Кога во пензија?

- Игор Т. (08.12.2009)

Често се поставува прашањето околу тоа кога „се пензионираат“ алпинистите. За разлика од другите спортови во алпинизмот скоро и да нема некоја горна граница. Често го споменувам Андерл Хекмаер кој во едно интервју кажа дека престанал да качува на 93-годишна возраст „поради чудна болка во стопалото“. Тука е и Рикардо Касин кој на 78-годишна возраст ја повтори својата насока на северо-источната страна на Пиц Бадиле (3308м) - една од шесте големи страни во Алпите, а на 85-годишна возраст ја повтори насоката „Луна Насенте“ (VII). И секако многу други слични примери - со странски и македонски алпинисти...

Годинава т.е. во последниве неколку месеци на оваа тема впечаток ми оставија две имиња: Карлос Сориа и Стиви Хастон.

Карлос Сориа е шпански алпинист роден на 5-ти Февруари 1939 година. Како и секој друг алпинист љубовта кон вертикалите го носи во убави насоки на карпа и мраз, а во последните 20 години - кон Хималаите. Својата прва планина повисока од 8000м Карлос ја качува на 51-годишна возраст: Нанга Парбат (8125м) во Пакистан. Од тогаш до оваа година тој веќе има искачено 9 планини повисоки од 8000м: Г2, Чо Оју, Еверест, К2, Шишапангма, Броад Пик, Макалу и Г1. К2 го искачи во 2004 година на 65 годишна возраст, а оваа година се искачи на Г1 – последен од списокот на највисоки во Пакистан – на 70-годишна возраст.

Во едно интервју го прашуваат: „Во последните 5 години бројот на успешни експдиции значително ти се подобри. Дали е тоа до среќа или искуство?“

Еве што одговара: „Пензија! Фактите зборуваат сами по себе: К2 на 65 години, Броад на 68, Макалу без кислород на 69, Г1 на 70. Сериозно – откако престанав да работам како столар се чувствувам одлично. Имам многу време за тренинг, одмор и планирање на нови експедиции... Ова можеби звучи чудно – посебно на професионалните качувачи кои никогаш не требало да работат за живот. Јас ја немав таа среќа и морав да работам и да качувам во исто време. Но не се жалам – добро се снајдов.“

Тоа што ми е посебно инспиративно е овогодинешното искачување на Доме Канг (7264м) - да повторам - на 70-годишна возраст. Ова е прво искачување на оваа планина после два неуспешни обиди кои ги започна токму Карлос во 2004 година... И секако и други негови обиди и искачувања на 7000+ и 6000+ високи планини – познати и непознати, искачени и неискачени...

Трејлер за филмчето за Доме Канг:

 

Да се симнеме сега малку пониско:

Стиви Хастон

„Дедо Стиви искачи 5.14d“. Вакви наслови сé почесто се појавуваа по качувачките форуми, он-лајн (верзии на) списанија...

Откако во Септември оваа година ја искачи „Десенте Лолита“ (9а), последното нешто поврзано со неговото име е повторувањето на популарната „Гринспит“ пукнатина. Стиви ја помина на 52-годишна возраст и тоа е 3-то повторување по искачувањето на Дидие документирано во прекрасниот филм „First Ascent“. Секако откако Дидие ги извади експанзионите клинови „сите“ 3 повторувања се во чист стил – т.е. обезбедувани со френдови во случајов. Тежината на насоката е 8b/8b+.

Ова искачување не е случајно. Биографијата не Стиви е многу богата и ќе ги извадиме само бројките: второ зимско искачување на северната страна на Ајгер, силни соло качувања во Алпите меѓу кои и првото соло слободно искачување на Волкеровиот гребен на Гранд Жораз во зимски услови, првенствени 7-ки на мраз, микс насоки од М8+ до М11, спортско до 9а...

Пристапот - убав цитат околу искачувањето на една од тие неверојатни насоки: “Навистина не се врти сé околу бројките. Важна работа околу оваа насока е тоа што таа е уметничка. Вистинска уметност...“

На прашањето дали има планови и за други пукнатини тој одговара: „Би сакал да качувам на Ел Капитен: насоките „Салате“ или „Фри Рајдер“. Имам 144 френдови и ниту еден од нив не е човечко суштество. Ќе бидам добар и ќе ги искористам во добри цели.“ :)

 
Copyright © Alpinizam.org