ВЕСТИ:

-Во 2010...,

-Во 2009...,

-Во 2008...,

-Во 2007...,

-Во 2006...,

-Во 2005...,

-Во 2004...

 

 

 

Ви презентираме инспиративни достигнувања на странски и домашни алпинисти кои нé инспирираат да работиме и понатаму со уште поголем интензитет.

Во 2009...

Задоцнети вести за „гири-гири“ момците

При крајот на Ноември јапонските алпинисти Фумитака Ичимура и Генки Наруми го направија првото искачување по северната страна на Тавоче (има разни висини за овој врв 6367м-6501м) – во алпинистички стил качувајќи два и пол дена. Ова беше направено на 26-ти Ноември, а беше втор обид. Имено во средината на месецот Јапонците имаа неуспешен обуд стигнувајќи до 6100мнв во лоши услови... Планината прв пат е качена од Јеф Лов и Џон Роскели во 1989 година преку северо-источната страна, а 6 години подоцна од Мик Фаулер и Пет Литлџон преку северо-источниот столб...

На крајот на Октомври 4-член јапонски тим воден од ветеранот Осаму Танабе направија искачување на западната страна на Намјунг (7140м) - во близината на Манаслу во Непал. Во тимот уште беа и Мичиро Кадоја, Јасухиро Ханатани и Нобуске Оку. Ова е второ искачување на оваа планина. Првото беше направено во 1983 година – направено исто од Јапонци преку источниот гребен...

Најголемиот мраз во Австрија

 На 3-ти Декември Алберт Лаихтфрид и Бенедикт Пурнер го искачија најголемиот мраз во Австрија, „Moonwalk“ - висок 1000м. Тежините се WI6/M7 (фотка десно). Повеќе инфо: www.albertleichtfried.at

Нова насока на Сигунианг (6247м)

Кина: На 27-ми Ноември кинеските алпинисти Јан Донгдонг и Зу Пенг по 1000м високата јужна страна искачија нова насока во период од три дена, а потоа им биле потребни по истата линија ден и половина за враќање.

Почина Лино Лакедели

20.11.'09 Верверичките од Кортина денес се простија со уште еден од нивните најпознати членови од 1950-тите години: Лино Лачедели (83). Лино заедно со Ахиле Компањони (кој почина оваа година во Мај на 94-годишна возраст), во 1954 година како членови на италијанската експедиција беа првите кои се искачија на врвот на К2 (8611м). Тоа е секако најпознатиот дел од спортската биографија на Лино, но не смее да се заборават и неговите искачувања на големите варовнички карпи околу Кортина - градот во срцето на Доломитите. Искачувања како на пример тие на Чинкве Тори, Тофана ди Розес, Чима Скотони, Пунта Џованини, но и во Алпите - како на пример второто искачување на источната страна на Гранд Капусен...

Замина големиот Томаж Хумар

14.11.'09 Само што ја слушнавме најнепосакувната вест дека Томаж Хумар починал. Неговото тело е симнато од Швајцарците во базниот камп... Тажно... Претходно известивме:

Томаж Хумар повреден на Лангтанг Лирунг (7227м)

12.11.'09 Во спасувачката акција се вклучува и спасувачки тим од Швајцарија. Тие отпатуваа кон Катманду со надеж дека ќе добијат дозвола да полетаат со непалски хелихоптер и го молат секој кој може да ги убеди непалските власти да им дозволат - да ги контактира. Се работи за искусен тим кој годишно прави преку 8000 подигнувања на различен товар маневрирајќи со сајли со должина и до 200 метри...

11.11.'09 Словенечкиот алпинист Томаж Хумар е повреден на висина од 6300мнв во обид за соло искачување на јужната страна на оваа планина. Сите информации околу неговата ситуација во моментов се шпекулации - дали има скршена нога, ребра, дали се случило при качување или симнување... Едно е јасно - започната е спасителна акција во класичен стил - т.е. качувачи се обидуваат да стигнат до него, а се зборува и за употреба на хелихоптер во зависност од сериозноста на повредите... Вики Грошељ за „Камнишке Вести“ само изјавува дека до овој момент не знаел дека Хумар е во Непал, знае дека многу добар тим работи во спасувањето и поради недостаток на информации дека е загрижен и е во исчекување на новости што поскоро...

Ново на Чанг Химал (6750м)

На почетокот на Ноември британските алпинисти Енди Хаусман и Ник Булок го направија првото искачување на северната страна на Чанг Химал (6750м). Насоката се издигнува 1800 метри во вертикала, качена е во чист алпинистички стил во период од 5 дена и е оценета ED+. Скромно и искрено еве што вели Ник за насоката: „Да се разбереме – ова не е искачување „на границите“, најсилно, најтешко, најсмело... Оваа сезона имаше многу нови насоки во Непал и Кина и оваа секако не е најтешката. За нас таа претставува чекор во непознатото, предизвик да се надминат досегашните наши искуства во планините и беше најголема планина на која заедно со Енди досега сме биле. Имавме храброст да дојдеме до подножјето и да почнеме да качуваме. Насоката не е „луда“, туку е тешка класика која ќе ги очекува повторувачите...“

Нова насока на Победа

Руските алпинисти Витали Горелик (42) и Глеб Соколов (56) искачија нова насока на 2400 метри вертикалната северна страна на Пик Победа (7439) во алпинистички стил. Искачувањето траело седум и пол дена, а за симнување им биле потребни уште ден и половина. Аклиматизацијата ја направиле искачувајќи се на блискиот Кан Тенгри (7010м), а искачувањето го започнале во нестабилно време – снежни врнежи кои резултирале со чести лавини.

Условите биле тешки – тоа што се надевале да го качат во еден ден, го качувале два и пол дена. Наместо лесно снежно поле, Русите наишле на цврст мраз. Карпсетиот појас пак, исто така бил прекриен со тенок мраз.  

Поради лошите временски услови, на гребенот се откажуваат од главниот врв и пречат кон западниот врв Победа (Пик Павел Пшавел – 6918м).

Нова насока на Немџунг (7140м)

Француските алпинисти Јаник Грациани и Кристијан Тромсдорф во средината на Октомври искачија нова насока на оваа 7140м висока планина во Непал. Тие се качиле на висина од околу 6900-7000мнв по страната, но не продолжиле по лесниот гребен до врвот. При качувањето бивакувале четири пати – тоа знаејќи ги нив значи тешка насока: 2300 метри вертикала со ED+ тежини. Насоката со вкупно 45 должини се движи најмногу по мраз, микс терен и снег, а само неколку должини чиста карпа. Планината е искачена само еднаш – од јапонски алпинисти во 1983 година.

Нови насоки во Гарвал Хималаите

Од средината на Септември до почетокот на Октомври Словенците Рок Благуш, Лука Линдич и Марко Презељ искачија три нови насоки во Гарвал Хималаите во Индија – по западните страни на Багирати 4 (6200м) и Багирати 3 (6454м) и по југозападната страна и западниот гребен на Багирати 2 (6512м). Погледнете ја фотката десно. Не знам колку е тоа нормално, но нормално - насоките се во ED категорија, од кои таа на Багирати 2 е oценета и ED+/ABO. Вкупно денови поминати само во качување – 17...

Во светот на статистиките – Каракорам, Лето/2009

Оваа година беше евидентно дека во овој дел од Хималаите владеат многу лоши временски услови. Тоа резултираше само со вкупно 35 искачувања на тамошните планини повисоки од 8000м во споредба со 93 минатата година... Во тие 35 искачувања оваа година на планините повисоки од 8000 метри во Каракорам, загинаа 5 качувачи... Повеќе инфо >>>>

Почина Рикардо Касин

На 6-ти Август во Италија почина легендарниот алпинист Рикардо Касин. Пред 1 годинa објавивме интервју со него на кое можете да се потсетите овде >>>. Многу силни искачувања во Доломитите, Алпите, Хималаите, Андите. Касин е огромна инспирација за сите алпинисти - нема други зборови... Оваа година во Јануари тој го прослави својот 100-ти роденден...

Бугарите на 2-та Гашербрума

На 1-ви Август бугарскиот алпинист Бојан Петров се искачи и на Гашербрум 2 (8035м) - само една недела по искачувањето на Гашербрум 1(8068м) на 26-ти Јули.

Искачувањето на Г1 го направи како член на бугарската експедиција заедно со Николај Петков, Дојчин Бојанов и Николај Велков, а на Г2 соло од третиот камп (7300м) откако самостојно плати дел од дозволата на шпанската експедиција во која се приклучи, бидејќи бугарската експедиција објави повлекување од Г2 на 30-ти Август.

Бескрајна тага за Елена

04.07.2009 - Со голема болка во нашите срца соопштуваме дека Елена Костовска (18) почина од здобиените повреди при несреќата на Матка. Голема загуба за качувачката заедница во Македонија, но пред сé секако на нејзиното семејство до кое упатуваме длабоко сочувство...

Дијаманти

Се мислевме дали да го ставиме ова во делот „Да се насмееме“ - но се решивме за „Вести“. Значи малце да ги зачиниме со „Црна хроника“ вестиве: во средината на Јуни заканувајќи се со цепин, тип влегол во просториите на познатата компанија за производство на алпинистичка опрема Black Diamond (во превод нели Црн Дијамант) во САД и побарал да му се предадат дијаманти и други скапоцени метали - мислејќи по името на фирмата дека тоа е полето на кое работат таму... Кога му било кажано дека фирмата не работи со таква „стока“ туку со опрема за качување, типот се задоволил со компјутери, тубуларци...

Бугарите тргнаа кон Гашербрумите

(16-ти Јуни) Бугарските алпинисти: Николај Петков (водач на експедицијата), Дојчин Бојанов, Бојан Петров и Николај Велков се наоѓаат во Пакистан со цел да направат искачувања на Гашербрум 1 (8068м) и Гашербрум 2 (8035м). Дојчин и Бојан во 2005г. се искачија до 8150м на К2, а во 2006г. Дојчин и Николај Петков имаа обид за нова насока на Гашербрум 1, претхдно аклиматизирајќи се на Нанга Парбат. Сето ова - без дополнителен кислород... Николај Велков е млад член кој е вклучен поради неговиот качувачки квалитет со цел да учи и стекнува искуство во тој свет на високите планини... Им посакуваме успех!

Замина Сергеј Самоилов

На 27-ми Мај, во последниот обид за искачување на Лотце како дел од Казакстанската експедиција за пречката Еверест-Лотце, загина Сергеј Самоилов (52). Некои од неговите попознати хималајски искачувања (само 8000м): со Денис Урубко во 2005г. нова насока на Броад Пик, во 2006г. нова насока на Манаслу (на оваа планина немаше искачувања во претходните 3 години), а во 2007г. по северната страна на К2 (11 години немало искачување од оваа страна)... Тој се има искачено уште и на Даулагири (2007г.), неуспешен зимски обид на Макалу... Сите искачувања се без дополнителен кислород...

14-ка за Урубко

Денис Урубко и Борис Дедешко на 11-ти Мај се искачија на Чо Оју (8201м) –по нова насока и во алпинистички стил по југоисточната страна. Урубко со тоа во многу висок стил ја заокружи бројката од сите 14 преку 8000.

Нешто за искачувањето: Оваа страна на Чо Оју е висока 2800 метри во вертикала. До сега на нејзе има три насоки. Во 1978 година австриска експедиција, а во 1985 година полска експедиција во зимски услови. Искачувањето на Денис и Борис траеше една недела од што три дена поминати за симнување по истата насока (два дена без храна)...

На фотката – црвената линија (Урубко/Дедешко), лева зелена линија (1985г.), десна зелена линија (1978г.)

Златен Цепин 2008г.

На 25-ти Април беа прогласени добитниците на „Златен Цепин 2008г.“. Оваа година прв пат „наградата“ ја добија три тима за разлика од сите други досегашни манифестации кога се „наградуваше“ еден тим. Од 6-те предложени номинации добитници се 2-та јапонски тима и наврската Штек/Антаматен. Прв пат во овие 17 години „Златен Цепин“, меѓу добитниците има и девојка - Јапонката Кеи Танигучи.

Замина Пјотр Моравски

На 8-ми Април светскиот алпинизам загуби голема ѕвезда во светот на хималаизмот. Загина полскиот алпинист Пјотр Моравски (33) во пад во креваса враќајќи се од вториот висински во базниот камп на Даулагири (8167м). Овде Моравски беше со намера да направи аклиматизација, а потоа неговиот план беше заедно со Петер Хамор да искачат нова насока на западната страна на Манаслу (8163м)...

Чесите и магнезиумот

На крајот на Март, чешките качувачи изгласаа дозвола за употреба на магнезиум при качувањето во нивните локалитети. После неколкугодишно дискутирање на оваа тема со 2034 гласа „за“, 586 „против“ и 169 „воздржани“ помина иницијативата која била буткана најмногу од спортските качувачи кои сакале да качуваат „по дома“ исто како и во другите земји – контра „конзервативните традиционалисти“ :)... „За“ било и новото раководство на Чешкиот Планинарски Сојуз кое само што дошло на власт пред околу 2 месеци...

Зимско на Макалу

На 9-ти Февруари Симоне Моро и Денис Урубко го направија првото зимско искачување на Макалу (8463м). Искачувањето е направено по нормалната насока и траело три дена со две преспивања на 6800мнв и 7700мнв. Минатата година тие стигнаа до 7500мнв, но се повлекоа поради урагански ветрови. Во историјата се направени најмалку 10 обиди за овој потфат, а во 2006 година таму исчезна Жан Кристоф Лафаел кој се обиде да се искачи сам...

Рекорд на Ули на Матерхорн

На 13-ти Јануари Ули Штек се искачи по северната страна на Матерхорн за 1 час и 56 минути. Искачувањето го направи по насоката на браќата Шмид од 1931 година - долга околу 1000 метри и со тежина ED1. Во ист стил како и претходните две од големата трилогија - северната страна на Гранд Жораз за 2 часа 21 мин. и северната страна на Ајгер за 2 часа и 47 мин. (фотката е од Гранд Жораз). Повеќе за Ули прочитајте овде >>>>

Нова насока на Квангде Шар (6093м)

На 13-ти Јануари Инес Паперт и Кори Ричардс искачија нова насока по северната страна на Квангде, станувајќи трета наврска која успеала да го направи тоа. Насоката се вика Кобра Норте, долга е 1200 метри, техничките тежини се TD, WI5 M8, а искачувањето траело 4 дена. Условите на мразот не биле многу добри и всушност Инес претходно се обидела да направи искачување со други две девојки, но поради тешките услови тие стигнале „само“ до 5850мнв...

„Невозможна“ линија во Илкли

На 10-ти Јануари Рајан Паскил во локалитетот Илкли (Јоркшир) успешно ја искачи линијата на која во изминативе 20 години се обидувале качувачи како: Стив Меклур, Џејмс Пирсон, Стив Данинг, Џери Мофат - меѓу другите... Се очекува име и оцена на насоката.

Енди на Ајгер - зимско соло

На 4-ти Јануари Енди Киркпатрик реши да се повлече од Северната страна на Ајгер каде на 31-ви Декември започна зимски соло обид на Харлин насоката. Многу снег, лавини, тенок мраз, тешка карпа за качување со цепини и дерези, тежок ранец за влечење - дел од причините... Еве го последниот е-маил од него: „За солирањето на Ајгер ми беа потребни сите трикови кои ги знам и сé што знам. Сепак на крај сé се сведува на тоа да знаеш кога си победен. Време е да се повлечам...“ Повеќе за Киркпатрик прочитајте овде>>>>

 

Роденден на Касин

На 2-ри Јануари Рикардо Касин го прослави својот 100-ти роденден. Тој е еден од најпознатите италијански алпинисти со многу нови и први искачувања, а секако најпознатите се првите искачувања на Чима Овест ди Лаваредо во 1935 година, северо-источната страна на Пиц Бадиле (3308м) во 1937 година, северната страна на Гранд Жораз по Волкеровиот Гребен во 1938 година, искачувањето на Маунт Мекинли (Денали - 6178м) по т.н. Касинов Гребен во 1961 година... Прочитајте повеќе за него овде >>>>

 

Copyright © Alpinizam.org