|
Уште една тажна вест...
7-ми Јуни 2009г.
Почна да се открива најлошото сценарио од Монт Едгар (6818м) во Кина. На оваа планина свое ново искачување планираа да направат едни од најсилните качувачи во светот – Џони Коп (35) и Мика Деш (32) кои беа придружувани од фотографот Вејд Џонсон (24).
Секаков контакт со целата група беше изгубен на 20-ти Мај меѓутоа не се креваше некоја голема паника во однос на тоа, знаејќи ги нивните силни цели и качувачки можности. Сепак откако тие го пропуштија својот лет за дома на 3-ти Јуни, веднаш беше организирана спасителна акција во соработка на кинески и американски алпинисти.
На 6-ти и 7-ми Јуни на висина од околу 4000 метри, во остатоци од лавина беа пронајдени 2 тела кои се идентификувани и се работи за Џони Коп и Вејд Џонсон. По Мика Деш сé уште се трага...

Во моментот кога беше првично објавена веста за започнувањето на спасителната акција, во првите три дена на официјалниот блог имало преку 22000 посетители од околу 100 земји во светот, а примени се преку 450 донации како помош на акцијата за пронаоѓање и спасување. Тоа е само еден мал податок за тоа какво значење имаа овие луѓе во светот на качувањето...

Текст на Џони Коп за искуството на Нанда Кот (6861м)
Првата лавина падна на полноќ. Нашите два ултра лесни шатори беа срушени и се разбудивме притиснати од мраз и снег.
Тоа се случуваше при крајот на Септември. Бевме длабоко во областа Кумаун во индиските Хималаи и сакавме да направиме искачување на Нанда Кот. Јас бев со Чак Бирд, Сара Томпсон и Пит Такеда. За време на нашиот прв обид кон врвот нé фати многу лошо невреме со силни северни ветрови, во кое подоцна дознавме загинале 12 луѓе.
Температурите беа далеку под нулата, а тешките облаци навејуваа 30 сантиметри нов снег во период од еден час. Ги засолнивме нашите шатори во една креваса која гледаше надолу и поради тоа што отворот беше таков, бевме заштитени од целата сила на таа лавина.
Масата снег како цемент нé буткаше подлабоко во кревасата и јас со сите сили се борев да правам место за дишење пред мојата уста, а во исто време го кинев шаторот... Кога сé се стабилизира едната рака и главата ми беа над површината. Почнав да копам околу мене и ја најдов Сара заробена веднаш под мене. Копав сé додека не се фативме за рака. Пит ја слушнал лавината уште пред да нé удри и се фатил за една од точките на кои бевме усидрени, а пред лавината да го поклопи нивниот шатор го фатил и Чак за рака. За чудо сите преживеавме.
Најдов една челна лапма и почнавме да копаме во натапканата маса од лавината која беше длабока три метра – барајќи ги нашите чевли. Немаше шанси да се симнуваме без нив. После шест часа копање, ги најдовме нашите чевли, цепини, примус и четири боци со плин.
Почна да изгрева сонцето и почнавме да си правиме супа седејќи на искинатите шетори. Ја слушнавме втората лавина како паѓа. Срипав и се стуткав. Иако веќе беше ден – стана темно. Се запали една лампа, а потоа и друга. Бевме заробени во простор од 3 на 5 метри. Со Пит почнавме да копаме и ископавме тунел од околу пет метри до излезот каде видовме дека само што започнало ново силно невреме. Решивме да останеме во тој простор сé додека имаме плин за готвење или додека не се смири невремето. Но почна да нé загружува и една друга работа. Споменав дека кревасата гледаше надолу и се плашевме дека сега под тежината на паднатиот снег од лавините таа би се срушила и би завршиле и ние со неа во подножјето на планината...
Во текот на вториот ден со цел да не мислиме на такви сценарија – почнавме да се занимаваме со разни работи: да правиме столчиња од снегот, играме разни умствени игри... Во текот на третиот ден сепак се вратија тие мисли – дека ќе умреме овде, но во текот на четвртиот ден невремето престана. Излеговме од тунелот и по 12 часа абзелување успеавме безбедно да ги симнеме искачените 2000 метри вертикала...
|