Share

АПБ (III)

-25.03.2010г., Игор Т.

Први качувачи: Владимир Андреевски, Јован Попоски и
Бранко Брајковски. Името на насоката е комбинација од првите букви од нивните презимиња.

Датум на прво искачување: 4-ти Април 1965 година

Оваа година поради „споените“ неработни денови во чест на Велигденските празници, веројатно ќе заминеме во некој поголем локалитет и навистина ми е жал што нема да можеме да го прославиме јубилејот „45 години“ од првото искачување на оваа насока токму на денот - 4-ти Април.

Текстов го пишувам со цел да потсетам на насоката и се надевам дека некој од нашите колеги ќе биде тој ден на Матка и ќе ја вклопи оваа насока во своите планови - симболично оддавајќи им почит на првите качувачи кои на своја 17-годишна возраст (и порано) многу храбро почнуваат да го истражуваат секој дел од карпата.

Насоката како што може да се види од фотографијата горе тргнува кон и го следи левиот раб на карпата.

Техничките тежини се лесни и насоката понекогаш се поминува и без обезбедување, но треба да се биде многу внимателен. Насоката е ретко качувана и поради тоа не е доволно „чиста“ т.е. има веројатно повеќе нестабилни блокови (фаќалишта и стојалишта) отколку во другите насоки во централниот дел.

По неколку лесни скокови, поголемите технички проблеми се јавуваат во првата половина од моментот кога ќе се влезе во работ. Сепак со внимателно избирање на стабилни места за рацете и нозете, искачувањето е вистинско уживање и за некој кој до сега не бил на оваа насока - можност на лесен начин да се исполни уште еден дел од прекрасниот мозаик од алпинистички насоки на Матка.

Copyright © Alpinizam.org