Дел од позначајните искачувања на Касин:

Роден на 02.01.1909.
Првите искачувања ги прави околу Леко – нови насоки на многу планини вклучувајќи ги Грињета и Сасо Кавало..

1934г. – нова насока на Пиколисима Лаваредо заедно со Витали и Поци

1935г. – нови насоки на Торе Триесте и Чима Овест заедно со Рати

1937г. – нова насока на североисточната страна на Пиц Бадиле заедно со Еспозито и Рати

1938г. – прво искачување на Волкеровиот гребен на северната страна на Гранд Жораз заедно со Еспозито и Тицони

1958г. – водач на успешната италијанска експедиција на Гашербрум 4 (до тој момент искачен само од 10 алпинисти)

1961г. – заедно со 5 италијански алпинисти се искачува на Мекинли (6178м) по нова насока – познатиот „Касин гребен“

1969г. - Јиришанка (6126м) – водач на успешна експедиција

1975г. - водач на италијанска експедиција која прави обид за искачување на јужната страна на Лотце

1987г. - на 78-годишна возраст ја повторува насоката на Бадиле (50-годишнина од првото искачување)

Добитник е на неколку високи државни признанија за големите спортски достигнувања...

Рикардо Касин

Рикардо Касин е како ваш дедо кој од секогаш сте го посакувале – широка насмевка, убава смисла за хумор и две големи, сини очи во кои можете да видите како се рефлектираат снежните врвови од минатото – од планините на кои тој многу подобро се сеќава отколку на синоќешната вечера. Денес Касин има 100 години... Можеби ќе си помислите, гледајќи го во инвалидска количка денес дека неговиот дух можеби е скршен, но кога ќе го запрашате како се чувствува тој со насмевка одговара дека е среќен што е жив и дека само пред четири години секое утро правел 30-минутни вежби и дека токму поради тоа можел на 85-годишна возраст да качува насока со оцена VII...

Во светот на качувањето општо познати се неговите почетоци. Во раните 30-ти години од минатиот век ја основа групата „Пајаците од Леко“ која се состоела од авантуристички настроени качувачи. Секоја Недела тие качувале на блиските планини, за да неколку децении подоцна Касин се искачи и на Мекинли преку Гребенот Касин во 1961 година.

Други попознати искачувања: во 1935 година го прави првото искачување на Чима Овест ди Лаваредо (VIII/ VI,A0) – по насока со чести превисни делови и тавани... Во 1937 година се искачува по североисточната страна на Пиц Бадиле (VI/V+) – при што спасува двајца италијански алпинисти (Марио Молтени и Џузепе Валсеки) кои биле заглавени една недела на оваа 800 метри висока страна... Веројатно најпознато искачување во кое тој учествува е првото искачување на Волкеровиот Гребен - по северната страна на Гранд Жораз (4208м) во 1938 година. Таа авантура траела 82 часа и до ден денес претставува една од најдобрите искачувања во историјата заедно со искачувањето на северната страна на Ајгер. Исто така тој учествува и во експедиции во Хималаите и Андите...

Некои луди работи кои ги правевме само за да качуваме – немавме пари, но имавме силна волја за качување. Така сите дадовме по малку пари и купивме едно јаже и неколку карабинери. На јажето се наврзувавме осум луѓе и тоа на следниот начин: двајца ќе се качеа нагоре, па ќе го фрлеа надолу јажето за следните двајца...

Мојот најголем пад – 40 метри. Качував на насока со мојот драг пријател Марио Доро и водев една тешка должина. Во еден момент му довикнав „Паѓам – затегни јаже!“ Но тој си пушел цигара во тие моменти и паѓав бесконечно долго време удирајќи силно во карпата. Од тогаш повеќе никогаш не качував со него. Останавме пријатели – но тој качуваше на една страна, а јас на друга.  

Три жени се основа на успехот во мојот живот – Без нив немаше да станам качувач каков што сум денес. Тоа се мојата мајка Емилија која готвеше за мене, мојата сестра Џина која се грижеше за продавницата додека јас одев да качувам со пријателите за време на викендите и мојата сопруга Ирма која ги кроеше моите алишта, ранците, врвките за дерезите – сé до 1 часот по полноќ...

Во мое време немаше натпревар за одредена насока – Тоа беше повеќе желба да се открие нешто ново и да се најде одговор зошто некој може, а некој не да го качи тоа. Никогаш немав ривали – освен времето можеби. Морав да работам од Понеделник до Петок во фабрика за челик и можев да качувам само за време на викендите. Немав избор освен тоа да се качам на врвот до пред да се стемни за да стигнам на работа следниот ден. Во тоа време исто така немаше авиони туку возови, велосипеди и секако многу пешачење. За да се качиме на Гранд Жораз, требаше да одиме со воз до Пре Сент Дидие, со велосипед до Курмаер, потоа да пешачиме до Кол ду Гигант, да го поминеме половина Мер де Глас сé до домот Лешо, а од таму до платото пред Гранд Жораз. Така што кога стигнавме таму веќе бевме добро загреани да качуваме нагоре!

Планината е животен учител – Таа ти дава најисполнувачко чувство кое можеш да го добиеш во животот, а во исто време те учи како да размислуваш без да се плашиш. Тој кој се плаши не треба да качува, но сепак треба да се има малку разумност. Тој кој качува без разум – е луд. 

Сé уште читам новости од светот на качувањето. Посебно благодарение на мојата пријателка Вера Ченини која ја познавам од нејзина 13-годишна возраст – кога за прв пат ја искачи мојата насока на Пиц Бадиле. Таа ми испраќа исечоци од локалните весници – за новостите кои ќе излезат во нив.

Дали Чезаре Маестри навистина се искачи на Серо Торе? Верувам дека ако почнеме да се сомневаме во тоа што тој направил таму, тогаш ќе треба да се сомневаме и во моите искачувања. На пример Мекинли. Од таму немам слики кои покажуваат дека сум бил на врвот. Се обидов да направам слики, но ми мрзнеше раката. Тоа што многу повеќе ми значи во врска со тоа качување е тоа што загубив добар пријател во тоа качување кој беше како брат на моите синови – Тони Егер. Тој пред секое качување кај мене јадеше големи порции тестенини. 

Мој најдобар пријател и пертнер без сомнение беше Виторио Рати со кој качував на Чима Овест и Пиц Бадиле, но кој не беше со мене на првото искачување на Волкеровиот гребен.

26-ти Април 1945 година. Бев во партизаните и бев заедно со Рати во Леко. Лежев со базука во рацете која ми ја имаа дадено американските војници за да спречам Германците да бегаат кон Валтелина и Сент Мориц. Рати имаше помал пиштол и кога пукаше кон нив беше погоден и почина веднаш до мене. Тој беше еден од малкумината кој можеше да ме следи и беше многу силен при качувањето.

Мојата тајна – тоа што го постигнав во алпинизмот не е генетски поврзано. Мојот татко починал работејќи во рудник во Канада кога имал 24 години и тој никогаш не качувал. Пред да почнам да качувам тренирав бокс три години и бев навикнат на работа во сала за добра физичка подготовка – тоа беше основа за мојата сила. Секако тука е и мојата тврдоглавост. Тоа што ќе го започнев морав да го завршам. Никогаш не се симнав од некоја планина без да се качам на врвот. 

Мојата тврдоглавост – беше причината зошто останав на превисната Чима Овест ди Лаваредо – четири саати обидувајќи се да заковам клин. Клинот не сакаше да влезе, а јас сакав да одам нагоре и затоа останавме таму толку долго колку што беше потребно. Требаше да направам сложено пречење и тој клин мораше да биде добро закован – мораше да си ја отсвири својата позната мелодија при заковувањето инаку ќе се извадеше. На крај тој беше толку добро закован што не можев да го извадам и остана како патоказ за Германците кои ја качуваа насоката следниот ден.

Како се подготвував за Мекинли? Како и секогаш – се трудев да ја најдам најлогичната насока која во исто време е и најмалку опасна и за која бев сигурен дека можам да ја завршам без последици. Познатиот американски пилот, Дом Шелдон, ми испрати неколку слики од планината од кои можев да го одберам патот по кој сакав да се качувам нагоре – и потоа тоа и го направив. Не знаев каде е таа планина, но знаев дека тоа е некој проблем кој треба да го решам – проблем да се стигне до врвот кој остана неискачен по многу американски обиди на него. Кога авионот со кој требаше да стигнеме до базниот логор надлетуваше над планините, од толку многу гледање на сликите од планината, можев да го исправам Шелдон во тоа каде точно е нашиот базен камп – тој слета на погрешно место.  

Претседателот Џон Кенеди ми прати телеграма со честитка за искачувањето на Денали. Тој исто така требаше и да ме посети, но се случи некој политички инцидент и мораше да остане.

К2 остана неисполнет сон – бидејќи водачот на експедицијата, Ардито Десио направи сé што можеше само да останам дома. Тој се чувствуваше загрозен од моето искуство иако ме викна со него во 1952 година да ја разгледаме насоката, да ја организираме експедицијата и да направиме список на работи кои ќе бидат потребни за неа. Пред да заминеме за Катманду, тој ме испрати на испитувања во Рим каде ми беше речено дека имам некои проблеми со срцето и дека треба да останам дома – додека членовите на експедицијата веќе го правеа искачувањето.

Не носевме вреќи за спиење и специјална дехидрирана храна со нас на качувањата – наместо тоа се стискавме во нашите јакни, ги стававме нозете во ранците и се врзувавме за два клина. Можев да спијам било каде на било која температура. Јадевме многу чоколада, суво овошје, лешници, кикирики и бадеми и носевме малецки примуси за да загреваме вода за чај. Исто така јадевме и трошки од леб и сланина.

Спортското качување – тоа е качување, но нешто на што не сум навикнат. Не затоа што е полесно или слично, туку затоа што другиот начин на качување – традиционалниот начин - е понормален за мене.  

Немам омилени – сите мои првенствени насоки имаат одредена убавина во себе. Сите ги сакам.

После 100-тиот роденден - ќе има уште многу!

Copyright © Alpinizam.org