Неговите авантури се претставени во девет филма, а има напишано и осум книги...

Тој станува еден од првите поствоени професионални алпинисти кој едноставно заработуваше многу добро работејќи го тоа што најмногу го сакаше – искачувајќи ги најтешките алпинистички насоки во најлоши услови...

 

 

 

 

 

 


Рене Демезо (14.04.1930-28.09.2007)


Во доцните ’50-ти години од минатиот век Рене Демезо стана еден од најпознатите елитни француски алпинисти. Тој заедно со Лајонел Тери, Гастон Ребуфа и Жан Кози (член на француските хималајски експедиции на Анапурна и Макалу) стана многу познат во Франција по своите смели првенстени насоки.

На 16-годишна возраст станува дел од групата качувачи кои вежбаат на болдерите во Фонтенбло – многу познат локалитет во близината на Париз.

Таму се сретнува со Жан Кози и со него прават одлична наврска и почнуваат први да прават екстремни зимски искачувања. Во 1956 година го прават првото зимско искачување на западната страна на Петит Дру (Демезо подоцна го прави и првото соло искачување на оваа насока) со кое во тој момент ги допираат границите – на качувачките техники и опремата во тој период. Тоа ќе му стане пасија на Демезо – температури под -30 степени Целзиусови, постојана опасност од смрзнатини, мизерни и бесони бивакувања, качувања по очајно лоши карпи и мразеви, денови со малку храна и вода, лавини, падови...

Тој станува опседнат со оваа уникатна форма на алпинистички мазохизам и пишува: „И покрај овој каталог на хорори, зимскиот алпинизам ќе стане предизвик на кој никој сериозен алпинист нема да може да му одолее. Две дроги: опасност и убавина. За мене двете се надополнуваат една со друга.“

Откако Кози трагично загинува од одрон во 1958 година, Демезо се здружува со други алпинисти кои го прифаќаа неговиот начин и го направи првото искачување на неверојатно превисната карпа на северната страна на Чима Овест во Доломитите заедно со Пјер Мазо – именувајќи ја по Кози. Во 1962 година тој го водеше тимот кој го направи првото зимско искачување на северо-западната страна на Олан.

Истата година во експедиција водена од Лајонел Тери, го направи првото искачување на Хималајскиот врв Јану (7710м), но нешто што ги потврди неговите големи спортски квалитети е искачувањето кое го направи следната година.

Во 1963 година го направи второто зимско искачување на Северната страна на Гранд Жораз - преку Волкеровиот Гребен. За сериозноста на овој потфат не мора да се пишува ништо повеќе бидејќи и ден денес по првото искачување од страна на Рикардо Касин и „компанија“ во 1938 година, тој предизвикува стравопочит и воодушевување кај сите алпинисти. По искачувањето тој напиша: „Почувствував чудно чувство на ослободување.“

Во 1967 година Демезо го направи првото зимско искачување на Централниот Столб на Френи – една од потешките насоки на Монт Блан.

Во 1968 година се одлучи да ги пренесе доживувањата од искачувањата на северната страна на Гранд Жораз пред пошироката јавност и за таа цел заедно со Роберт Флемати (кој му беше партнер и на Френи) тие влечеа тешка опрема за секојдневно јавување „во живо“ од насоката. За ова искачување им беа потребни девет дена.

Токму таа врска со медиумите ќе почне да му предизвикува проблеми и тоа поточно поради два инциденти. Во 1966 година тој беше избркан од една од најпрестижните алпинистички организации – Компанија на Водичите на Шамони (Почесно стана член повторно во 2005 година). Тој беше обвинет од оваа организација дека заедно со англискиот алпинист Мик Бурк учествувале во спасувачката акција на двајца Германци на западната страна на Петит Дру – за сопствена промоција пред јавноста... Другиот случај – во 1971 година започнува обид за нова насока на северната страна на Гранд Жораз – во зимски услови, заедно со младиот алпинист Серж Гусо. Овој обид прераснува во двонеделна битка за опстанок поради тоа што во еден одрон нивното јаже е пресечено. Кога конечно стигнуваат спасителите, откриваат дека Гусо бил мртов три дена, а од медицинскиот персонал на Демезо му рекле: „според твоите резултати ти си мртов...“. Овој втор инцидент доведе до обвинувања. Тој го обвини Морис Херцог (познатиот алпинист кој беше дел од првото искачување на Анапурна и во тоа време градоначалник на Шамони) дека опструирал брза спасителна акција како одмазда за инцидентот во 1966 година, а тој беше обвинет дека поминал премногу време на карпата – повторно поради публицитет...

Едно останува: Во неговата богата 40-годишна алпинистичка кариера Демезо има направено преку 1000 искачувања – вклучувајќи тука 114 првенствени насоки. Покрај Алпите и Хималаите, тој учествува и во 14 експедиции во Андите качувајќи најмногу на Хуандој и Чопикалки.
Copyright © Alpinizam.org