Том Фрост

Кога Ел Капитен беше како бел лист, Том Фрост заедно со своите пријатели направи искачувања на две големи насоки – „Салате“ (VI, 5.9, C2 заедно со Ројал Робинс и Чак Прат во 1961-ва година) и „Северно Американскиот Ѕид“ (VI, 5.8, A2 со Робинс, Прат и Ивон Шуинард во 1964-та година). Фрост од секогаш бил цврст застапник на чистото качување, а тоа секако е од влијанието на неговите двајца главни партнери - Робинс и Шуинард. Тој исто така е познат и по своите фотографии направени за време на тие први искачувања со кои ги постави највисоките стандарди за новите генерации на фотографи.

Еве некои негови размислувања за качувањето, денес и во минатото, фотографиите, животот...:

„Постои длабока врска помеѓу нас и нашите партнери во качувањето. Сепак, на крајот согледувате дека вистинската тимска врска е таа помеѓу вас и карпата.
Традиционалното качување е многу важно бидејќи тоа што го доживуваме практикувајќи го – го менува нашиот живот. Тоа е добро... Природата е нашиот учител, водач, ментор...

Секој ден под Ел Капитен се собираат многу луѓе знаејќи дека таму горе се случува нешто многу значајно и дека дел од тоа е и за нив. Кога јас гледам нагоре, колку што повеќе гледам толку повеќе верувам дека учењето да се биде тимски играч со природата е нешто многу, многу значајно.

Робинс остави голем впечаток врз мене. Тој веруваше дека начинот на кој качуваш е многу важен. Качувањето може да нé однесе на добар пат. Верувам дека е важно да се има духовна основа – каква и да е таа. Таа треба да ти помогне да ги поминеш поголемите проблеми во животот. Луѓето не можат да им кажат на другите луѓе што треба да прават. Важно е да откриеме зошто сме тука и да го правиме тоа на најдобар можен начин. Тие кои достигнале големи височини се луѓе кои имаат внатрешна сила која доаѓа од нивната поврзаност со повисока природа. Ми доаѓаат на ум Рикардо Касин, Џон Бакар... Дури и откако ќе ги сретнеме после многу години, ја чувствуваме нивната енергија, нивниот дух и нивната поврзаност со космосот. Тие ги разбираа тие работи.

Во 1960-тите кога гледав кон Ел Капитен, таму имаше само една насока. Таа беше искачена од Хардинг и неговите пријатели. Јас имав 24 години, седев заедно со Робинс и размислувавме за втора насока. Ројал ја имаше одбиено понудата на Хардинг да биде дел од тимот за првата насока. Не му се допаѓаше стилот на кој Хардинг реши да го направи тоа.

Тоа беа интересни времиња. Многу важни – но и едноставни. Сé се сведуваше на Робинс и Хардинг. Двајцата гледаа на една иста работа на различен начин. Хардинг сакаше надворешни вредности: големи доживувања пропратени со голема медиумска кампања. Робинс качуваше поради внатрешни причини.
Јас обожавав да качувам со Робинс. Сакавме преку нашите искачувања да покажеме нешто од што би имала корист целата заедница. Сепак апсолутно најважно ни беше да си го демонстрираме стилот на самите себе. Се стремевме кон највисоките стандарди на истражувањето, да не оставаме трага зад себе – да ја оставиме насоката за следната наврска во иста состојба каква што ја имавме најдено. Сакав да бидам дел од тимот на Робинс. 

Најдобра работа која може да му се случи на качувањето е сите да имаат голема почит кон природата и да се грижат за неа. Да се качува чисто и да се одржува високо ниво на авантура...

Рон Каук рече дека Ел Капитен е свето место. Зошто е тоа така? Можеме да се видиме себе си горе и да откриеме зошто некои ја нарекуваат Земјата - наша Мајка.

Со мене носев фотоапарат бидејќи во Јосемити открив свет многу поубав отколку било кога да сум видел. Тоа ме натера да фотографирам. На прво место беше сепак  карпата, а дури потоа фотографиите. Обожавам да фотографирам – од една страна бидејќи тоа е невозможен предизвик исто како сурфањето на совршен бран, но од друга страна и поради тоа што тоа е инспирирано од природата. Фотографијата ми помага да гледам подлабоко.

Со моите фотографии се обидував да зачувам, да направам визуелни записи кои ќе ги инспирираат следните генерации на качувачи кои ќе растат со тие фотографии. Се обидував да ја прикажам природата, Јосемити, Ел Капитен – за тоа што тие се и за тоа колку тие навистина се убави. Вистински предизвик.

Станав инженер на Стенфорд. Подоцна уживав во дизајнирањето и правењето на опрема за качување заедно со Ивон Шуинард. Ја основав компанијата Кимера затоа што со мојот партнер Гери видовме потреба во индустријата за светлина од изградба на подобра опрема од таа која во тој период беше тешка и несоодветна.

Предизвик ми е да работам долго, напорно и сум инспириран од тоа да откривам решенија кои се чисти, едноставни и функционални – и кои не и наштетуваат на околината. Извонредно е тоа што природата ни го покажува тој оптимум.

Можеме многу повеќе да направиме за целиот свет па и за универзумот – ако го живееме нашиот живот на најдобар начин на кој можеме. Дали живееме со почит или со лутина? Почитта е закон на природата. Кога живееме со почит кон карпата, Мајката Природа нé благословува со најдоброто чувство на задоволство кое може да се има. Ако сме нервозни – ќе имаме проблеми при качувањето.

Имало неколку пати кога сум си кажал: „Што правам овде?“ Но никогаш не сум имал лошо искуство. Ми се допаѓало друштвото. Се чувствував како дома на карпите. Кога им приоѓам никогаш не одам без опрема мислејќи дека ќе ја понесам утредента. Никогаш не размисливам или зборувам за спуштање. Добро се подготвувам, ја знам карпата и се знам себе самиот, го имам тоа чувство и знам дека сé ќе биде во ред. Ја сакам природата и знам дека тоа што сум таму на капрата е веќе одобрено и соодветно.

Еден аспект на традиоционалниот качувач е тоа тој/таа да е искусен и да има духовна основа. Треба да знае работи – кои не ги знае. Тоа е апсолутно основно. Кога го гледаме Рикардо Касин – исто како да го гледаме Џон Бакар. Присуството на тој човек те обзема. Тие знаат работи кои не ги знаат – поврзани се со сé наоколу. Не постои друг начин како да се објасни тоа што го имаат постигнато.

Кога ние застанавме под „Салате“ – го знаевме ѕидот многу подобро отколку денешните модерни качувачи. Од долините ја набљудувавме карпата со денови. Пукнатините и нивни варијанти – на секоја должина. Кога почнавме да качуваме – ја знаевме карпата подобро отколку денес качувачите што влегуваат во неа со мапите и бројките во нив. Робинс знаеше работи кои ние не ги знаевме.

Тој во тие денови најмногу влијаеше врз мојата философија. Тој беше водач на тоа Златно Време, но стана и мој личен водач. Ми се допаѓаше зошто и како качува и многу сакав да качувам со него. Искуства кои се паметат цел живот!

Мојот син Рајан е одличен качувач. Поминав многу тешки 25-30 години во бракот, животот и бизнисот. Еден ден тој ми рече: „Тато, ајде да одиме да качуваме.“ Тоа е најдобрата работа што синот некогаш му ја кажал на таткото. Качувавме некои работи како за загревање, се спакувавме и тргнавме за Јосемити. Тоа беше во 1997 година. Одлучивме да одиме на Носот. Под карпата имаше ред од наврски, но почна да врне и на наше зачудување – останавме само ние. Почетничка среќа. Супер!

Значи немав качувано на Ел Капитен околу 37 години и после толку време тука бев и качував со мојот син. Му ја наметнував философијата на златното време – да се качува лесно, без многу вода и облека (затоа што е постојано жешко). По четири дена поминати на Носот, почна да врне и да ни станува многу студено. Рајан ми рече: „Не слушам повеќе совети од пионерите.“

Поминавме три месеци во Јосемити и се качивме на неколку насоки: Носот, Прикриениот Страв, Западната Страна и Северно Американски Ѕид. Какво задоволство!

Не можете да му кажете на некој друг да качува на одреден начин. Сите ние качувавме во најдобар стил на кој можевме. Но идолите се тука да инспирираат – како што тоа Џон Салате беше за нас. Не сакавме да го разочараме. Некои искачувања се катастрофа, други се совршени. Сé е тоа дел од денот.

Качувањето е внатрешна игра. Посветеноста е реалноста. Тоа не може да се избегне. Качувањето значи соочување со самите себе. Поради тоа постои голема почит во заедницата во Камп 4 – на начини кои се неразбирливи за обичниот човек.

Преминот кон чистиот стил на качување беше процес. Робинс го прифати многу порано од било кој од нас. Тој ја посети Англија во 1960-тите, направи искачувања на чокови и кога се врати зборуваше само за тој стил. Повеќето од нас не го разбиравме. Во 1970 година бев на Анапурна, а потоа отидов во Англија па и јас качував со чокови – и разбрав за што се работи. Кога се вратив назад му реков на Шуинард дека можам да ги дизајнирам чоковите. Ројал и Даг Робинсон беа првите подржувачи.

Со Шуинард сакавме и да качуваме и да правиме опрема. Тоа беше една целина – да се биде во мал бизнис со партнер со кој се оди во ист правец и со кој се почитуваат исти вредности. Во бизнисот тоа е ретко искуство... Дизајнирањето беше подеднакво забавно како качувањето. Ивон беше човекот со идеи, а јас бев инженерот. Тој продаваше опрема неколку години пред да се сретнеме. Ќе се појавеше во некој локалитет, ќе го отвореше багажникот од колата и ќе продаваше клинови и карабинери. Јас бев сконцентриран околу правењето алат за производството. Бизнисот одеше бавно, но сигурно. 

Во 1997 година, кога со Рајан се подготвувавме за Јосемити, пропатувавме низ неколку спортско-качувачки локалитети. Мислам дека кога има некоја добра карпа во која не може да се обезбедува на природен начин, тогаш е во ред да се постават експанзиони клинови. Можам на една рака да избројам кога сум качувал на такви насоки. Во сала сум бил само еднаш. Воопшто не ми се допадна и нема никогаш повеќе да одам.

Сé уште фотографирам, но само во планините кога качувам или планинарам... Во 1960-тите кога качував на Ел Капитен – фотографирав за да документирам. Во тоа време – ако можеше да качуваш, тоа значеше дека можеш и да фотографираш т.е. дека веќе си на добра местоположба. Не е како денес кога повеќето работи се наместени. Пред сé бев качувач, а дури потоа фотограф. Во тоа време качувавме бавно, а не како денес кога се трча за да се стигне до врвот. Ние уживавме – бевме како дома. Моја омилена фотографија е таа во која го имам фотографирано Ројал како качува кон мене на Ел Капитен.

Ивон и јас, Ројал и останатите големи фолософи од „старата ера“ бевме пасионирани за грижа за карпата, нејзината убавина и за природата. Сите ја следевме философијата на Ројал – дека не е важно што качуваш, туку како го правиш тоа и дека најважно ни беше да ја оставиме насоката во состојба каква што ја наоѓавме. Не остававме клинови зад нас обидувајќи се да ја следиме философијата која ја научивме на „Салате“. Се трудевме да пренесеме учење – како со нашите дејствувања, така и со зборови.

Никогаш не сум имал застрашувачки моменти, но сепак имало „моменти“. Еднаш, при качувањето на Киклопскиот превис на „Северно Американскиот Ѕид“ малку се одлепив од карпата. Исто така таков момент имаше и при првото повторување на „Салате“ кога со Ројал Робинс одлучивме да ги водиме должините кои при првото искачување ги качувавме како втори во наврската. Мене ми се падна на пример да го водам делот познат како „Увото“. Само помислата на тоа беше застрашувачка, но сепак качувањето излезе лесно. Само ментален проблем. Признавам дека од секогаш ми бил страшен и таванот на почетокот... Но кога ги прегледувам фотографиите од тоа време гледам дека сум бил многу среќен таму горе. При секое одење да качуваме на Ел Капитен беше како да одиме дома. Тоа и беше – дома.“

Copyright © Alpinizam.org