Share

Џо Симпсон

- 09.04.2010г.

Во постмонсунскиот период минатата година, Џо Симпсон сам искачи нова насока на Мера Пик (6470м) во непалските Хималаи. Мера Пик по нормалната насока е лесно трекинг искачување, но не и југозападната страна која се спушта стрмно надоле кон долината Сану. Насоката на Симпсон е висока околу 1300 метри и според техничките оцени е D+, но Симпсон поради опасноста од лавини од нестабилни висечки сераци додава дека оцената треба да е TD+/ED1. Насоката е именувана „Ин мемориам“ и е искачена во чест на неговите пријатели Мел Даф и Иан Татерсал.

Доволно е пишувано и зборувано за „Touching the void“. Книгата, а и документарниот филм кој во 2003 година беше направен според неа, напишана од Симпсон во 1988 година, беше фантастично пренесена приказна за преживувањето во високите планини.

Симпсон во таа незгода на Сиула Гранде се здоби со сериозни повреди од кои се опоравуваше долго време. Повредите беа толку сериозни што при првите прегледи му било кажано дека нема да може повторно да прооди, потоа дека најверојатно ќе поткривнува на едната нога за да на крај сепак со негови зборови: „по опоравувањето качува и подобро отколку порано – но со помала посветеност.“

Во последниве неколку години (барем после 2003г.) Симпсон во своите интервјуа, но и во текстовите кои беа пишувани за него – најчесто поврзувани со неговите книги и филмови, беше претставуван како човек кој се пензионирал од алпинизмот. Еве како тој барем во едно од тие интервјуа го објаснуваше тоа:

Не качуваш веќе неколку години. Не престана да качуваш по несреќата во Перу (во 1985 година на Сиула Гранде) кога за малку ќе загинеше, а сега? Што се случило што те натера да престанеш?

Симпсон: Веројатно е ефект од разни насобрани несреќи кои ги имав. Моето тело почнува да ги чувствува последиците. На 20-годишна возраст имав сериозна скршеница на едното колено, подоцна имав сериозни повреди на двата глужда, артритис... Сé уште можам да качувам на карпа и мраз на доволно високо ниво, но за посериозни алпинистички акции – тешко. Не сакам повеќе да го работам тоа поради тоа што чувствувам болки. Тоа е значи делумно причината. Но исто така и на некој начин го направив тоа што сакав да го направам, денес не можам да качувам со таков стандард, повеќето од моите пријатели или не качуваат или се починати... И едноставно решив да престанам да качувам. Поточно – да престанам со сериозни алпинистички акции.

„Знаев дека луѓето умираат во планините многу пред да се случи мојата незгода. На некој начин разбирав дека играме игра со голем ризик и дека можеби нема да пости можност сами да ја избираме судбината. Сакаме да мислиме дека ги контролираме шансите со нашите проценки и способности, но тоа не е навистина така...“

Својата книга „Примамлива тишина“ Џо ја наведуваше како крај од трилогијата започната со неговата прва книга и книгата „Оваа игра на духови“.

Пред „пензионирањето“ тој имаше шест обиди во три години (2000-2003) на северната страна на Ајгер. Поврзаноста со оваа планина беше преточена повторно во книга „Примамлива тишина“ за која (повторно) беше направен и нов (истоимен) филм во 2007 година.

Симпсон: Имам напишано 6 книги од кои три оформуваат трилогија започната со „Touching the void”. Во неа се зборува само за мене и Сајмон и тоа што ни се случило на Сиула Гранде. Потоа следува „Оваа игра на духови“. Во неа пишувам за тоа од каде јас, Сајмон и целата моја генерација алпинисти сме дошле и што сме се обидувале да постигнеме. Тоа е книга во која се поставува и прашањето околу тоа зошто продолжуваме да работиме нешто што е наша голема пасија и љубов од една страна, а од друга страна нешто што ги убива твоите пријатели – за тој постојан парадокс. Од една страна го сакате да го работите тоа, а од друга страна секоја година ви загинува по еден пријател, па се поставува прашањето зошто продолжувате да го работите.

Во последната книга, „Примамлива тишина“ не пишувам само за трагедијата на Тони Курц туку и за мене – кога си велам дека треба да престанам сега и кога одлучувам со мојот пријател Реј Делејни да ја искачиме насоката од 1938 година на северната страна на Ајгер. Таа планина е многу специјална на многу начини - посебно за мојата генерација. И само физички да и се пристапи кога ќе застанете под нејзе... Сум видел многу планини во светот, но кога ќе застанете под северната страна на Ајгер и ќе погледнете нагоре си велите „Господи!“ Исто така таа е полна со историја и на некој начин како да станувате дел од нејзе... Сакавме да ја качиме и да им оддадеме почит на сите кои во минатото ја качиле. Се обидовме во 2000-та, но имаше големо невреме и всушност пред нас загинаа некои алпнисти, потоа се обидовме уште во неколку наврати, но не успеавме...“

Кога сме кај тој парадокс – да се продолжи да се работи нешто што убива. Зошто алпинистите сакаат да одат по потешките работи? Сте го разбрале ли тоа?

Симпсон: Книгите за кои зборуваме се пред сé обид јас да разберам зошто јас качувам. Мислам дека не постои еден одговор на прашањето зошто качуваме. Исто така луѓето качуваат и со различни стандарди. Можете целиот живот да го поминете и да си поминувате фантастично и никогаш да немате ниту една незгода. Но ако зборуваме за алпинистите кои качуваат обидувајќи се да ги поместат границите на тоа што е можно – низ историјата за нив ќе видите дека смртноста е голема. Тоа што ме зачудуваше е што кога читате во книгите за тие искачувања – никој не се осврнуваше на тоа, на смртта. Јас во моите книги не пишувам за смртта како нешто негативно – едноставно пишувам за тоа како алпинистите го прифаќаат и се свесни за тој висок ризик кој го превземаат и продолжуваат да го работат тоа.

Тоа зборува многу за алпинизмот. Алпинизмот има создадено извонредна литература и филмови. Фудбалот, голфот – не! Има нешто важно во тоа. Смртта ја дава вредноста на нештото што го работиш. Во алпинизмот – кога се качува на границите се доаѓа до момент во кој целата перспектива на тоа што значи да си жив – се менува. Мислам дека алпинистите се враќаат токму за тоа. Не за да стигнат до врвот. Мислам дека има многу повеќе духовно и философско влијание врз тебе отколку што си свесен за тоа.

Кога тоа ќе се комбинира со фактот дека планините се неверојатни места, на пример кога ќе отидете во највисоките планини – тие ви влијаат. И влијаат на вашата душа. Тие исто така ве прават да се чувствувате неверојатно мал, незначаен и ранлив. А сепак играте „игри“ во тој свет и тоа е неверојатно. Ако тоа не го промени вашиот живот и начин на размислување тогаш сте неверојатно глупав човек.

Рековте дека има сличности помеѓу алпинизмот и пишувањето...

Симпсон: Во пишувањето гледам ист предизвик како и во секое качување кое сум го направил. Тоа е изолирачко искуство и нешто што те прави ранлив. Алпинизмот прави човек да се чувствува ранлив на физички план, а пишувањето... Ако биде објавен некој текст знаете дека други луѓе ќе го читаат тоа што сте го напишале и сакате да им се допадне...

Извадок од филмот „Примамлива тишина“

 

Copyright © Alpinizam.org