Koмуникација при качувањето

Независно дали се искачува кратка насока или насока со повеќе должини, комуникацијата помеѓу партнерите во една наврска е исклучително важна.

Сé започнува со „Тргнувам“ од алпинистот кој ја води насоката т.е. качува прв нагоре, и „Ајде“ од тој кој што обезбедува. Тоа е момент кога партнерите си даваат до знаење дека се подготвени да ја започнат својата авантура – заедно, свесни еден за друг и акциите кои треба да ги прават: тој што почнува да качува дека е подготвен да качува, а тој што треба да обезбедува дека е подготвен да го обезбедува својот партнер.

Како што се одвива качувањето, комуникацијата продолжува. Најчесто тој што ја води насоката ги изрекува следните команди:

„Јаже“ - дека му е потребно повеќе слободно јаже, на пример за да се прикопча во некоја точка за обезбедување, за да качува послободно т.е. можеби тој што обезбедува го затегнува повеќе, за да направи сидриште и слично,

„Собери јаже“ – тој што качува го известува својот партнер кој го обезбедува дека има подолго ослободено јаже и да го собере низ неговата алатка за обезбедување,

„Затегни“ - дека можеби ќе треба да се одмори т.е. „да висне“ на некоја точка и јажето да биде целосно затегнато,

„Качувам“ – дека продолжува да качува нагоре,

„Пази“ - го известува тој што обезбедува повеќе да внимава и да биде подготвен да обезбедува случај на пад во некој деликатен дел,

„Уште колку има јаже?“ - го прашува тој што обезбедува за да знае кога да почне да бара место за поставување на сидриштето,

„Камен!“ / „Мраз“ - го известува тој што обезбедува дека тој или некоја наврска од горе или од триење на јажето се ослободил некој лабав камен или поголем блок од карпата или мразот и тој да се засолни...

Тој што обезбедува од друга страна треба да биде постојано свесен за својот партнер кој качува, но и за јажето кое треба да го ослободува при обезбедувањето.

„Уште ХХ метри“ – треба да го известува својот парнер кој качува уште колку слободно јаже има останато, за да тој горе почне да бара соодветно место за сидриште.

Исто така може да се дојде во ситуација кога и покрај тоа што јажето педантно било собирано на сидриштето, тоа да се лизнало и да се заглавило. Тој што обезбедува во тој случај треба веднаш да го извести својот партнер кој качува нагоре, да најде веднаш добро место каде може да застане и да се фиксира за некоја точка, за да јажето биде ослободено и тој продолжи да качува без проблем...

На сидриште
Кога тој што ја водел насоката ќе дојде до горно сидриште, тогаш почнува следната комуникација:

„Ослободи јаже“ – тоа значи дека тој поставил сидриште, се обезбедил и дека не му е потребно повеќе обезбедување од неговиот партнер,

„Јаже ослободено“ – тој што обезбедува го известува својот партнер дека го ослободил јажето од алатката за обезбедување и дека може да почне да го собира остатокот на јаже,

„Крај на јаже“ – тој што е на долното сидриште т.е. тој што обезбедувал, го известува својот партнер кој го собира јажето на горното сидриште дека дошол до крајот на јажето,

„Подготви се и тргнувај“ – тој што е на горното сидриште го известува својот партнер дека почнал да го обезбедува со својата алатка за обезбедување и дека може да се ослободи од долното сидриште и да почне да качува нагоре,

„Тргнувам“ – алпинистот од долното сидриште почнува да качува нагоре

Помеѓу сите овие команди секогаш треба да има потврда дека командата е слушната и разбрана со „Добро“ за да се даде потврда на својот партнер или ако некој од алпинистите не е сигурен за нешто што неговиот партнер кажал, секогаш треба да побара повторување на кажаното со „Повтори“.

Овие се само основни команди. При качувањето секогаш се случуваат различни моменти за кои е потребно да се искомуницира со својот партнер за да двајцата бидат свесни за тој момент и двајцата да го решат истиот заедно. Сé што би се случило погрешно – е резултат на лоша или никаква комуникација.

Во случај кога се качува во локалитет каде има повеќе наврски околу вас, секогаш пред секоја команда треба да се спомене името на вашиот партнер – кој треба да ја слушне командата.

Исто така треба да се биде свесен и за моментот кога комуникацијата нема да биде воспоставена ниту со силно извикување. Тоа се случува на пример кога сидриштата се на големо растојание и на различни страни на некој гребен, кога се качува во невреме со силен ветер, кога се качува во локалитет во близина на некоја река – т.е кога има некаков силен звук кој оневозможува двајцата партнери да се слушнат еден со друг. Тогаш треба да постои договор комуникацијата да се одвива со затегнување на јажето т.е. на пример едно силно потегнување означува „јаже“ или „ослободи јаже“, две силни потегнување значат „јаже ослободено“, три силни потегнување значат „подготви се и тргнувај“ и слично. За тоа треба да постои договор – и секако пред сé свесност за потребна постојана комуникација со својот партнер.

Copyright © Alpinizam.org