Share

Христо Белакапоски

- 12.04.2010г, Игор Т.

Во последниов период на неколку наврати пишувајќи за локалитетите во близината на Прилеп можевте да ја почувствувате восхитеноста која ја имаме од тоа што ни се нуди како качувачи околу овој град: Остра Карпа, Стогот, Плетвар, Трескавец, Козјак, стотици болдери и други познати и непознати поголеми и помали карпи. Прекрасен гранит во многу убаво планинско опкружување...

Со оглед на тоа, нема потреба да пишувам колку бев среќен што остварив средба со Христо Белакапоски – Ице и изразувам благодарност за неговата отвореност и разговорот што го направивме – како за историјата на качувањето во Прилеп, но и за неговите искачувања, искуства, размислувања...

Ќе почнам со многу краток осврт кон Билтенот на ПД „Златоврв“ од Прилеп издаден во Декември 1968 година. Во многу убавиот воведен текст „Прилеп и планинарската традиција“ со напишаното, почитуваниот Миле Грдански ме восхити со неговата љубов кон планините кои го обиколуваат овој град, но еве неколку факти кои посебно ме израдуваа: „...И денес во Прилеп во двете планинарски друштва (н.з. „Златоврв“ и „Козјак“) членуваат преку 2500 граѓани, кој број сам по себе зборува за масовноста на планинарството и создадената планинарска традиција...“ Потоа: „...Така, уште во почетокот на 1959 г. беше формирана алпинистичка секција која отпочна со своите први вежби на планината Баба и во прилепечките Стогови... Веќе во 1961г. отпочна обучувањето на алпинисти на околните терени на Златоврв, Баба, Коњарник. Младите планинари покажаа големо интересирање за совладување на основните алпинистички вештини и тоа влеваше надеж дека алпинизмот кај нас има убави перспективи, особено заради погодните терени...“

Не можам да објаснам зошто бев среќен кога ги читав овие неколку реченици – но едноставно бев. ПД „Златоврв“ после Втората светска војна, по период на неактивност со оглед на состојбата во тие години, повторно се активира во 1958 година. (Постоеле индикации за негово постоење од 1907 година до 1912 година, а првите официјални активности на ова друштво се од 1925 година) Еден од 7-те членови на иницијативниот одбор на Друштвото е и таткото на Ице – Јован Белакапоски.

Ице покрај планинарењето, започнува да го привлекува и алпинизмот и започнува да качува во 1986 година, најмногу во друштво на Диме Јованоски, но и со Мите Андрески, Гоце Мојсовски и Љупчо Митковски. Напредувањето одело бавно и претпазливо поради самоукиот пристап. Постарите алпинисти од Прилеп, Борче и Кире Рујаноски им ја дале книгата „Техника на качување“ од Марјан Кершич-Белач (издадена во 1959 година од „Спортска книга“, Белград), по некој клин (војнички – од планинските единици на ЈНА) и основни информации за вежбалиштата каде до тогаш качувале и – почнале сами.

На блиските карпи (Камена баба, Бесна кобила...) ги вежбале основните работи – ковање клинови, работа со јажа, абзелување, водење... Блиска соработка оствариле со АК „Исак Русо“ од Скопје. Заедно со нив во 1987 година организираат и алпинистички табор на Остра карпа за време на кој се искачуваат првите насоки: „Жикино окно“ од Живко Арсовски (АК Исак Русо) и Диме Јованоски и „Верда стело“ од Љупчо Миткоски и Диме Јованоски.

Во 1990 година Ице заминува сам во Шамони со цел да се искачи на Монт Блан, правејќи го тоа преку познатата пречка преку Монт Блан ду Такул и Монт Маудит, а следната година на курс по зимски алпинизам во Словенија. Водач на курсот бил Јани Беле, а на него предавачи биле искусни словенечки алпинисти меѓу кои и Тоне Голнар, водач на успешната експедиција на Нанга Парбат во 1990 година (кога на врвот застануваат Марија Франтар и Јоже Розман). За време на тие средби тој станува добар пријател со многу од нив, а најмногу со Вики Грошељ со кого и се во чест контакт.

Во периодот 1993-94 година Ице искачува неколку насоки на Остра Карпа заедно со младиот алпинист Славко Тодоровски: „СИ“, „Камински“ и „Коњско јаже“. Тоа е период кога заедно со Славко и со Михајло Мотески – Моте прават искачувања и на гребенестиот Козјак, а заедно со Борче Јовчевски учествува и на семинар за спасители во планина во Р. Бугарија. Од 1993 година во сеќавање му останува и пречењето на Шар Планина во зимски услови – неколку дневно поминување на масивот во невреме и длабок снег.

Последно посериозно искуство е експедицијата на Хан Тенгри во која заминува заедно со Диме и Моте. Во лоши временски услови тимот успева да стигне до висина од 6400мнв.

Од тоа искачување до денес тој прави пауза со секаква активност, но сепак следејќи ги случувањата во светот и кај нас. Во последно време постепено повторно почнува да се вклучува поактивно – запознавајќи ги помладите генерации алпинисти со локалитетите околу Прилеп, започнувајќи проекти за нивно уредување и афирмирање, подржувајќи го својот син Јове кој почнува да качува и ја продолжува традицијата во семејството во дружењето со планините...

Во Прилеп поминував „службено“ и останав само на разговор. Се надевам следниот пат ќе можеме заедно да прошетаме по блиските локалитети, Ице да ни покаже некои „сокриени“ и да го зголемиме фондот на насоки :)

 

Copyright © Alpinizam.org