Пол Мејси Пол Мејси

 

Приодприод

 

Поглед од врвот од врвот

 

Вода од блиското езеро за чај, супа... вода

Монт Витни (4417м)

- извадок од текст напишан за гласникот „Алпинист“ во Февруари/2001г., Игор Т.

… Во Сан Диего се запознав со Пол Мејси – алпинист од Нов Зеланд кој подолго време престојувал во Лос Анџелес и кој имаше желба на почетокот на декември (2000г.) да оди на некоја планина. Се знаевме многу малку, но сепак целата работа околу размислувањето каде да одиме и раскажувањето на некои случки од некои наши поранешни качувања многу брзо разви убаво пријателство...

...Се одлучивме за лесна патека до врвот на највисоката планина во Калифорнија, а и во континентална Америка (без Алјаска) - планината Витни. Нејзината највисока точка е на 4417мнв. Се подготвивме со опрема за качување на снег и мраз и со топла облека и знам дека Пол неколку пати на шала ми рече: „Колку би можело да биде лошо времето – па ова е Калифорнија.“ Сепак ова беше само шала па и двајцата имавме полни и тешки ранци. Пол бил на таа планина во тој период претходно и ми рече дека времето може да биде навистина лошо. Нашето патување беше временски ограничено – поради работни обврски кои ги имаше Пол имавме само три дена на располагање и тоа беше уште еден факт кој ја правеше целата ситуација уште помирна – поточно воопшто и двајцата не бевме оптеретени да се качиме на врвот на највисоката или било која планина, туку само сакавме да бидеме на планина...

...Првиот ден тргнавме од нула надморска височина (Сан Диего) и со автомобил стигнавме на 2200мнв во 12 часот попладнето. Таму се подготвивме и по 4 часа пешачење стигнавме на височина од 3300мнв каде што го поставивме нашиот шатор и преспавме. На вториот ден (4-ти декември 2000г.) имавме 5 часа пешачење до врвот каде што уживавме во убавиот поглед 20-тина минути. Се вративме кај шаторот и по уште една преспиена ноќ таму, следниот ден се вративме кај автомобилот и од таму – дома. Температурите не беа многу ниски преку ден, а навечер до -10 степени Целзиусови.

...Бев среќен да бидам во тој простор – беше нов и убав. Имаше чудни врвови кои се издигнуваа во височина без никакво предупредување и убави, мали и замрзнати езера. Нашиот шатор беше на убава положба – покрај едно од езерата заокружено со карпести врвови кои со зајдисонцето беа обоени во портокалова боја. Првите зраци во утрото паѓаа токму на нашиот шатор, а во далечината го гледавме прекрасното изгрејсонце на небото...

...Среќен сум што се качив на таа височина, но не од аспект дека сум бил на највисокото, туку од аспект дека видов од мое лично искуство дека можам добро да функционирам на таа височина и дека со добра аклиматизација можат да се прават и поубави качувања. Среќен сум што по враќањето во шаторот веднаш го отворив водичот за да ги разгледувам насоките по вертикалните столбови што одеа до врвот на планината... Фактот колку беше планината висока е позади многу ситни работи кои се случуваа. Во сеќавање ми се пред се': искачувањето на стрмниот кулоар со снег, звукот на забивањето на дерезите во совршено цврстиот снег, поминувањето на јазиците од зелен мраз под врвот и погледот по целата нивна должина кој завршуваше во провалија, погледот што се простираше во секој момент во стрмните делови кога во моменти на одмор ни даваше голема инспирација и енергија да продолжиме и многу други работи. Се сеќавам добро на честите паузи што ги правев пред врвот на буквално стотина метри од него кога голем замор ме принудуваше да седнам и да ја набљудувам таа точка и хоризонтот што се криеше зад неа...

Се сеќавам на малите птици кои на височина од 4000 метри трпеливо не' следеа и ни носеа насмевка со својата храброст – јадеа од нашите раце...

Кога се присетувам денес на ова искачување, нешто што најмногу ми се допадна беше тоа што бевме целосно сами во планината. Летно време овде како што можев да прочитам има толку многу луѓе што треба да се закаже термин во ренџерската станица во градот во подножјето и е дозволен само одреден број луѓе во текот на еден ден. Сега ние едноставно само се запишавме во кутијата пред станицата (ниту ренџерите не беа таму) за да се знае каде сме отишле и какви се нашите планови во случај на незгода и едноставно ја имавме целата планина само за нас...

- Игор, 2001г.

Copyright © Alpinizam.org