Фотографиите се од сајтот www.hermann-buhl.de, каде можете да најдете и повеќе други информации и фотки...

Долните 2 фотографии се едни од најпознатите и секогаш прикажувани споредбено. Првата е студиска фотографија на Бул, земена пред заминувањето за Нанга Парбат...

...а втората e земена по неговото враќање од врвот.

На таа фотографија Бул има 29 години. Таа фотографија зборува сé...

Херман Бул (21.09.1924-27.06.1957)

Еден од најпознатите австриски алпинисти  во историјата на алпинизмот – најмногу познат по неговото прво искачување на Нанга Парбат (8125м) – соло и без употреба на дополнителен кислород во 1953 година. Таа година тој е прогласен за „Најдобар Спортист на Австрија“. Австриските алпинисти имаат направено 5 први искачувања на планините повисоки од 8000 метри (од вкупно 14), а Херман Бул покрај Нанга Парбат, учествува и во првото искачување на Броад Пик (8047м). Ние се обидовме да ви претставиме дел од искачувањата на Херман Бул пред неговите хималајски експедиции. Овој (само мал) дел од неговата спортска биографија е повеќе фактографски, но наскоро ќе објавиме и некои негови текстови кои ја покажуваат неговата искрена љубов кон планините и големата одлучност во замислените проекти...

1939 година – станува дел од младинската секција на Инсбрук (неговиот роден град), а во 1942 година влегува во насоки со оцена VI, кои во тој период уште ги опишувале (оценувале) како „екстремно тешки“,

1946 год – прва посета на Доломити – Северната Страна на Чима Гранде и Комичи Гребенот на Чима Пикола,

Во периодот 1948/1949 година: Северо-источната страна на Фурчета со Ханс Гогл, Ротванд со Ерих Абрам и Ото Ајзенштекен (второ искачување) и Јужниот Столб на Мармолада со Манфред Бахман, Северо-западната страна на Чивета со Херман Хервег, Соло по Источната Страна на Флајшбанк во зимски улови; Западната Страна на Маук со Петер Хофер – прво зимско искачување на таа планина,

Јули-Август/1948 – прв пат во Западните Алпи: Северната страна на Гранд Шармо со Луис Фигл и Хиас Ребич и Северната Страна на Триолет со Фигл (петто искачување воопшто)

Следуваат искачувања за кои тој вели „Соништата се остваруваат“:

1949 Северната страна на Ејги Бланш со Мартин Шлислер со кого претходно имаат неуспешен обид на Северната Страна на Гранд Жораз – од каде се вратија од карпата поради лоши временски услови,

Март/1950 – Југо-западната страна на Мармолада со Куно Рајнер

Јули/1950год. - Северната страна на Гранд Жораз со Куно Рајнер

Прво целосно пречење од Гранд Шармо до Ејги Ду Миди со Куно Рајнер. Ги сретнале пред тргнувањето курсисти од Француското Планинско Училиште и инструкторот на курсистите на француски им кажал: „Ова е Бул...“ – а тоа било проследено со насмевки. Тој вели: „Не знам дали тоа беше кажано како комплимент или ме прикажуваше како луд...“

Соло гребенско пречење на Матерхорн од Швајцарија кон Италија

Октомври/1950 – Северната страна на Чима Гранде со Куно Рајнер

1952 год. - Јужниот Столб на Тофана ди Розес во Доломитите со Сеп Јохлер

Јули/1952 – Соло по Северо-источната страна на Пиц Бадиле и соло по Јужната Страна на Чима Де Амбиз. „Нешто подоцна, младиот и одличен алпинист, Чезаре Маестри, исто така се качи на Амбиз соло. Тој не знаеше за моето искачување и неговите пријатели му честитаа воодушевено за неговото „прво соло“. Кога дозна, ми напиша писмо со извинување за погрешното тврдење. Ова беше убаво и фер од негова страна и на мојот италијански „ривал“ во иднина би сакал да му посакам успешна алпинистичка кариера – која веќе многу ветува...“

Август/1952 год. – Северната Страна на Ајгер со Сеп Јохлер

На 1-ви Декември 1952 година се преселува во Минхен и се вработува во продавница за спортска опрема. Во тој период добива покана од Д-р Карл Херлихофер за учество во хималајската екпседиција на Нанга Парбат следната година. Во тоа писмо Херлихофер му ветува дека лидерството во базниот камп ќе му го предаде на Петер Ашенбренер (познат алпинист) и им дава на сите поканети алпинисти да потпишат „формален“ договор за учеството во експедицијата. Бул вели: „Никој алпинист немаше слушнато за Д-р Херлихофер... Андерл Хекмаер (првиот човек кој се искачи на северната страна на Ајгер) одби да учествува, како и други познати алпинисти и подршка имаше само од Минхенската Алпинистичка Секција (поради учество на двајца нивни алпинисти) и Австрискиот Алпинистички Клуб (поради моето и учеството на Куно Рајнер)...“

Февруари 1953год. – соло по источната страна на Вацман

16-ти Април 1953 – заминување на експедицијата од Минхен кон Пакистан. На 3-ти Јули успева сам и без кислород да се искачи на врвот на планината (наскоро ќе ви претставиме текст од Херман Бул со подетален опис за искачувањето од моментот кога продолжува сам кон врвот)

На 9-ти Јуни 1957 година се искачува на Броад Пик (8047м) заедно со Курт Димбергер, Маркус Шмук и Фриц Винтерштелер

27-ми Јуни 1957 година – загинува на Чоголиса (7654м) во обид со Курт Димбергер да го направат првото искачување на оваа планина – поради лоши временски услови тие решаваат да се вратат. Се движеле ненаврзани и Херман Бул паѓа преку гребенот.

Димбергер има направено фотофрафија (прикажаната лево) на која се гледа трагата во снегот каде се движел Бул и каде паднал...

 
Copyright © Alpinizam.org