Наша забелешка:

Среќни сме што Јован Попоски ја прифатил кандидатурата за нов Претседател на ФПСМ и сметаме дека ваков предлог требаше да се случи многу, многу порано.

Искрено - долго време сме апатични за политичките случувања на сите нивоа на делување на ФПСМ, но сепак сме свесни за потребата од сериозна промена на структурите во раководството - посебно на позицијата Претседател.

Сметаме дека Јове е вистински човек за една ваква функција познавајќи ја неговата спортска биографија и познавајќи го лично преку некои заеднички акции и искачувања.

Со изгласувањето на Јове на таа функција веруваме во поставувањето на реномето на планинските спортови на едно многу повисоко ниво, а посебно на вистинскиот алпинизам.

 

Кандидатура за нов претседател на ФПСМ

На 10-ти Јуни 2009 година со допис до ФПСМ, Градскиот Планинарски Сојуз - Скопје го кандидира Јован Попоски - Јове за нов Претседател на ФПСМ. Еве што стои во дописот пропратено со кратка биографија на Јове:

До Собрание на ФПСМ, Претседателство на ФПСМ и до сите Асоцијации на ФПСМ:

Предмет: Предлог кандидат за Претседател на ФПСМ

За нов Претседател на ФПСМ го кандидираме Јован Попоски - алпинист.

Забелешка: Во нашето писмо 21/09 од 06.06.2009 год. ја оспоривме постапката за избор на нов претседател поради несоодветно водење на истата по писмото од МПА што беше испратено без број, датум и со отворено агитирање за конкретен кандидат. Во писмото нагласивме дека ако постапката сепак продолжи, а за да не ни се одземе нашето право ќе излеземе со наш кандидат, што во случајов го правиме.

Биографија на Јован Попоски (со акцент на неговото планинарење и алпинизам)

Возраст: 61 година

Семејство: оженет, две деца

Образование: Дипл. машински инженер, диплома по информатика - анализа на системи

Професионални лиценци: шест лиценци - за проектирање, ревидирање, инвеститорски инженеринг и надозр во областа на машинството - енергетика

Работно искуство: во областа на проектирање и изведување, изготвување на инвестициони програми и проекти, надзор на изградба на објекти, инспекција и прием на објекти

Во областа на образованието: демонстратор на факултет, професор во средно училиште, професор на факултет

Актуелно: директор на EnviTech LTD - Hong Kong, предлагач (во состав на стручен тим) на проекти од интерес за Македонија

Во планинарењето и алпинизмот: Од пред педесетина години кога детството секојдневно му тече на Тумбе кафе кај Битола, а подоцна на Пелистер до ден денес кога исто секојдневно е на планина - на Водно кај Скопје. Планината е средината која ја чувствува за свој дом

Од 1960 година членува во планинарската организација: учествува во изградба на планинарски домови, трасирање и маркирање на планинарски патеки, поминал курсеви за водич во планина а подоцна бил инструктор на такви курсеви;

Еден од реализаторите на големиот сојузен слет на планинари-пионери на Водно во 1965 година со учество на над 1200 планинари од цела тогашна Југославија, со други планинари промотивно поставува некои планинарски трансверзали во Македонија: Скопје - Охрид, Скопје-Крушево, Скопје-Прилеп и познатата зимска трансверзала Љуботен-Титов Врв;

Член на Планинарската спасителна служба на Македонија од формирањето и носител на зпасителна значка бр. 15, учествува во многу спасителни акции во рамки на Планинарската Спасителна Служба на Македонија, учествува во повеќе спасителни акции заедно со специјалните единици на војската и полицијата, во повеќе наврати е член на претседателството на ПСМ...

Во алпинизмот:

Со алпинизам се бави од 1964 година кога ја искачува Отмаровата насока на Матка.

Истата година, на 15-годишна возраст е претставник на Македонија на сојузен табор на Северната карпа на Триглав заедно со легендите на македонскиот алпинизам Јован Ангелов - Циго и Владимир Андреевски - Пајо со кои ги искачува насоките Долга Немшка, Скалашка, Цимерјанка, Баварска и Скалашка-Горенска.

На истиот табор со Пајо спасуваат алпинисти од Чехословачка за што добиваат пофалби од водачот на таборот - легендарниот словенечки алпинист Јоже Чоп (качувач на класичната насока Чопов Стебер на оваа карпа)

Учесник на десетици алпинистички табори во Македонија, Југославија и ширум светот - на повеќето како водач

Искачени десетици првенствени насоки - скоро на сите алпинистички локалитети во Македонија, на Дурмитор и Проклетие во Југославија и други држави, носител на алпинистичкото звање „Алпинист - водач“,

Еден од иницијаторите, оснивачите и активен долгогодишен член на познатото Алпинистичко Друштво „Матка“ кое останува основа на алпинизмот во Македонија во еден континуитет до денес,

Организатор, инструктор и водач на десетици алпинистички курсеви и школи, долгогодишен началник на Комисијата за алпинизам при ПСМ,

Член на Југословенската експедиција на Јужната карпа на Лотце -во 1981 година во Хималаите, во како што велат најсилниот алпинистички тим што било кога е составен од 28 алпинисти меѓу кои: Марјан Манфреда, Нејц Заплотник, Андреј Штремфељ, Стипе Божиќ, Вики Грошељ, Алеш Кунавер, Борут Бергант, Франчек Кнез, Вања Матјевец, Филип Бенце, браќата Подгорник итн.

Иницијатор и еден од предлагачите на Програмата за МАХЕ (Македонските Алпинистички екпседиции) 1982-1989 со крајна цела Македонија да стигне до Монт Еверест, заменик претседател на Комитетот за МАХЕ, водач на подготовките и селектор на алпинистите за тимовите на сите четири МАХЕ, водач и качувач на сите МАХЕ: 1982 година на Анди (Хуаскаран - 6878м), 1984 година на Памир (Пик Комунизам - 7495м), 1986 година на Хималаи (Манаслу - 8167м), 1989 година на Хималаи (Монт Еверест - 8848м)

Признанија: повеќе највисоки признанија од ПСМ и ПСЈ, прогласуван за спортист на Скопје (лично) и спортист на Македонија (екипно) за резултати во алпинизмот, награда 13-ти Ноември за резултати во спортот,

Карактеристика: познат и популарен како алпинист и планинар во Македонија и повеќе други држави - амбасадор на македонскиот алпинизам и планинарење ширум светот,

Други спортови: атлетика, пливање, фудбал (тренирал во младоста), скијање, параглајдерство, планински велосипедизам (рекреативно)

Хоби: фотографија, печуркарство

Интереси: историјата и иднината на Македонија и македонскиот народ, сознанијата и размислувањата за постоењето и времето

Copyright © Alpinizam.org