Енди Киркпатрик

Сé уште не се откажува

„Не сум се качил на Еверест, не сум скијал до Јужниот и Северниот Пол, ниту пак сум пловел сам околу светот. Целите кои си ги поставувам не е лесно да се измерат или претстават преку светски рекорди... Причините поради кои качувам и самите искачувања кои ги правам, се многу повеќе од само должина и височина, туку се за поместување на бариерите внатре во мене.“

Прв пат за Енди слушнавме во 2001 година. Тогаш тој во период од 11 дена ја искачи во соло стил насоката „Тивкиот Ѕид“ (А5) на Ел Капитен. Тоа тој го направи после една година немање никаква качувачка активност – период во кој се обидуваше да се откаже од качувањето во име на своето семејство. Имено поради неговата посветеност кон секогаш екстремно тешки насоки, често во зимски услови и често соло од една страна, а две мали деца (едното само што родено) и загрижена сопруга од друга страна, тој се реши да се повлече од животниот стил кој лесно можеше да ги направи работите да излезат многу лошо (барем имаше таков притисок врз него). Сепак неговото работно место, како продавач во продавница за планинарска опрема во родниот град Шефилд, секако многу го отежна неговото откажување од качувањето. Велат тоа е исто како да поставите алкохоличар во процес на рехабилитација, да биде менаџер на кафеана. Во една таква емотивно хаотична состојба, Енди се решава „да се излечи“ со екстремно тешко качување, кое дефинитивно целосно би му ја изгасило жедта за качувањето. ОК... :) На кој начин? А5 насока на Ел Капитен... Соло... И повторно – ОК...!

Да ја погледнеме онаа - „проблематична“ страна на неговиот живот пред „обидот за откажување“. Тоа се седум години исполнети единствено со искачувања пред кои стојат описи како „зимско“, „прво“, „соло“...

Првиот поголем залак е зимското искачување на Френдо во 1996 година. Тогаш тој уште бил почетник и влегол во насоката заедно со Арон Форшоу (кој имал исто „искуство“ како него). Тоа е микс насока која во зимски услови станува сериозен технички предизвик. Ако самата тежина не била доволен предизвик, при качувањето се случувале и други незгоди: често се губеле во нејзе качувајќи потежок терен, земале само едно јаже кое ги ограничило во многу решенија, испуштиле дел од опремата вклучувајќи една од пластичните чевли на Енди, при откачување на цепинот си ги скршил наочарите... Тоа било прв пат Енди да качува микс терен употребувајќи цепин на сува карпа. Тој вели: „Работата беше едноставна: да се научи брзо или да се умре.“ Качувањето траело три дена и по него Енди вели: „Тоа беше дефинирачки момент за мене. Светот повеќе не беше ист.“ Неговиот партнер Форшоу од друга страна пак целосно се откажува од планините.

Од тогаш до соло искачувањето на Ел Капитен следуваат: зимски искачувања во Алпите – на Дру, Дроитес, соло обид на Трол во Норвешка, зимски повторувања на тешки насоки во Шкотска, први зимски искачувања на насоки во Патагонија (во едно од нив, на Фицрој се повлекува на една должина од врвот поради невреме)...

„Тивкиот Ѕид“ е всушност уште едно искачување во истиот стил: „Не сум заинтересиран за добри денови и пријатни качувања. Животот е прекраток за такво нешто. Ако не сум блиску до работ – едноставно не гледам поента“...

Секако – после искачувањето на „Тивкиот Ѕид“ – Енди бил далеку од откажување. Од тогаш исто како и од неговиот почеток, тој продолжува во истиот тој стил. Менди, неговата сопруга вели: „Загрижена сум кога не е тука. Го мразам тоа. Меѓутоа тој е најдобриот татко на светот – кога е тука...“ Енди вели: „За да ме „опаметат“ луѓето ги користат моите деца како стап удирајќи по мене, но јас немаше да бидам добар татко ако не ги направев овие предизвици. Мислам дека сум добар пример за моите деца. Добивам награди за моите филмови, книги... Постојат многу полоши работи од умирањето, но јас секако не сакам да умрам.“

Енди се појави во филмот „Hard XS”, т.е. во бонус видеото кое всушност е веројатно подобро од аспект на алпинизам од поголем дел од „главниот“ филм. Неговото видео го има насловот „Страдалникот Енди“ и тој во него е прикажан како ја води филмската екипа од локалитет до локалитет низ Шкотска во период додека одржува презентации на неговите искачувања во неколку места во неговата родна земја. Видеото совршено го прикажува веселиот карактер на Енди и неговата едноставност во животот и изборот на екстремно тешки искачувања (во овој случај микс насоки низ Шкотска).

Енди денес прави презентации низ цела Голема Британија (последната го има насловот „Кога пеколот ќе замрзне“, а тема се искачувањата кои ги има направено во Патагонија). Сер Крис Бонингтон го прогласи за најсмешниот врвен алпинист во Британија и токму тоа е причината поради која сите негови презентации се секогаш распродадени. Комичниот пристап и пренесување на доживувањата го доближуваат искачувањето до обичниот човек кој на многу сликовит и речит начин многу полесно разбира низ што алпинистите поминуваат во нивните авантури.

Енди вели го развива хуморот во своите експедиции - во кои човек мора да има добра смисла за хумор, за да сé биде многу полесно и го дава за пример преседувањето во дупка во снег со негов партнер во Патагонија – во период од седум дена јаделе само палента, лук и кромид...

Во едно интервју тој вели дека коренот на сето тоа е „британскиот пристап“. Тој вели: „Британскиот пристап е таков да можете да излезете, да не успеете, но сепак да гледате на тоа како успех, а качувачи од други земји како на пример Американците – ако не успеат веднаш се разочаруваат, се држат за глава... Британците од друга страна велат – беше одлично, не успеавме, неколкумина и загинаа, но не е важно...“

Што добива од овие тешки искачувања: „Повеќе ги ценам обичните работи кои ме опкружуваат како на пример: мирисот на тревата, парче леб, чаша со вода... Овие работи ги земаме здраво за готово, меѓутоа кога ќе се вратите од некоја експедиција во која сте биле „заробени“ во планината – во шатор или дупка во снег, тогаш овие работи ви стануваат многу вредни.“

Во интервју за искачувањето на „Тивкиот Ѕид“ му го споменуваат паѓањето како (можен) составен дел на секое искачување. Причина за темата е  падот кој тој го доживува од 50 метри... Енди вели: „Не се плашам од паѓање – се плашам да не паднам до земја.“ И продолжува: „Најтежок момент е тој кога прстите полека ви пролизгуваат од фаќалиштето и знаете дека ќе паднете. Тој момент на исчекување е најтежок. Меѓутоа кога ќе почнете да паѓате тогаш повеќе не можете ништо да направите, се јавува фино чувство на мир и слобода и во идеален случај – падот ќе престане... Не сум имал потешки повреди. Не сум како Џо Симпсон и за жал не можам да напишам книга на таа тема. Еднаш го скршив палецот на едната нога, но тоа се случи дома кога излегував од кадата...“

Дел од фотографиите кои Енди ги прикажува на најновата презентација низ Британија: „Кога пеколот ќе замрзне“ - од искачувања во Патагонија...
Copyright © Alpinizam.org