|
Нивес Мерои
- 11.01.2010г.
Во 2010 година скоро сигурно ќе ја имаме првата дама која ќе ги има искачено сите 14 планини повисоки од 8000м. Веројатно... Сепак се работи за највисоките планини, а планини како планини – секогаш може да кажат „Не!“ Минатата година ги издвоивме трите алпинистКи кои беа најблиску до овој „трофеј“ – Едурне Пасабан, Герлинде Калтенбрунер и Нивес Мерои. Сепак при крајот на годината (2009г.) сите беа „претркани“ од јужно-корејката О Еун Сун која скоро од никаде дојде на дофат до тоа таа да биде прва. Имено со 8-те искачувања кои ги направи во последните 2 години и остана уште само Анапурна за која планира да замине во пост монсунскиот период оваа година (2010г.). „Старата“ тројка зад неа заостанува со по еден врв - Герлинде и Едурне т.е. два – Нивес...
Алпинизмот не е атлетска дисциплина и независно дали некој го разбира ова „трчање“ кон трофејот како трка или не, сепак преголемата врева која се крева околу достигнувањето на овој проект е една од работите кои допринесуваат во заматување на сликата за целите на вистинскиот алпинизам и најголем дел од колегите сигурно не го одобруваат. Несомнено се работи за голем личен потфат, но во алпинизмот целта НЕ ги оправдува средствата и некои од искачувањата на некои од девојките одлично се сумирани од едни наши колеги вака „Прва ќе биде таа која најмногу го посакува тоа, а не таа која го заслужува“. Па кој како ќе разбере...
Во следниот период ќе се обидеме да ви ги претставиме овие четири девојки малку подобро освен преку обичната статистика на нивните искачувања па вие проценете сами.
Нивес Мерои
Родена на 17-ти Септември 1961 година во Италија. Искачувањата ги прави со својот сопруг Романо Бенет со кого во највисоките планини качуваат без висински носачи и без употреба на дополнителен кислород. Ова е списокот на нивните искачувања на највисоките:
1994 – неуспешен обид на К2 (интересен избор за прва експедиција во највисоките планини) – достигнати 8000м
1996 – неуспешен обид на Еверест
1998 – Нанга Парбат
1999 – Шишапангма и Чо Оју
2003 – Гашербрум 1, Гашербрум 2 и Броад Пик – во период од 20 дена (прва жена на која и успева тоа)
2004 – Лотце
2006 – Даулагири и К2 (прва Италијанка на оваа планина)
2007 – Еверест (прва Италијанка без дополнителен кислород) 2008 – Манаслу
Во зимата 2007/2008 има неуспешен обид на Макалу поради повреда, а во 2009 – неуспешен обид на Кангченџунга – мораат да се симнат поради здравствени проблеми на нејзиниот сопруг од четвртиот висински камп.
Остануваат уште Анапурна, Кангченџунга и Макалу до „сите 14“.
Прашање: Дали во моментот кога успешно стигна на твојот прв врв од 8000м – Нанга Парбат, размислуваше да ги искачиш сите 14 планини повисоки од 8000 метри или тргна со цел да ја искачиш само таа планина?
Нивес: Не, искачувањето на „сите 14“ секако не беше моја цел на почетокот. Започнав со една, но како што Лоретан вели, тие се како цреши – доаѓаат една по друга.
П: Обично луѓето започнуваат со лесните врвови како Чо Оју, Шишапангма.. Но ти започна со...
Нивес: К2 – од северната страна во 1994 година. Тоа беше моја прва експедиција и прва средба со овие планини.
П: Кој врв те има најмногу допрено?
Нивес: Тешко е да се каже тоа... Имавме (н.з. зборува за нејзе и нејзиниот постојан пертнер и сопруг Романо Бенет) прекрасно искуство на К2. Поминаа 12 години после нашиот прв обид, а успеавме во третиот обид. Планината ни даде прекрасни искуства, а кога застанавме на врвот – бевме сами на целата планина. Кога стигнавме на врвот за прв пат почнав неконтролирано да плачам. Чувствував вистинска благодарност.
П: Ти се чувствуваше добро во четвртиот висински камп (н.з. во 2009 на Кангченџунга). Ти беше ли тешко да донесеш одлука да се вратите?
Нивес: Не размислував за одење кон врвот или не. Мојот сопруг беше болен, бевме високо во планината и во такви ситуации потребно е брзо да се реагира. Романо е на прво место – пред било што друго. Што требаше да направам? Да продолжам сама? Тоа не ми е логично. Сите планини до сега ги искачив со него и не можам ниту да помислам да отидам кон некој друг врв без него.
П: Сé уште остануваш кандидат да станеш првата жена со сите 14 врва повисоки од 8000 метри...
Нивес: О не! Дефинитивно не! Среќна сум што сум надвор од трката. Признавам дека во еден момент бев зафатена од тој чуден циркус, но после оваа ситуација со Романо се вратив во реалноста. Ми ги отвори очите и се вратив на земјата. Се присетив зошто качувам, како качувам и што е навистина важно во животот, а што е без никаква логика.
Сега сум смирена. Надвор сум од играта, но се враќам кон вистинската вредност во качувањето. За мене тоа се забавата и имагинацијата. Се работи за истражување и за искуства, а дефинитивно не за бројки.
Се сеќавам што еднаш ми кажа сега веќе починатиот Инаки Очоа: „Врати ја пасијата!“
Ние имаме „болест“ – во добра смисла кажано. Начин на живеење. И да успееме, секогаш ќе имаме други цели и соништа на неискачени страни, преку нови насоки, на пониски планини. Тоа е нашиот начин на живеење...
П: Дали би ја оквалификувала таканаречената женска трка да се биде прва на сите 14 повисоки од 8000 – како безвредна?
Нивес: Секако. Да бидеме искрени. Сите знаеме дека условите и тежината во голема мера зависат од стилот и употребата на дополнителен кислород и висински носачи. Од тоа – натпреварот е без врска со оглед на тоа што натпреварувачите не ги следат истите правила.
Времињата на Кукучка и Меснер се поминати одамна. Тие беа големи алпинисти. Сега сé се врти само околу врвовите. Од друга страна – алпинизмот е слободен. Тоа е убавината! Секој алпинист е слободен да го избира својот стил и не постои причина за наметнување на правила. Со оглед на тоа – не треба да станува збор за никакво натпреварување.
Сепак – не постоењето на правила не значи дека сé е дозволено. Некои работи сите треба да ги почитуваме и да се грижиме за нив безрезервно: нашиот живот и животите на луѓето околу нас. Имаме должност да се одржуваме живи и да не ги ризикуваме животите на другите луѓе.
П: Никогаш не употребуваше дополнителен кислород или Шерпаси. Сакала или не ти си најдобрата жена алпинист во највисоките планини во Италија, ако не и во светот. Како тоа немаш спонзори и секогаш заминуваш со тенок буџет?
Нивес: Ха, би сакала да знам. Можеби поради тоа што не сум многу ориентирана кон маркетингот. Можеби затоа што качувам, а не играм фудбал. Или можеби затоа што не сум многу гласна. Или можеби затоа што живеам во еден многу мал град во северна Италија, а не во Милано или Рим каде се парите. Можеби затоа што сум жена, а алпинизмот сé уште е „машка работа“ за повеќето Италијанци...
П: Романо е твојот животен партнер и партнер во искачувањата. Ако не се лажам како брачен пар имате најмногу искачувања во највисоките во Хималаите.
Нивес: Да
П: Дали без него ќе успееше волку многу?
Нивес: Технички и физички тој е посилен од мене, а исто така има и одлична интуиција. Совршено се снаоѓа во таква средина и неговото присуство има големо значење. Сепак секој од нас пред сé треба и како поединец да знае да се снаоѓа, да бидеме самостојни и да можеме да качуваме сами. Секако, сите овие искуства без да се имаме еден со друг како партнери - би биле нешто сосема поинакво.
П: Во твојата книга за жените алпинисти од 19-тиот век изјавуваш дека трошоците и децата се причина зошто жените се повлекувале од качувањето. Мажите алпинисти се посебични?
Нивес: Мажите од секогаш правеле големи подвизи. Тешко е да се направи рамнотежа помеѓу семејните обврски и планините. Јас сум среќна што можам да ја споделувам мојата пасија со мојот сопруг. Не знам што би било кога Романо не би сакал да го прави ова – веројатно би било потешко... Исто така за жените кои качуваат, а имаат и деца веројатно ризикот е поголем. На пример Алисон Харгривес беше силно осудена што ги остави сами своите деца. Генетички жените се подобри за давање грижа на своите сакани, но исто така ние имаме целосно право да ја живееме нашата пасија.
П: За височината. Каков ефект има таа врз човекот и дали остануваат некакви последици?
Нивес: За ова ќе треба да зборуваме со мојата сестра која нé претвори во нејзини заморчиња во испитувањата на Универзитетот, водени на оваа тема. Таа се обиде да направи проценка колку „оглупуваме“ кога се искачуваме во највисоките планини и резултатите покажуваа дека навистина оглупуваме! (Смеење)
Тоа објаснува зошто луѓето продолжуваат да се враќаат во тие највисоки планини! (Смеење)
П: Некои планови за наскоро?
Нивес: Секако. Пред сé да се грижам за Романо. Треба да го следам неговото опоравување. Потоа ќе качуваме, а можеби ќе почнеме и да снимаме. Имаме многу идеи. Но дефинитивно не се враќаме во Хималаите оваа година (н.з. 2009г.). За следната – ќе покаже времето... |