|
30 години Западен Гребен на Еверест
- Игор Т. (02.11.2009г.)
Пред 30 години – на 13-ти Мај 1979 година на врвот на Еверест застанува првата наврска од тогашната југословенска алпинистичко-хималајска експедиција на оваа планина преку нова насока. Словенечките алпинисти се качуваат по Западниот Гребен - во неговата цела должина. На врвот на тој ден застануваат Андреј Штремфељ (23) и Нејц Заплотник (25), а два дена по нив и Стане Белак (39), Хрватот Стипе Божиќ (28) и Шерпасот Анг Пу.
Но овие искачувања не би биле можни без силната тимска работа и пожртвуваност на сите членови не само во оваа туку и во претходните експедиции во Хималаите. Силни експедиции кои имаат за цел искачување на нови насоки на планини и неискачени планини – со подготвеност да се учи на терен и со многу храброст. Пред Еверест да се потсетиме на претходниците:
Првата југословенска алпинистичко-хималајска експедиција (ЈАХЕ) во 1960 година е насочена кон фантастичната Нанда Деви меѓутоа индиската влада не давала дозволи за таа планина во тој период. Поради тоа тимот се насочува кон групата Трисул. На 5-ти Јуни на Трисул 2 (6690м) се качуваат Алеш Кунавер (25) и Анте Махкота (24) , а на Трисул 3 (6170м) им се придружува и Марјан Кершич (40). Тоа се први искачувања на овие два врва. Радоста била голема – конечно после многу подготовки и неизвесности словенечките алпинисти ја оствариле својата прва средба со најголемите планински масиви во светот. Да споменам дека тие за Хималаите се подготвувале да заминат уште во 1956 година, а за цел ја имале Манаслу – осмата највисока планина во светот која до тогаш и не била искачена, меѓутоа не успеале во организацијата...
Во 1965 година во постмонсунскиот период следува нова експедиција – Кангбачен (7902м). Дванаесет члениот тим успева да стигне до висина од 7535м на неискачената планина и тоа ќе остане највисоко достигната точка сé до 1974 година кога по нивната насока полска експедиција успева да ги „избутка“ и последните 400м.
Третата ЈАХЕ во 1969 година сака да ја доврши работата на Кангбачен меѓутоа не добиваат дозвола за тој врв туку за Анапурна 2 (7937м). На 22-ри Октомври на врвот застануваат Матија Малежич и Казимир Драшлер, а ден претходно со оглед на тоа што базниот камп е ист и за Анапурна 4 (7524м) на овој врв застануваат Јоже Андловиц, Лојзе Голоб и Алеш Кунавер.
Под покровителство на Тито (Маршалот) четвртата ЈАХЕ во 1972 година се упатува кон Макалу (8475м). Повторно првична цел била недовршената работа на Кангбачен, но повторно не добиле дозвола за неа. На Макалу заминуваат со цел да искачат нова насока по фантастичната јужна страна. Алеш Кунавер пишува: „Трисулите, Кангбачен и Анапурните беа пристап – качувања со поголеми или помали тешки детали на некои места, но сега се постави нов интересен пробем: карпа висока 3440 метри во поширока смисла или 2250 метри во потесна смисла (над 6200мнв). Сличен проблем до тогаш имаа совладано само Британците со искачувањето на Анапурна 1...“ Врвен проект! При овој прв обид достигнати се 8000мнв каде бил поставен последниот висински камп, било качувано (работено) 47 дена, меѓутоа поради лоши временски услови (-37 степени Целзиусови, ветер од 170км/ч во горниот дел од карпата до 300км/ч при гребенот...) тимот од 9 алпинисти не стигнува до врвот.
5-тата ЈАХЕ во 1974 година конечно после неколку неуспешни молби за дозвола за Кангбачен – успева да добие шанса да го доврши започнатото пред 9 години. Меѓутоа со горчина поради тоа што 4-5 месеци пред нив полска експедиција по нивната насока успева да стигне до врвот и со тоа да го направи првото искачување на оваа планина. Успешни се и Словенците: во три наврски на врвот застануваат десет алпинисти. Но ова патување е уште побогато: на 4-ти Октомври Данило Цедилник се искачува на неименувана планина која го добива името ЈАХО (кретенка за југословенска алпинистичко-хималајска одправа) висока 6500м, Јанез Градишар, Бојан Полак и Миха Смолеј на 5-ти Октомври се искачуваат на неискачениот Веџ Пик (6850м), а на 11-ти Октомври Данило Цедилник и Стане Белак се искачуваат на уште една неименувана планина која го добива името Мојца – висока 6150м
Во 1975 година се формира нова експедиција за завршување на уште една недовршена работа – јужната страна на Макалу. Со здобиеното искуство од претходниот обид, со поголем број на качувачи и подобрена стратегија успехот е „масовен“: на 6-ти Октомври на врвот застануваат Стане Белак и Марјан Манфреда, на 8-ми Јанко Ажман и Нејц Заплотник, на 10-ти Виктор Грошељ и Иван Котник, а на 11-ти и Јанез Довжан.

Но тоа не е се. И покрај големината на проектот алпинистите продолжуваат да качуваат: Белак, Алеш Кунавер и Роман Робас на 15-ти Октомври се качуваат на неименуван врв кој сега се вика Трекинг Пик (6157м), на 20-ти Борис Ерјавец и Бојан Полак на Врвот на југословенско-шерпаско пријателство (5900м), а на 24-ти Полак се качува и на Исвала Пик (5500м).
За извонредниот успех Тито ги наградува со Орден за заслуги за народот со златна ѕвезда, а експедицијата е добитник и на многу други награди и признанија.
Еверест 1979г.
По овие искачувања нормално алпинистите стекнуваат многу поголема самодоверба и согледуваат дека Хималаите „им лежат“ технички и организациски. Погледите се свртуваат кон Еверест. Разговорите за дозволи почнуваат да се одвиваат и со кинеската и со непалската влада уште во 1975 година. Од кинеската (северната) страна целта им била нова насока која би била фина и директна линија од 6000мнв до врвот меѓутоа кинезите не одобриле дозвола. Непалската влада одобрила експедицијата да се одвива во пролетта 1979 година. Не биле скромни ни овде – целосно искачување на западниот гребен. Нова и смела насока на највисоката планина во светот. По извидницата направена во 1978-та, следната година, 25 качувачи помогнати од 20 Шерпаси се упатуваат кон базниот камп.
Меѓутоа секако не одело сé толку лесно и алпинистите се сретнувале со сериозни проблеми при организацијата – најмногу од финансиска природа.
Еве што пишува Тоне Шкарја – водач на експедицијата: „За експедицијата се подготвувавме повеќе од две години, а последните два месеца и дење и ноќе. Да немавме детално изработен финансиски план со сите добавувачи и цени – немаше да успееме. И ако само неколку дена пред тргнувањето Планинарскиот Сојуз на Словенија не ги покриеше средствата кои ни недостасуваа – ќе останевме дома...“
Експедицијата ја помагаат многу домашни компании меѓу кои: Донит-Тривал, Рашица, Интерекспорт, Плетенина, Топер, Југокожа, Тотра, Планика, Крка, Алпина (која изработила сосема нов тип на чевли за голема височина)... Словенија-шпорт помогнала во посредувањето на добување на целосна алпинистичка опрема од компании од Австрија по половина цена...
По одлично поставената стратегија за искачување и поставување на насоката и висинските кампови, како што најгоре напишав експедицијата успева да качи 5 члена на врвот. За жал од нив Шерпасот Анг Пу загинува при симнувањето.
Успехот секако се должи и на силната посветеност на алпинистите. Еден од тие моменти кој го покажува тоа е и многу важното качување кое го прават Марјан Манфреда и Вики Грошељ кои со крајни напори успеваат да ја продолжат фиксираната линија преку тежок каминест дел над петиот висински камп со техничка тежина V на над 8100мнв. Пожртвуваноста на Манфреда во тие моменти е голема - поради тежините со цел да качува подобро тој ги извадил ракавиците и се здобива со смрзнатини. Му биле потребни два часа да го помине тој детал.
Еве што пишува Тоне Шкарја друго за експедицијата:
Југословенската насока по западниот гребен на Еверест е петта насока на оваа планина и единствена од непалска страна која е самостојна линија од базата до врвот. Се надевавме дека ќе стане попривлечна од нормалната насока, но е премногу тешка – на висина од 8500мнв има тежини V по УИАА. Жал ми е што на врвот не застанаа повеќе момци. Со оглед на вложениот труд тешко е да се најде барем еден кој не го заслужи тоа. Со своето искачување Нејц Заплотник се вбројува во помалку од 10 алпинисти во светот со 3 врва преку 8000м, а Андреј Штремфељ и Стане Белак имаат по два. Сите тие се искачувања по нови југословенски насоки.
„Сега се качивте на Еверест. Има ли уште смисол да се заминува за Хималаите? Па што повеќе може да се постигне? Или?“
На прв поглед таквите прашања се разбирливи но само ако проблемот се набљудува од една спортска страна. Но во спортовите во природа работите се покомплексни. Со своите способности и опремата се искористуваат можностите кои ги нуди природата и ги совладуваш нејзините препреки. Само кога сé најдобро ќе се поврзе – само тогаш се добиваат најдобри резултати. Никогаш не е пресудна само една работа.
А за алпинизмот? Ако ја вреднуваме височината сé е многу едноставно: 8848м е највисокото што можеме да го достигнеме на земјината површина. Меѓутоа ако на Еверест дојде помала експедиција, со помалку Шерпаси, со помалку опрема – таа ќе биде поуспешна од поголемата, посилната експедиција. Новата насока е поголем успех од повторувањето на стара насока. Тоа значи решавање на непознати работи и поголемо изложување на опасности. Потешка насока е поголем успех од полесна насока. Па ако на тоа го додадема и поголема и помала надморска височина, вреднувањето уште повеќе ќе се заплетка. Ако станува збор за нова или стара насока – уште повеќе. VI-ка на 8000мнв е нешто сосема друго од VI-ка покрај море. „Невозможно“ под врвот на Еверест се разликува од „невозможно“ во некој близок локалитет. Тука тоа значи крај на експедицијата, а таму после некој метар се открива нова цел.
Во домашните планини, во Алпите и во Хималаите најпрво беа врвовите, потоа насоките, а потоа почна да се поставува прашањето „Како?“ Секако не строго по тој редослед...
Има ли смисол? Да – сé додека и последната карпа на Земјата, од речен болдер па сé до Еверест не биде прошарана со качувачки насоки. Но тогаш и патничките билети за Месечината ќе бидат многу поевтини.“
|