Share

Нови словенечки насоки во Хималаите

-29.09.2011г, Игор Т.

По едномесечен престој во пакистанската долина Чаракуса, младите словенечки алпинисти Урбан Новак (водач на експедицијата), Давид Дебељак, Лука Стражар и Нејц Марчич се вратија дома со фантастичен резултат.

Уште на самиот почеток на патувањето (во средината на август) тие најавија дека нивна главна цел е главниот врв К7 (6934м), на кој сакаа да се искачат во алпинистички стил и по нова насока. Сепак по пристигнувањето во долината „окото им го фатил“ друг врв – Западниот врв на К7 (6858м). Овде Нејц и Лука ја искачија „Сонувачи на златни јами“ (VI/5, M5, A2, 1600м) и тоа е само втора насока на оваа планина, а само за потсетување првата насока овде ја искачија Марко Презељ, Стив Хаус и Винс Андерсон во 2007 година.

Лука вака го опишува искуството: „За насоката ни беа потребни 4 дена. Во долниот дел најмногу беше мраз, а во горниот дел карпести скокови и микс качување. Од базата тргнавме во 3 часот наутро и по 2 часа пристап почнавме да качуваме по стрмен снег и мраз до бивакот на гребенот (до 19:30 часот). Следниот ден беше технички најтежок – микс качување. Беше потешко од тоа што очекувавме. Тој ден качивме 250 метри и повторно бивакувавме на гребенот. Следниот ден стигнавме до врвот во 9 часот и се вративме до првиот бивак. Последниот ден во слаби временски услови се вративме во базата. Инаку освен последниот ден, времето беше одлично.“

Урбан (кој заедно со Лука исто така искачија нова насока) додава дека целата долина Чаракуса изобилува со можности за алпинистите за искачувања на секаков терен. Времето било добро за време на аклиматизацијата и првите неколку искачувања, но на крај се влошило и тимот не бил успешен во уште три обиди за нови насоки.

Еве ја листата на искачувања:

-гребен над базата на Икбан – Нејц Марчич и Давид Дебељак
-Најсер Брак (5200м) по британската насока – сите членови на експедицијата
-столбот лево од Најсер Брак – повторување на насоката на Марко Презељ (кој во 2004г ја искачи со Американецот Брус Милер) со варијанта во горните 300м – Нејц Марчич и Урбан Новак
-гребен десно од Најсер Брак – нова гребенска насока: „Пишту матер“ (VI, висина 800м, должина 1000м) – Лука Стражар и Урбан Новак
-Сулу Пик (5950м) – сите членови
-Беатрис (5800м) – Нејц, Урбан и Лука
-Западен врв на К7 – нова насока: „Сонувачи на златни јами“, Лука Стражар и Нејц Марчич
-Икбан – Давид и Урбан – искачување на насока за која не се знае дали е нова или не.

Марко Презељ за овие искачувања додава: „Им честитам. Не седеа со скрстени раце, туку беа многу активни. Новата насока на Западниот врв на К7 е одлично достигнување. Тоа е само втора насока која завршува на овој врв. Успесите на младите генерации ме радуваат и тие докажуваат дека класичниот алпинизам има иднина.“

Инаку покрај овие, но и веројатно многу други искачувања, словенечките ни наши драги колеги беа прилично расположени за нови насоки во високите планини, па еве од поскоро време потсетувам само на новата варијанта на Нанга Парбат (8125м) во средината на август која ја искачија Мојца Швајгер и Ирена Мрак - во алпинистички стил, а и на неколкуте првенствени искачувања во Кина од страна на Алеш Холц и Петер Јуван. Ова вака само во една реченица, а за повеќе детали за нив се надевам ќе најдам време наскоро...

 

Copyright © Alpinizam.org