Околу манастирот Трескавец

- Игор Т. (14.02.2009)

Две нови насоки во чист стил

Во последно време сум приметил кога некој ќе ме покани да одам да качувам на некој нов локалитет или ќе ми пристапи со некоја нова идеа – како да ме фаќа криза некоја ако што побрзо не го реализирам тоа. Постојано размислувам за идеата, го контактирам предизвикувачот - итн, итн... Со Горан Кузмановски и Вања Атанасов (алпинисти од Битола) се видовме кога бевме на мразот во Маврово – тоа беше „случајна“ средба („случајно“ е во наводници бидејќи нели ништо не е случајно). Тогаш Горан ми пушти две пецки. Втората нема да ја кажам, но првата беше да одиме на карпите околу Прилеп. На Остра Карпа бев пред не знам колку време и уште тогаш напишав дека бев воодушевен од тамошните можности. Каде и да погледнеш – карпи... Повеќе карпи отколку трева, грмушки, дрвја... Повеќе карпи отколку ѕвезди на небото...

И како да не се нервираш кога знаеш што сé има таму, а поминале околу месец дена од буцкањето. Горан уште по не фер играч – ми пушти и некои фотографии од неговата последна посета... И морав да одам независно на временските прогнози кои велеа – облачно, вакво –онакво. Морав да одам и во најмала рака барем да видам и допрам, а за качување друг пат евентуално.

Се сретнавме со Горан и Вања во Прилеп и со две коли отидовме во некои ниви кои ни беа во правец на манастирот Трескавец (Успение на Пресвета Богородица). Отидовме што поблиску со колите - буквално на 10-тина метри од некое лозје, се паркиравме и тргнавме. По ѓаволите колку работи има таму за качување... Сепак наша идеа беше да качуваме должини, а не болдер проблеми и имавме две опции. „Едни плочи“ на околу саат време или карпите околу Трескавец. Се решивме за второто и покрај подолгиот пристап. По пат си муабетевме за вакви или онакви планирани или направени проекти, времето беше некако полу сончево но многу студено, ептен малку се забутавме во едни грмушки и – стигнавме. Горан нé однесе веднаш до карпа (на околу 300-400 метри пред манастирот) каде кога бил претходен пат видел некои интересни линии. Сите секако видовме за што зборува и кога почнавме да се ладиме од стоење (почна да дува студен ветер) решивме веднаш да влеземе во некои од нив.

Прва беше линијата која следеше еден голем крив оџак, кој почнуваше тесно, но брзо се ширеше. Како добри домаќини момците ми дадоа шанса јас да влезам прв во него. Со мене земав само чокови и френдови и обезбедување можеше да се постави на малце поголемо растојание и на места во сомнителни позиции, но се чувствував многу добро. Кога го гледавме оџакот од долу, идеата беше да се следи неговата крива линија во целост, меѓутоа таквата линија иако совршено естетска, ќе беше чисто солирање поради слабата можност за обезбедување и тоа ете му го препуштив на некој покадарен. Јас малку завлегов повеќе во оџакот следејќи места за обезбедување и во таа линија имаше два потешки детали кои беа баш возбудливи и интересни со фини заклатувања во случај на пад. Сепак сé беше ОК и насоката како за вовед во овој локалитет нé израдува. Ја именувавме „Кривиот оџак“ и е тешка V-ка.

Втората линија е на истата карпа, но од соседната страна. Горан се загледа во една голема лушпа во која влезе многу храбро и покрај сомневањето што го имаше за нејзината стабилност. Оваа насока и тој ја искачи во чист стил - барајќи логични места за обезбедување со френдови и чокови во соодветни пукнатини и излезе тешка... Од тоа што го гледавме од долу – таман што ќе помислевме дека поминал потежок детал – оп, ете нов. Имаше и друг важен момент за кој еве објаснување: Горан на крај рече – „Од релјеф во насоката има мов...“ Тежината на оваа насока која го доби името „Античка стрела“ е VI, а присуството на мов резултираше во најмала рака со три пада на хексагоналец од по 3-4 метра... Секоја чест за упорноста на Горан! Двете насоки се високи по 60-тина метри.

Времето беше „кочан“ студено. Рацете ни замрзнуваа, постојано се тресевме - кој од страв дур води, кој од студ дур обезбедува :), меѓутоа си поминавме супер. Ем башка се правевме на Енглези и во двете искачувања – строго „традиционално“... Само на таа карпа има уште толку многу линии, а тоа е повторно само една карпа во „мал милион“... Се работи за област во која можат многу генерации постојано нови и нови работи да качуваат и е навистина дар од Бога за сите ние кои сме забегале во оваа активност... Дефинитивно би дошле овде повторно – и тоа што побрзо!

Фантастично си поминав и изразувам јавна благодарност до Битолчаните за домаќинлакот во Прилепскиот атар!!! До Горан исто така за исцртувањето на насоките во фотките...

Copyright © Alpinizam.org