Share

Нечисто чисто

-10.07.2010, Игор Т.

Нечисто чистоМинатата недела Ник Селерс направи повторување на насоката „Прв и последен ѕид“ во Корнвел, Британија која беше искачена минатата година од Марк Едвардс и оценета како E8 6b/c (Потсетете се на оцените во Британија овде >>>>). При искачувањето Ник во насоката открил неколку избушени пукнатини за мали френдови кои ги фотографирал и кои и се понудени на тамошната качувачка заедница. Многу нормално – на темата почнува да се расправа, дискутира, дебатира и секако ваквото нешто е силно осудено.

Во регионот (кој патем велат го има најубавиот гранит пошироко) првите експанзиони клинови во насока се поставуваат во 1966 година кои потоа „се елиминирани“ сé додека во периодот 1986-1990 година повторно не бидат поставени нови експанзиони клинови во нови насоки. Силната неколку годишна дебата која се развива на оваа тема („употреба на експанзиони клинови во насоките“) резултира со тоа што се забранува било какво бушење по карпите.

Но сега некоја фаца со цел да качува во наметнатиот за него чист стил, а со оглед на забраната да буши дупчиња за клинови, се решил да си избуши цели пукнатини – тесни 1см, долги 3см и длабоки 3см. Добро е што барем останал на тоа. Во регионот се жалат дека од време на време наоѓаат и исклесани фаќалишта во насоките.

Ник за насоката вели дека тежината на насоката според него сега со овие „пукнатини“ е Е6 и најмногу Е7 во однос на опасноста и француска 6c во однос на техничката тежина и уште додава: „Насоката во нејзината оригинална форма би била фантастична смела линија со оцена Е8, но сега оригиналниот предизвик е одземен и капрата е непоправливо уништена.“

Нечисто чисто

Првиот качувач на оваа насока, Марк Едвардс, тврди дека има 7 сведоци кои биле со него за време на неговото искачување – дека тој не ги избушил овие пукнатини: „Многу сум тажен што го слушам ова. Јас не бушев ништо за моите френдови и имам седум сведоци кои беа таму за време на моето чистење на насоката и нејзино искачување. Сигурен сум дека тие ќе го потврдат тоа. Срамота е што насоката е уништена, но тоа и не е прв пат да се случува такво нешто во овој локалитет...“

 

Copyright © Alpinizam.org