|
Кралот алпинист
Белгискиот Крал Алберт Први почнува да качува во 1905 година. Иницијацијата во светот на алпинизмот ја има на Пиц Бернина (4048м) на која прави искачување под водство на водичот Алберт Суперсаксо. Од тој момент тој ја започнува својата интимна врска со планините качувајќи на многу познати планини и карпи насекаде во Европа.
Чест партнер во неговите искачувања бил Чарлс Лефубре. За него велат дека тој бил и инспираторот Кралот Алберт да почне да качува. Чарлс бил секретар на белгискиот хемичар, индустријалец и филантроп Ернест Солвеј – човекот кој во 1916 година донира средства за изградба на засолништето на Хорнли гребенот на Матерхорн кое го носи неговото име „Солвеј“ на висина од 4003мнв.
Да се вратиме на Кралот. Еве некои од неговите искачувања: Јунгфрау преку Ротал гребенот, Матерхорн преку Хорнли, Монте Роса, пречка на Гранд и Петит Дру, ЈИ страна на Флајшбанк, З срана на Предихштул, И страна на Тотенкирхел, И страна на Чима Гранде ди Лаваредо, С страна на Чима Пикола, И страна на Инеркофлер, Чима Пиколисима преку насоката на Пројс, Ј страна на Тофана ди Розес, Ј страна на Мармолада, Ј страна на Пунта Фиамес, СЗ страна на Крозон ди Брента, СЗ страна на Чима дела Мадона, СЗ гребен на втората кула на Села, С страна на Сасолунго, С страна на Катиначио, пречка преку кулите Вајолет...
Кралот станува почесен член на Францускиот Алпинистички Клуб во 1916 година, Британскиот Алпинистички Клуб, групата ГХМ, Италијанскиот Академски Алпинистички Клуб – во кој членови станувале алпинисти кои се докажале како водачи на тешки насоки...
Од сите пишувања за него може да се види дека Кралот Алберт Први бил пред сé многу хуман и непосреден човек кој бил многу почитуван во сите средини. Алпинистите својата почит му ја дале именувајќи по него домови, врвови, гребени...
Дел од тие почести:
Градот Шамони со декрет на 23-ти Февруари 1919 година го именува западниот врв на познатите „игли“ околу овој град како Поинт Алберт (2816м); Алпинистите Алдо Бонакоса и Гиусто Гервасути на 6-ти Октомври 1933 година искачуваат неискачена кула во долината Брегаља (помеѓу Швајцарија и Италија) и ја именуваат Торе Ре Алберто (2732м); третиот по височина врв на Рувензори кој и најмногу има алпски лик во 1932 година при неговото прво искачување од страна на Белгискиот Алпинистички Клуб е именуван како Поинт Алберт (5088м); Под Кулите Вајолет во Доломитите се наоѓа планинскиот дом Ре Алберто (2621м) изграден од познатиот алпинист Тита Пиаз во 1933 година...
На 17 Февруари 1934 година Кралот Алберт Први загинува при пад качувајќи сам на насоките во близина на градот Намур во Белгија.
Во 1993 година е основана Меморијалната Фондацијата „Кралот Алберт Први“ која секоја година им оддава признанија на личности и институции кои допринеле за доброто на алпинизмот и општо за светот на планините. Меѓу добитниците на ова признание се вбројуваат: Кетрин Дестивел, Елизабет Холи, Лорд Џон Хант, Ерхарт Лоретан, Ванда Руткиевич, Швајцарскиот Алпинистички Музеј, Канадскиот Банф Центар...
|