Наша забелешка:

Кога прв пат го прочитавме овој текст многу нé инспирираше посветеноста на Скот Декапио кон качувањето – три години во своето комбе „крстареше“ по локалитетите во Северна Америка качувајќи ги најтешките насоки - со или без партнер...

Подоцна слушнавме за негови уште поголеми искачувања во Алјаска и Киргистан... Денес тој живее скромно (како и секогаш) во едно планинско гратче во Колорадо (САД) заедно со неговата сопруга Леа Симонс Декапио со која има продавница за рачно изработени производи од керамика – изработени од нив самите...

Share

Немајќи избор - текст на Роб Фрост

Дали Скот Декапио е најдобриот соло качувач во Америка?

Ако го сретнете Скот Декапио некаде како качува имајте во предвид дека може да заработите некоја пара од него. Ова бездомно 26-годишно момче во една прилика на својот партнер му понудило да направат искачување на уште една насока откако веќе ја искачиле најтешката во таа област. Поткупот не успеал.

„Така отидов до локалитетот да ја видам насоката“, раскажува Декапио. „Ме интересираше да видам колку навистина е тешка и почнав чекор по чекор.“ Таа љубопитност на крај завршила со успешно искачување на 800 метри високата насока Birdbrain Boulevard (M6). Неколку многу познати качувачи во крајниот дел на оваа насока кој е на сува карпа, имале „летечки“ искуства, а тој ја солирал без проблем.

Декапио тивко се претвора во еден од најдобрите алпинисти во Америка. Во текот на зимата 1996/97 година, тој ги солирал најтешките насоки (мразеви) на Банф: Nemesis (WI 5+), Sea of Vapors (WI 6), My Daddy is a Psycho (WI 6) и Polar Circus (WI 5). Во истата сезона ја солирал 1000 метри високата микс насока на Едит Кавел (5.7), Humble Horse на Монт Дијадем ( WI 4, 5.7) и Shooting Gallery на Монт Андромеда ( 5.9 микс).

Од друга страна да го натерате Декапио да ви зборува за неговите искачувања е тешка работа. Токму поради таа негова скромност другите алпинисти го сметаат за почетник. „Кога почнавме да се сретнуваме, не знаев дека Скот ги направил тие импресивни искачувања во Канада,“ вели Кели Кордс, алпинист од Монтана. „Кога слушнав за неговите солирања си помислив дка станува збор за некој манијак, но не ми требаше долго да увидам дека Скот не е самоубиец. Тој има многу силен ум и е многу талентиран. Знае кога да се повлече.“

Декапио вели дека солирањето не било негов вистински избор: „Мислам дека поради тоа што сум срамежлив и младолик не сум успеал да бидам забележан од некој од подобрите алпинисти и имав проблеми да најдам партнер. Никогаш немаше да почнам да солирам ако најпрвин имав најдено партнер. Не знам како сум ги направил тие солирања и веројатно сум бил многу мотивиран.

Декапио е тивок и повлечен и слуша музика на агресивни исландски групи чии имиња не може да се изговорат. Негов дом се бивак вреќата или задното седиште на неговото Фолксваген комбе...

Неговиот животен стил е едноставен: негова цел е да качува што повеќе, а сé друго е инцидентно. Одвреме навреме го проверува своето поштенско сандаче да види да не има некоја покана за работа од неговиот повремен работодавец за кого инсталира радио антени било каде во Северна Америка.

Минатата година Декапио ги забележувал сите должини што ги искачил на карпа (часовите бавно поминуваат кога живееш во комбе) и бројката била 464. Исто така имал искачено преку 30 насоки на мраз оценети како WI 6 и потешки, вклучувајќи го тука и првото повторување на насоката на Алекс Лов Winter Dance (5.9 A1 WI 6+) и две првенствени искачувања на насоки со оцена WI 6.

Декапио почнал да качува во североисточните планини. Откако дипломирал на факултетот по биологија и екологија во Вермонт во 1994 се преселил во Њу Хемпшир каде почнал да качува на Белите Планини. Работел како келнер и качувал пет дена во неделата. Широкиот избор на локалитети биле солиден темел, а секако имало и по некој инцидент.

Минатата зима Декапио се подготвувал да абзелува употребувајќи абалаков систем, но времето било многу топло, сидриштето се откачило и тој летнал надоле. Немал никакви дополнителни точки за обезбедување. Неговите партнери Сет Грин и Адам Џорџ биле на дополнителни точки над него и можеле само да гледаат како тој паѓа надолу. По околу триесетина метри пад, јажето на Декапио се заглавило на јажето на друга наврска која качувала од долу. Неговите партнери биле шокирани кога Декапио одговорил на нивните повици и останал без потешки повреди - само гребнатинки.

Овој инцидент оставил сериозна трага во умот на Декапио, но тој не успорил туку дозволил свесноста за смртноста да игра поголема улога во неговото одлучување дали да продолжи или да се откаже од некое искачување. Најчест партнер на Декапио е Џ.П.Берниер и тој вели дека ентузијазмот на Скот е навистина шокирачки. „Ништо не може да го запре и тој нема потреба од ден за одмор. Кога јас се одмарав и спиев Скот нестрпливо ме чекаше седејќи крај нозете покрај мојата вреќа за спиење.“

Кога минатата зима го придружував Декапио на Банф неговата повлеченост се трансформираше во манијачка радост кога пред нас се појавија некои од најпознатите мразови. На неговото чело се појави вена, а тој извикуваше „Леле, леле, леле!“.

На тоа патување научив две работи: кога поминувате покрај некој алпинистички локалитет заедно со Декапио гледајте вие да сте зад воланот, а ако веќе сте во некоја насока со него - пуштете го тој да води. Исто така ако немате пари, глумете дека сте незаинтересирани да качувате тој ден...

- текстот е превземен од списанието "Climbing" (бр. 180, 1.11.1998)

„...Кога поминувате покрај некој алпинистички локалитет заедно со Декапио гледајте вие да сте зад воланот, а ако веќе сте во некоја насока со него - пуштете го тој да води.

Исто така ако немате пари, глумете дека сте незаинтересирани да качувате тој ден...“

Copyright © Alpinizam.org