Планински велосипедизам

Тура: Скопје-Драчево-Караџица-Чашка-Велес (04.10.2008)

- Авантурата на Александар и Игор

Од Скопје тргнавме со малку поголем план, но и со отворени опции – истиот да се приспособи на нашата подготвеност, временските услови и моменталната инспирација од нешто на што ќе наидеме на овој пат по кој прв пат одевме и двајцата.

Нé водеше истражувачка енергија. Сакавме да уживаме во нови погледи кон планините, сокриените планински патчиња, да поминуваме низ села во кои никогаш не сме биле – да уживаме во нашата прекрасна Македонија...

Од Скопје тргнавме околу 8 часот наутро. Времето беше пријатно и со фино возење стигнавме брзо до Драчево каде е одвојувањето за селата Долно и Горно Количани, Црвена Вода, Алдинци... Тука почнува убава стрмнина која води сé до планинскиот дом Караџица (околу 1450мнв) до кој се стигнува по околу 40 километри вртење и вртење и вртење на педалите. Сигурно дека не е едноставно, но се поминува низ интересни места – убави села, поглед „од другата страна“ на Водно, под Китка и секако најмногу очекуваното место на отприлика пола пат – Преслап. Причината за исчекувањето на Преслап е едноставна: после тоа вртење следува малку одмор - убав спуст. Прво се радувате бидејќи патот е добар и се ужива во погледот наоколу, но после ви текнува дека ќе следува пак угорнина... Но сепак ептен се ужива!!

Луѓето кои ги сретнавме по пат – во селата, во викендиците, кои застануваа по пат со колите, тракторите – беа многу пријатни и сите ни посакуваа добар пат, ни помагаа со информации околу растојанието до следната точка, нé охрабруваа... Направивме неколку кратки одмори и најчесто покрај некој извор надополнувајќи ги шишенцата кои ни беа на велосипедите. Од возењето секогаш бевме испотени и загреани, но секогаш штом малку ќе застаневме – стануваше студено и затоа веднаш продолжувавме.

На Караџица стигнавме околу 1:30 часот. Се облековме во потопла облека и се подготвивме за кратка ручек пауза. Бевме изморени, но сакавме да продолжиме. Во домот имаше уште тројца луѓе со кои зборувавме за нашето возење, временската прогноза, патот пред нас... Времето беше променливо. Де сонце – де облаци, а овие интернет-метео сајтовите пред да тргнеме сите прогнозираа врнежи и ветер што ни го потврдија и нашите соговорници. Еден од нив ни предложи да одиме кон селата Горно и Долно Јаболчиште од каде се излегувало во селата Теово и Согле. Соговорникот ни рече дека слушал од селаните како од Јаболчиште се одело кон Теово-Согле-Богомила и ни кажа каде треба „да свртиме лево“ за тој пат. Богомила звучеше доста добро бидејќи таму имавме каде да преспиеме, а следниот ден да се вратиме во Скопје.

Решивме да го направиме тоа. Среќни што ќе можеме да правиме добар спуст кон тие села почнавме да возиме, но решивме да ја потврдиме информацијата бидејќи тоа беше нешто што новостекнатиот пријател „го слушнал, а не го направил“. Најпрвин сретнавме планинари кои од таа страна доаѓаа кон Караџица, но тие не знаеја за тој пат бидејќи доаѓаа од друго место, а потоа во еден момент сретнавме еден селанец кој на коњ се движеше по патека паралелна со нашата. Го прашавме за предложениот пат и тој рече дека тој пат всушност води до Чашка.

Чашка? Па тоа е скоро на пола пат меѓу Скопје и Богомила. „Закај бом ишли в Богомило“, па утредента да се враќаме назад по истиот асфалтен пат, кога можеме едноставно да фатиме накај Скопје... Одлуката веќе ви е јасна. Спустот беше фантастичен. Долг!!!!! Уживавме, скокавме, се калосувавме... Ептен уживавме. Беше интересно дефинитивно. Им мавтавме на селаните од Годно и Долно Јаболчиште, Лисец... Патот продолжуваше и продолжуваше, а Чашка никако да се појави. Од зад нас, од планините од кои се спуштавме почнаа да се собираат црни облаци и се познаваше дека врне таму горе. Сега изгледаше како да бегаме (а не бегавме туку само сакавме што побрзо дома) од нив кон Чашка. Конечно стигнавме и до Чашка и по мала угорнина, следуваше пак фино спуштање кон Велес. Веќе во тие моменти се стемни и решивме да фатиме еден од возовите кои во тој период (околу 7 часот) би требало да поминат. Почна и лесно да роси. Кога стигнавме на железничката – чичкото на шалтерот ни рече дека следниот воз е за 10 минути. Ете ти!

Турата беше фантастична. Дванаесет часа возење, вртење, потење...Убави предели... Мислевме да возиме до Скопје од Велес преку „стариот пат“, но ќе стигневме доцна и изморени. Би била фина тура да се направи во два дена, со преспивање во планинскиот дом на Караџица или некаде поблиску до Чашка па да се оди некаде на друго место итн, итн...

Следниот пат!

Наскоро повеќе фотки!

 
Copyright © Alpinizam.org