|
ИСПО Минхен 2012-та
-02.02.2012г., Игор Т.
Од 29-ти јануари до 1-ви февруари во Минхен се одржа еден од најголемите саеми за спортска опрема, кој најголем акцент всушност им дава на спортовите во природа: планинарење, алпинизам, скијање, бордање итн. Јас имав можност да го посетам саемот во период од два дена па ви пренесувам по некој момент од него:
Познат како ИСПО Минхен, тој се одржува уште од 1970-тата година, а оваа година на него се претставија 2344 компании од 51 земја во светот. Зголемениот број на изложувачи во споредба со минатите години се должи на зголемениот простор за изложување кој оваа година изнесуваше 185.000 m², кој всушност ги зафаќа сите 17 хали на минхенскиот саем вклучувајќи го овде и конгресниот центар. На оваа бројка се додава и таа на посетителите: близу 80000 од повеќе од 100 земји...
Од ИСПО Минхен велат дека и покрај доцниот старт на оваа зимска сезона и континуирано тешката економска ситуација во некои европски земји, сепак енергијата на саемот била многу позитивна. Во анкетите кои ги направиле, 70% од посетителите го оцениле саемот како „одличен до многу добар“, а 28% го оцениле како „многу добар“. Исто така, 51% од испитаниците одговориле дека веруваат дека овој саем ќе продолжи да расте и да добие важност како водечка платформа во спортскиот бизнис, а други 46% пак одговориле дека саемот успешно ја одржува високата вредност која ја има поставено во минатото.
Клаус Дитрих, Претседател на Минхенскиот саем, вели: „Овие резултати ја зајакнуваат позицијата на ИСПО Минхен како најважен и најголем саем на светската спортска индустрија. Тоа нé инспирира во нашата одлучност да продолжиме да работиме на развој на иновациите кои ги инициравме до сега на ИСПО, како на пример ИСПО Наградите...“
Кога сме кај ИСПО Наградите, основен критериум за влез во натпреварот за оваа година беше „иновативноста“. Номинираните и наградните производи беа селектирани од жири составено од новинари, дизајнери, продавачи и спортисти од различни земји, кои немаа лесна работа: имаа 260 предлози за разгледување. Од нив во различни сегменти тие одбраа 22 победници кои и беа изложени во една од халите. Имаше различни производи: скии за различни стилови, шлемови, јакни, челни лампи, сетови за виа ферата, везови...
Покрај тоа, други интересни активности беа секако средбите со докажани спортисти од овие спортови, дружење со нив и релаксирани разговори, конференциски претставувања на различни теми и размена на искуства од различни сегменти од работењето на планинските спортови и секако најосновното – средбата со производителите, директен контакт на едно место со голем број најнови прозводи за сите овие спортови... Беше богато искуство секако! Еве уште по некој момент низ фотки:


|