Други текстови од Симоне:

- Нешто како вовед за Батура 2 т.е. индиректно и за Бека Бракаи Чок

 

Share

Искачување од пет ѕвездички
- текст на италијанскиот алпинист Симоне Моро


Бека Бракаи Чок (6940м) во Пакистан до 1-ви Август 2008 година беше неискачена планина. Во минатото на нејзе имало три неуспешни обиди од страна на британски и новозеландски експедиции. Оваа година откако на нивната главна цел веќе имало друга екипа, на оваа планина и се свртуваат италијанските алпинисти Симоне Моро и Херве Бармас.

Еве што пишува Симоне: „Херве и јас одлучиме да не качуваме на врв повисок од 8000 метри (премногу луѓе). Поради тоа заминавме за Балтар глечерот каде во 2005 година јас веќе имав отидено и го предложував на некои мои италијански колеги како место со интересни искачувања – за во иднина.

Оваа година отидовме со цел да се искачиме на Батура 2 (7762м), но таму наидовме на тим од Кореја кој се обидуваше да го направи првото искачување и на оваа до сега неискачена планина.

Поради ова веднаш се откажавме од првичниот план да качуваме на Батура 2. Сакавме да избегнеме „натпревар“ и гужва што ќе беше целосно нелогично, опасно и без почит кон нашиот начин на качување – лесен и во алпинистички стил.

Гледавме наоколу и веднаш бевме импресионирани од фантастичната пирамида од мраз и карпа која исто така ги одбивала претходните обиди на нејзе. На Бека Бракаи Чок се искачивме во чист алпинистички стил, без кампови и за помалку од 48 часа. Остатоците од претходните обиди беа видливи – околу 8 кампови, но сепак неуспешни обиди....

Од подножјето на страната (4750м) тргнавме околу 5 часот наутро. Искачувањето беше тешко, опасно на почетокот и качувавме наврзани заедно до висина од 6000м. На таа висина излеговме на експониран гребен, а пред тоа качувавме по вертикален и превисен мраз, неколку микс делови, а поминавме и многу креваси.
Од оваа висина поминавме 5 должини (од по 60 метри) во екстремно деликатно пречење, за да стигнеме до едно широко плато. Низ платото пречевме дијагонално низ снег кој беше длабок до колена и стигнавме до основата на пирамидата на врвот на околу 6500м

Веќе беше 21:30 часот и време беше да се подготвиме за бивак. Се сместивме во една пукнатина под серак, без вреќа за спиење, шатор или примус... Се тресевме од студ. Следното утро седевме еден час на сонцето само за да се стоплиме и потоа почнавме да ги качуваме последните 400м до врвот.

Качувавме низ тежок терен и две микс должини кои беа скоро вертикални и скоро без можност за обезбедување со долги растојанија меѓу две точки. На гребенот на врвот стигнавме во 14:30 часот и конечно застанавме и на врвот – огромен корниз од неконсолидиран снег.

Си честитавме, се фотографиравме, снимивме кратко видео и веднаш почнавме да се симнуваме. Знаевме дека симнувањето ќе биде опасно и комплицирано и не сакавме да губиме време на врвот, туку сакавме да се концентрираме на самото качување.

Одлучивме да се симнеме по друга насока (зелената линија на фотографијата) од таа по која се качивме (црвената). Логична, директна и брза линија, но многу опасна поради сераците на врвот. Се симнувавме брзо, но со големо внимание од евентуално рушење од горе.

На крај сé излезе на добро и на полноќ бевме во нашиот мал шатор на почетокот под насоката. Продолживме да се симнуваме и стигнавме во базниот камп во 3 часот утрото. Тоа беше едно бескрајно патување, но задоволувачко искачување кое ни ја зголеми довербата во нашите способности...

Алпинизмот не е само смрт, трагедија, преживување и херојство. Не очекуваме нашето искачување да стигне до насловните страни заедно со искачувањата на планини од 8000м. Само се надеваме дека ќе послужи како потсетник за пасионираните алпинисти, но и за јавноста. Потсетник дека алпинистите како нас и многу други, се качуваат на планините за да живеат, да уживаат и да растат. Исто така – да ги прифакаат пресудите на животот и на судбината и да не се расправаат или да не ги почитуваат тие кои ја споделуваат истата вредност: вредноста на животот.

Copyright © Alpinizam.org