Првите чокови

Велшкиот качувач Марли Вуд се споменува како човек кој прв пат намерно почнал да поставува камења во пукнатините во карпите како точки за обезбедување при качувањето. Се споменува дури и конкретно насоката на која тоа го направил – „Насоката на Пигот“ во локалитетот Клогвин ДурАрду во Северен Велс во 1926 година.

Уште во тие години британските качувачи покажуваат аверзија кон клиновите – поради строги етички принципи. Тие одлучуваат да ги забранат во што е можно повеќе локалитети и при тоа обезбедувањето го правеле со гуртни околу лушпи, блокови, заглавени камења во карпите...

Камења во џебовите

До 1940-тите и 1950-тите години се забележува таква стратегија – качувачите пред да почнат да качуваат одредена линија, од под карпата собирале камења кои ги земале со себе ставајќи ги во џебовите со цел да ги заглавуваат во пукнатините. Некои од нив се случувало да земат гранитни камења (или камчиња) и да ги носат на локалитети од друг вид на карпа – како варовник на пример, со тоа веројатно предизвикувајќи мистерија за геолозите во иднината кои би пронашле во варовникот – заглавени гранитни камења... Стратегијата со заглавување на камења во насоките ја практикуваат и најсилните качувачи во тоа време – и на најтешките насоки.

Од камено во железно доба

Во средината на 1950-тите постепено во „опремата“ на качувачите, покрај камења во џебовите, се додаваат најчесто машински навои. За тоа кој бил прв во оваа практика, качувачите во Англија е тешко да се одлучат, поради тоа што најчесто токму со такво работно искуство и биле качувачите во тој период. Употребата на тие навои било многу брзо ставено „под лупа“ бидејќи качувачите приметиле дека острите рабови и бразди во навоите лесно ги оштетуваат замките. Така првиот чекор кон нивно усовршување било мазнењето на тие остри места. Исто така за разлика од камењата околу кои гуртните биле поставувани откако тие ќе биле поставени во пукнатините, навоите имале веќе поставена замка или гуртна.

Така постепено почнал да се оформува качувачкиот „хардвер“ од разни слични објекти.

Првите „баш“ чокови

Во 1961 година, се појавува првиот изработен чок од алуминиумска легура – кој бил изработен токму со цел да послужи како предмет за заглавување и со тоа за обезбедување при качувањето. Производител бил качувачот Џон Брилсфорд кој бил учител по инженерска технологија. Овој чок бил именуван Акорн и бил произведен во три големини – со ширини од 2,5см, 2см и 1,5см. Тие се веројатно првите чокови кои почнале да се продаваат во продавниците за планинска опрема – конкретно во градот Нотингем.

Сепак за насоките кои следеле пошироки пукнатини во кои се качува со заглавување на раката на пример – биле потребни чокови со поголема ширина. По неколку направени мерења на терен, за таа цел во поголемо парче метал Џон во неговата должина избушил две дупки низ кои требало да помине замка – во форма каква што најчесто ја знаеме денес. Тој чок бил наречен MOAC што е кратенка од првите две букви во зборовите од името на компанијата која го помага производството и дистрибура – MОuntain ACtivities. Првите се изработени во 1962 година во Манчестер и секако се користени од ѕвездите во тоа време – Џо Браун, Дон Роско, Даг Кук...

Паралелно со изработката на чокови со замки, се работи и на чокови со сајли. Како првенец во ова поле се споменува Чарлс Куртис кој се сретнува со оригиналните чокови во 1959 година. Во 1961 година тој дипломирал хемија во Шефилд и со оглед на тоа што најголем број од членовите на универзитетскиот планинарски клуб биле спелеолози кои работеле со скалички во кои употребувале тенки сајли – бил инспириран од нив да проба истото да го имплементира во чоковите.

Првиот обид бил големо промашување. Бил направен калап во кој бил истурен стопен алуминиум врз сајла со чвор. При обид за искачување на насока локален качувач при пад го уништил чокот. Причина за тоа било тоа што сајлата ја изгубила својата сила од температурата на стопениот алуминиум.... Вториот модел бил нешто слично на тоа што го имаме денес иако секако – не баш. Во алуминиумската плочка Чарлс избушил две дупки во долниот дел кои потоа се спојувале во една дупка на врвот. Сајлата се ставала од долните кон горната дупка, се врзувал чвор кој потоа бил сместуван во таа горна дупка. Ова секако ја ограничило големината на најмалиот чок со сајла во тој период – но секако бил поуспешен модел...

Овие чокови биле наречени – „Малите мајстори“. Името било во чест на вештите произведувачи на прибор за јадење во Шефилд во 18-тиот и 19-тиот век кои биле така нарекувани...

Copyright © Alpinizam.org