Повеќе инфо на оваа тема:


Share

UFO

-11.09.2012г., Игор Т.

Мојата опседнатост со чистото качување верувам дека веќе на многумина им е добро позната. Често следам што се случува по светов на оваа тема и пред некој ден, дојдов до интересна новина – за нова алатка за обезбедување која го има името „UFO“ (НЛО). Се произведува во Чешка во компанијата ОбрВоркс и пред сé е наменета за специфичните „песочни“ карпи во оваа земја. Во ОбрВоркс контактирав со Давид Оброчник и еве што тој на кратко ми кажа околу мистериозните НЛО-а :)

Алпинизам.орг: Можеш ли на кратко да ни кажеш нешто за етиката на качувањето во Чешка и етиката на качување на песочникот?
Давид: Качувањето на песочник е закон. Приказната е долга веќе околу 100 години. Вообичаено, во Чешка и Германија на песочникот не користиме френдови, чокови или друга метална опрема која може да ја оштети карпата. Наместо тоа користиме текстил т.е. едноставно заглавуваме чворови од замки со различна големина. Во насоки каде што не е можно да се постават вакви чворови, се постауваат метални прстени слично на експанзиони клинови, но намерата е тие да се користат што помалку и така некои насоки се опасни...:)
Главната идеја е да се минимизира оштетувањето на површината на песочникот, а овде во многу области карпата е многу мека. Исто така овде, во многу локалитети не е дозволено ниту користењето на магнезиум и така може да се најдат некои навистина чисти он сајт искачувања :)

Алпинизам.орг: Кога беа направени НЛО-ата и дали тие се добри само за песочник или може да се користат и на други карпи: гранит, варовник...?
Давид: Идејата за користење на текстилен чок во еден вид на џеб е стара повеќе од 10 години. Тогаш беа направени неколку прототипи, но комерцијално производот беше пуштен во продажба дури ова лето.
Има два начини на размислување за користење на НЛО: првиот е да се користат како активно обезбедување, како френдовите кога се користат во паралелни пукнатини. За тоа да функционира потребни се добри материјали. Песочникот е добар, а за таква намена би бил добар и грубиот гранит. Поради зависноста од квалитетите на материјалите, НЛО не е сертифициран како активно обезбедување.
Друг начин е пасивното обезбедување т.е. како чок или хекс. Кога пукнатината е со различни форми, а посебно во форма на буквата „V“ – каде што френдовите не може добро да се поставуваат, НЛО може да се постави на било каква карпа. Со тек на време согледуваме каде тоа функционира, а каде не. Во основа, НЛО е нешто помеѓу френд, хекс и чок, а во некои случаи работи подобри и од металната опрема.

Алпинизам.орг: Од што се направени и во кои големини доаѓаат?
Давид: НЛО се прават исклучиво од текстил: од полиамид и полиестер и функционираат совршено :)
Имаме 3 димензии кои се аналогни на различни големини на пукнатини: 1 – за пукнатини во кои собира мали дланки, 2 - за пукнатини за нормални дланки и 3 – за пукнатини во кои може да се заглави тупаница. Во текот на оваа зима би сакале да претставиме и две нови помали димензии – за пукнатини во кои може да се заглават прсти и една поголема – за пукнатини во кои може да се заглават две дланки.

Алпинизам.орг: Дали се сертифицирани?
Давид: НЛО е сертифициран производ со CE1015 и EN12270. УИАА тестови не се направени, поради тоа што НЛО е сосема нова конструкција и за таква алатка сé уште нема дефиниран стандард во ова време.

Алпинизам.орг: Од каде името „НЛО“?
Давид: Во изминатите 10-тина години, во 2-3 наврати беше најавувано дека на пазарот ќе се појави „нова револуционерна алатка за обезбедување на песочник“. Но ништо не се случуваше и луѓето почнаа да зборуваат за алатката како за НЛО – во смисол како сите зборуваат за НЛО, но уште никој не ги видел :))

Copyright © Alpinizam.org