Share

Демант

На објавениот текст на новинарот Миодраг Мицковиќ, во „Утрински весник“ бр. 3672 од 3-4 септември 2011 година

- Игор и Весна Талевски

По нашето искачување на насоката на италијанските алпинисти Касин, Рати, Еспозито, Молтени и Валсеки на северо-источната страна на Пиц Бадиле, пуштивме допис - известување до неколку медиуми и новинари за ова наше искуство. Бевме контактирани од Миодраг Мицковиќ кој беше и единствен новинар од пишан медиум (од тие медиуми до кои пуштивме допис) кој беше заинтересиран за објавување на информација за ова искачување.

Неговиот текст кој беше објавен во споменатиот број на дневниот весник „Утрински весник“ е полн со зборови, изрази и факти кои наводно ние сме ги кажале, но тоа не е вистина и поради тоа го пишуваме овој демант.

Почнувајќи од самиот наслов „Не се догледуваше надолу“, па „најстрмната карпа во Европа Пиц Бадиле“, „6+, што значи една од најтешките насоки во овој опасен спорт“, па тоа дека минатата година од Големата Кула на Лаваредо сме го виделе Пиц Бадиле во далечината, па тоа дека сме решиле да качуваме по цена на ризик, па хеликоптери итн итн... Новинарот нé цитира за работи кои не сме ги кажале и ги извртува тие кои сме ги кажале. Разбираме дека можеби не му го опишавме нашето искачување доволно спектакуларно за да се најде во весникот, но тоа не требаше да биде причина тоа вештачки да се направи. Едноставно можеби и не требаше да се објави во краен случај...

Миодраг Мицковиќ е еден од малкуте новинари (кои ние преку нивните редакции или директно ги контактираме) кој секогаш пројавува личен интерес да објави текст на тема „алпинизам“ и за тоа секако сме благодарни. Во едно општество во кое алпинизмот е крајно маргинализиран и не разбран, секоја иницијатива за негово промовирање е повеќе од добредојдена. Сепак не се согласуваме на вакво грубо интервенирање во нашите зборови, за да текстот биде подобра поезија во проза и да привлече публика/читатели.... Не се согласуваме така вештачки да нé прави некој херои кои „покоруваат“, „освојуваат“ и „победуваат планини“. Сите кои барем малку нé познаваат знаат дека барем тие зборови не се наши. Текстот е објавен во рубриката „Стил“. Сите кои барем малку нé познаваат знаат дека тоа не е нашиот стил.

Причина за објавување на текстови и фотографии од нашите искачувања, на нашиот веб сајт и во медиумите (пишани, електронски...) никогаш не било евтино самопромовирање (што преку вакви активности е толку лесно), туку споделување на авантури преку кои искрено се обидуваме да инспирираме што повеќе луѓе да сакаат да уживаат во планините. Единствена причина поради која објавуваме текстови и фотографии е да споделиме со нашите пријатели и читатели каде нé однел овој наш пат наречен алпинизам – на кои планини и во каква природа, со надеж дека ќе ги инспирираме и тие да појдат таму (да уживаат, да се радуваат, да се насладуваат, а не да освојуваат) или пак и тие да ни се приклучат во следната акција и искачување.

Текстот се сведува на новинарско надувување на работите, искрено згрозени сме од сите тие работи кои наводно сме ги кажале и се извинуваме за секоја штета што со тоа му е причинета на алпинизмот.

 

Copyright © Alpinizam.org