Партнери:

 

 

Share

За организацијата

-31.08.2011г., Игор Т.

За „Ехо од Банско“

Среќни сме што конечно имаме можност да уживаме во панорама на планински филмови и во Македонија!

Како што кажува и самиот наслов, овој настан е Ехо од веројатно најголемата и најзначајна културна манифестација на тема планини на Балканот: Банско Филм Фест. Овој меѓународен филмски фестивал прерасна во сериозна институција која на едно место носи прекрасни филмски остварувања, реализира презентации на достигнувањата на најголемите имиња од светот на планинските спортови, изложби на фотографии... На едно место, во прекрасното Банско, се случува прослава на соживотот помеѓу човекот и природата, човекот и планините...

„Ехо од Банско“ е заеднички обид дел од таа прослава да се пренесе и во Македонија.

Така во септември 2010 година, во рамките на „Културното Лето 2010“ при Општина Карпош се одржа првото Ехо, на кое беше претставена програма од 15 филмови. Овогодинешната програма ќе содржи 12 филмови, презентација и изложба на фотографии... Филмовите се само мал дел од богатството акумулирано во БанскоФилмФест низ годините, но се надеваме дека тоа ќе биде инспирација повеќе да го посетите овогодинешното, 11-то издание на овој фестивал во Банско кое ќе се организира при крајот на Ноември, а секако се надеваме дека после тоа ехото од таму повторно ќе „го слушнеме“ и овде кај нас...

Проекциите се одржуваат во Кинотека на Македонија и изразуваме голема благодарност и до оваа институција за одличното гостопримство!!! Исто така изразуваме голема благодарност и до многуте наши пријатели и партнери кои помагаат - сите на свој начин, оваа манифестација да помине во најдобар ред!!! Голема благодарност!!!

* * * * *

За Банско Филм Фест

Фестивалот постои од 1998 година. Негови организатори се здружението „Меѓународен фестивал на планински филм“ и општината Банско. До сега се направени 10 фестивали, а оваа година ќе се одржи и единаесетиот (23-27 ноември 2011г.) Прикажани се 613 филмови од автори од сите континенти - од околу 45 држави. Најмногу филмови на еден фестивал беа прикажани во 2009 година – 105.

Фестивалот низ сите тие години ги прикажува најдобрите остварувања од светското кино за планини, екстремни спортови, авантури, патешествија... До сега официјални гости биле многу познати луѓе од светот на планинските спортови. Меѓу нив: еден од најголемите алпинисти и авантуристи Рајнолд Меснер (Италија), најголемиот поларен патешественик (нарекуван „вториот Амундсен“) – Борге Аусланд (Норвешка), легендарниот скијач Густаво Тони (Италија), легендите на светскиот алпинизам Валтер Бонати (Италија), Курт Димбергер (Австрија), Кристоф Виелицки (Полска), Ерар Лоретан (Швајцарија), Алекс Хубер (Германија)... Свои презентации прават и бугарските алпинисти, спелеолози, за време на фестивалот се прикажуваат и фото изложби – од искачувања, поларни истражувања, а здружението исто така има објавено и четири книги: „Мојот живот на работ“ (Р. Меснер, 2007г.), „Стрмни врвови“ (Г. Атанасов, 2008г.), „Моите спомени“ (Б. Бонати, 2009г.) и „Ти не си втор, ти си голем (Биографија на Јежи Кукучка)“ (П. Атанасов, 2009г)...

Оваа година се најавуваат и дополнителни активности и изненадувања, така што планирајте да го посетите Банско: 23-27 ноември!

Copyright © Alpinizam.org