуваме да зависиме само од нив. Апликациите не се пасош кој гарантира искуство без ризик во планините. Минатата ноќ имавме два одвоени инциденти во кои беа вклучени 16 луѓе кои зависеле само од апликации на смартфони за навигација и кои не беа ниту соодветно опремени за моменталните услови во планините... Овие технологии се фин додаток во навигациските помошни средства, но не смееме да ги тргнеме на страна двете многу важни работи за безбедно поминување во планините, а тоа е способност за навигација користејќи традиционална мапа и компас, дури и кога имаме некоја друга технологија со нас и потребата да сме соодветно опремени и облечени за моменталните услови...“

Британскиот планинарски совет на својата официјална страна исто така пишува за овој случај, дополнувајќи го со изјавата на еден од загубените: Дејв Тејт. Тој заедно со својата партнерка Шерил Лич биле пронајдени од страна на спасувачките екипи во 2 часот по полноќ. Дејв го изјавил следново: „Дури и кога имав сигнал на телефонот, ГПС-от на него, мапите и компасот беа неупотребливи благодарение на мајката природа. Јас потоа и се јавив во Епл и успеав да зборувам со висок претставник на оваа компанија во САД. Тој ми рече дека iPhone-от не е наменет за користење во високи места (н.з. највисоката планина во Британија е висока околу 1300 метри), во изолирани средини или пак во екстремни услови.“

Заклучок од ова секако не треба да биде тоа воопшто да не се користат овие апликации во т.н. паметни телефони, туку тоа дека кога одиме во планина треба да понесеме и мапа и компас и секако најважно - да знаеме како да ги користиме т.е. да ги знаеме основите на навигацијата и читање на мапа и користење на компас...

 
Copyright © Alpinizam.org