Повеќе прекрасни текстови и фотографии од Андреј, на неговиот блог:


http://andpram.blogspot.com

Share

Зимски предизвици

24.01.2012г.
Андреј Праматаров

Зимската сезона ја отворивме со одење на Мусала. Се разбира не со лифт и по патеката. За нас, требаше да биде потешко. Сé почесто се уловувам како се дрзнуваме прекумерно многу да си ги цедиме силите. Долг пристап, качување на долга  насока и повторно долг пат назад кон цивилизацијата. Дали ова ќе се покаже како неопходен тренинг за големите планини еден ден или едноставно напразно вложуваме нерви и сили во копнежот да ги допреме небесните пространства? Одговорот можеби ќе дојде со време, кога следниот пат погледот повторно ќе се насочи нагоре, кон повисокото, кога повторно ќе ги наполниме ранците со надеж и вера и ќе тргнеме по нерамниот пат, кој води кон нови предизвици...

Тргнавме четворица од Боровец, го поминавме домот Мусала, качивме Иречек по билото над Палецот, ја поминавме Мала Мусала, назабените Триони, врвот Мусала (2925м) и се спуштивме во бивакот Еверест. Тоа е т.н. Траверс на Мусала, но сепак за мене тоа е половината од венецот на Мусала. Целосната пречка би требало да почне од Иречек и да заврши на Маркуџиците, по Алеко. Нашето модифицирано пречење беше надополнето со заморот од досадното одење од Боровец до планинскиот дом Мусала, но крајниот резултат од дванаесетте часа одење и качување е најважен – сите беа среќни!!! Се сеќавам што ми кажа еден стар алпинист во планинскиот дом Вихрен пред две години: „Ако си добар алпинист, треба не само да качуваш, туку и често да одиш во зимски услови! Не може да не одиш во планина. Треба здраво млатење!“

...

Една недела подоцна, со мојот пријател Марто, отидовме во малјовишкиот дел на Рила со цел да се искачиме на некои од врвовите околу засолништето БАК. Цел ни беше Источниот раб на Злиот заб, но подоцна ќе се покаже дека плановите ни беа осуетени од многу снег. Во засолништето пристигнавме целите измрзнати, изморени и изнервирани, точно пред да се стемни. Температурите беа многу ниски, но успеавме да се нспиеме добро. Следниот ден заедно се согласивме да се откажеме од искачување на Забот, му го свртевме грбот и тргнавме кон врвот Камилата (2621м).

Кон Камилата тргнавме без идеја и конкретна насока. Едноставно сакавме да се искачиме до горе, на врвното било. Долго пречење во десно и лесно стрмниот кулоар нé доведоа до карпести делови кои формираа нешто како раб. Тежината не беше голема и качувавме со насмевка на лицата и покрај вкочанетите од студ екстремитети. Наскоро се појави и сонцето и ситуацијата целосно се смени. Тргнав да качувам како прв и стигнавме до еден убав жлеб долг околу седум метри. Овде беше потешко, но со внимателно качување и со добро обезбедување стигнав до терасата над него. Глетката беше живописна... По уште еден полесен жлеб се искачивме до врвното било од каде стигнавме и до врвот. Малјовишкиот дел на Рила е многу убав, а погледот од Камилата тоа сосема го потврди... Од спротива во густи облаци беше Малјовишката северна страна и тоа е местото каде пред повеќе од 70 години се раѓа алпинизмот во Бугарија.

...

Новата година дојде со многу снег и вистинска зима. Со големо нетрпение го дочекав моментот да ја посетам Белоснежната планина. Убаво ја нарекле древните траки. Со толку снег во вистинската зима, Пирин сјаеше со неопислива магија, дури и во четири часот наутро кога стигнавме во Банско. Неспиени и изморени, двајцата со Марто тргнавме кон врвот Вихрен (2914м) и поточно кон неговиот остар Џамџиев раб. Од Шилигарник тргнавме околу пет часот на температура од околу -25 степени.  Јаката на јакната се стврдна за неколу секунди, а воздухот нé прободуваше со својата сурова, зимска и смрзнувачка свежина. Малку потоа започнавме со подготовките, точно во почетокот на работ, под домот Вихрен. Качувавме со умерено темпо, си мрзневме и молчеливо лазевме по кривиот раб на врвот. Претходниот ден искачување имаше направено Митко Колешев и група клиенти и пред нас се простираше трага која упорно ја следевме. За несреќа ветрот ја имаше прикриено таа патека на многу места, а таму пак каде луѓето при симнувањето претходиниот ден пропаѓале во снегот, останале длабоки траги и овде беше мачно да се вртат нозете во незгодни позиции со дерезите од долу. Сепак таа патека ни заштеди многу време и за околу два часа стигнавме до карпестиот дел од рабоПланината се будеше во својата зимска и мразовита убавина. Стоевме и гледавме, мрзневме и молчевме... По задолжителните подготовки загребав прв по карпестите делови.

Напредувавме неосетно и со многу добро темпо, преку тесниот раб. Сонцето ни светеше во грб и ние бевме во единственото место со убаво време околу нас, на Вихрен. Во другиот дел на Пирин и најмногу на Рила, во тој ѓаволски студен ден надмено доминираа облаците. По работ ветерот нé удираше, а тој ден доаѓаше од северозапад. Изгледаше како од јужната и југоисточната страна на врвот, ветерот да нанесол многу снег, одвеан од северните падини. Си помислив каква ли пукотница ќе почне овде при првите денови со топло време по студовите, кога сите тие навеани и новообразувани снежни делови ќе полетаат надолу во долината.

Ги поминав карпестите делови и горе на едно тесно рамно место го почекав Марто, кој пак со широка насмевка ме помина и продолжи нагоре по острите гребени. Трите остри раба ги поминавме бавно и внимателно. На места имаше и стреи преку јужните падини кои со нив беа одвоени од карпите на работ. Студот се намали или пак едноставно се навикнавме на него. Врвот веќе се гледаше, не толку далеку, високо горе – надмен и обвиен во сјаен снег. Овде ненаспаноста и заморот си го направија своето. Го намаливме темпото, но тоа пак ни даде повеќе можност да се радуваме во околната панорама. Во последниот тесен дел од работ, точно пред врвот, застанав да уживам во восхитувачкиот погледот кон северната страна. Многу ми се допаѓа таа падина која започнува од карпите во основата на Големиот казан. Си посакав некој ден, наскоро да имам можност да качувам таму со пријателите. Се сетив и дека на истиот ден точно пред една година, со Пешо и Дето од нашиот алпинистички клуб го искачивме „Кулоарот“ на северната страна. Целата таа година беа направени многу искачувања – „Кулоарот“, „Карпестиот жлеб“, „Народна армија“, „Камините“... Имаше и момци од соседна Македонија кои исто така дојдоа и го качуваа „Кулоарот“...

На Вихрен излеговме во блескаво сончев момент од денот кој ни подари такви восхитувачки панорами и чувства, кои можеш да ги доживееш само таму, на тој моќен врв на Пирин планина. Стреите од север, над карпата, беа грижливо навеани преку самиот гребен во кривулести форми. Чувството беше неверојатно и по кој знае кој пат заклучив дека во Бугарија си имаме прекрасни планини. Вихрен е мојот врв уште од мал. Висината на која за прв пат ги почувствував оние чувства на слобода и моќ кои беа тивки во мене и кои само Планината може да ги ослободи. Тие чувства кои те носат секој пат нагоре, кон нови предизвици, кон нови пријателства и насмевки.

Тргнавме надолу со Марто и во почетокот одевме брзо, но скоро се покажа дека не е сосема така. Заморно е симнувањето по овој раб, а посебно кога тоа е гарнирано со ненаспаност и возење од Софија. Лошо име има овој раб, кој не еден човек или двајца вовлекол во пропастите, точно во тавки ситуации - изморени, на симнување... Во вториот карпест дел надолу, абзелувавме на еден клин и кога почнавме да го влечеме јажето, тоа заглави и овде почна заморната, едночасовна битка со карпите. Марто сам предложи, се искачи соло до горе, го отплетка јажето и обезбедувајќи го, се симна доле до мене. За тоа време, сонцето се скри за белите облаци, почна да врне снег и стана многу студено...

Се симнавме од карпите премрзнати, но остануваше последниот предизвик, снежните рабови и била до долу. Се сеќавам како на секој пострмен дел се вртев обратно и се симнував внимателно... Смирено и трпеливо правев сé многу бавно и монотоно, концентриран до крајните сили на мојата изморена свест. Се симнувавме одвоено со пријателот, кој беше на растојание од околу 100 метри над мене, често застанувавме, се погледнувавме, молчеливо се охрабрувавме дека сé наскоро ќе заврши, но дека до тогаш треба многу, многу да внимаваме... Кога се симнавме од работ, ракавиците ми беа стврднати од студот, не можев да ги почувствувам прстите и целите бевме прекриени со мраз... И покрај сé, наоѓавме сили за по некој збор и шега и нишајќи се стигнавме до автомобилот кај Шилигарник од каде тргнавме на тричасовното враќање кон престолнината... Заврши еден многу долг ден, ја постигнавме целта која си ја поставивме, но следниот пат мислам да отидеме да преспиеме во домот Вихрен. Овој пат немавме сили да планираме следни искачувања, но како и сé друго, прашање е на време... Планините се горе и со нивната грациозна убавина нé покануваат во нивниот сјај...

Нé очекуваат...

Андреј Праматаров
http://andpram.blogspot.com/

Copyright © Alpinizam.org