|
Герлинде Калтенбрунер
- 16.01.2010г.
Во 2010 година скоро сигурно ќе ја имаме првата дама која ќе ги има искачено сите 14 планини повисоки од 8000м. Веројатно... Сепак се работи за највисоките планини, а планини како планини – секогаш може да кажат „Не!“ Минатата година ги издвоивме трите алпинистКи кои беа најблиску до овој „трофеј“ – Едурне Пасабан, Герлинде Калтенбрунер и Нивес Мерои. Сепак при крајот на годината (2009г.) сите беа „претркани“ од јужно-корејката О Еун Сун која скоро од никаде дојде на дофат до тоа таа да биде прва. Имено со 8-те искачувања кои ги направи во последните 2 години и остана уште само Анапурна за која планира да замине во пост монсунскиот период оваа година (2010г.). „Старата“ тројка зад неа заостанува со по еден врв - Герлинде и Едурне т.е. два – Нивес...
Алпинизмот не е атлетска дисциплина и независно дали некој го разбира ова „трчање“ кон трофејот како трка или не, сепак преголемата врева која се крева околу достигнувањето на овој проект е една од работите кои допринесуваат во заматување на сликата за целите на вистинскиот алпинизам и најголем дел од колегите сигурно не го одобруваат. Несомнено се работи за голем личен потфат, но во алпинизмот целта НЕ ги оправдува средствата и некои од искачувањата на некои од девојките одлично се сумирани од едни наши колеги вака „Прва ќе биде таа која најмногу го посакува тоа, а не таа која го заслужува“. Па кој како ќе разбере...
Во следниот период ќе се обидеме да ви ги претставиме овие четири девојки малку подобро освен преку обичната статистика на нивните искачувања па вие проценете сами.
Герлинде Калтенбрунер
Родена на 13-ти Декември 1970 година во Австрија. Ова е нејзиниот список на искачувања на највисоките планини – сите без дополнителен кислород:
1998 – Чо Оју
2001 - Макалу
2002 – Манаслу
2003 – Нанга Парбат
2004 – Анапурна и Гашербрум 1
2005 – Шишапангма и Гашербрум 2
2006 – Кангченџунга
2007 – Броад Пик
2008 – Даулагири
2009 – Лотце
Остануваат уште Еверест и К2 до „сите 14“.
Прашање: Дали ти беше тешко да донесеш одлука да дадеш отказ на работа во 2003-та година?
Герлинде: Разделбата беше тешка. Бев многу среќна во мојата работа како медицинска сестра. Беше точно тоа што сакав да го работам. Сепак се одлучив да станам професинален алпинист. Од друга страна искуството како медицинска сестра често го практикувам и во оваа средина. Ако некому му е потребна помош – јас сум прва таму. Секогаш има потреба – дали на готвач, алпинист, носачи... Па дури и кога се работи само за плускавци...
П: Кога се одлучи да почнеш да качуваш на највисоките планини? Дали е тоа така поради тоа што качуваш со твојот сопруг Ралф или тоа ти е желба уште од многу порано?
Герлинде: Големите планини се во мене уште кога бев многу мала. Почнав да планинарам кога имав седум години и го сакам секој аспект од планината: скијање, качување на карпа или мраз, високи планини...
Тешко е да се објасни чувството: се чувствувам слободно и едноставно многу среќна. Сé уште се сеќавам кога на 16-годишна возраст прв пат ги видов Каракорам Хималаите. Од тој момент бев сигурна дека еден ден ќе качувам во нив. Таа мисла никогаш не ме напушти.
Првото искачување го имав во 1994 година кога качував на масивот на Броад Пик, во 2002 година качував на Манаслу и тогаш прв пат го сретнав Ралф. Нашето прво заедничко искачување беше Кангченџунга следната година кога достигнавме 7200мнв, а првиот заеднички врв поголем од 8000м ни беше Анапурна.
П: Пролетва ќе одиш на Еверест, но не по „туристичката“ насока?
Герлинде: Да. Кога бевме на Лотце бидејќи искачувањето е исто како тоа за Еверест до висина од околу 7600м – сите користеа кислород, им помагаа Шерпаси... Тогаш си реков: Не! Апсолутно не! Тоа не е мојот свет. Многу луѓе носат генератори за светло, компјутери... Многу е бучно.
Би се обиделе повторно на северната страна по директната линија. Кога се стои под нејзе – изгледа фантастично. Базниот камп е заштитен од ветер...
П: „Суперкулоарот“ на Еверест е тешка насока и ти си првата жена која се обиде да ја помине. Зошто избираш такви необични искачувања?
Герлинде: Сакам да качувам и нормални насоки кои имаат потешки тежини во повисоките делови, но најимпресивната работа е да се качи што поправа линија до врвот. Исто така преферирам тивки искачувања без големи групи луѓе околу мене...
П: Како им пристапуваш на планините на кои сакаш да се качиш?
Герлинде: Со почит. Разговарам со нив. Верувајте ми дека се надевам дека ќе ми дозволат да се качам. Но не по секоја цена. Се обидувам да добивам знаци од планините. Исто така мојот став е дека не ги освојувам – туку се качувам на нив...
П: Дали имаш некакви ритуали?
Герлинде: Пред да почнам со качувањето, седам во базниот камп со часови свртена кон планината и насоката која сакам да ја искачам. Сакам да создадам единство со нив. Тоа е едно. Исто така дента пред да тргнеме кон врвот – морам да си ја исперам облеката. Морам да имам чиста облека.
П: Кога качуваш со својот сопруг – се грижиш за него?
Герлинде: Да. Има една чудна работа. Кога качуваме на некој терен без да бидеме наврзани на јаже, никогаш не се грижам за себе. Фокусирана сум и сé е во ред. Но се грижам за Ралф и се грижам дали е фокусиран и тој. Понекогаш го прашувам: „Дали си целосно тука?“ Секако дека е, но јас се плашам за него.
П: Имаш кажано дека ако нешто лошо му се случи на него, ти ќе продолжиш да качуваш во планините?
Герлинде: Апсолутно. Мислам дека и тој би продолжил во ист случај. Алпинизмот е нашиот живот и не би било исправно да се откажуваме од него - во било каква ситуација.
П: Колку се важни партнерите?
Герлинде: Многу! Мора да можете да си верувате и да бидете искрени. Да кажувате кога работите нема да се одвиваат на добро. Кога со сопругот Ралф и Јапонецот Хиро Такеучи бевме на Еверест – бевме само ние тројца како тим. Хиро не беше искрен. Имаше силни главоболки и ништо не ни кажа. Висинската болест се разви и беше во бесознание неколку часа. За среќа ги имавме потребните лекови, се грижевме за него и потоа почнавме да се симнуваме. Потоа во базниот камп зборувавме со саати како тоа не смее повеќе да се повтори.
П: Не помисливте да продолжите сами?
Герлинде: Ниту во една секунда! Кога стигнавме во базниот камп, еден Новозеланѓанец ни рече дека тоа што сме го направиле било многу добро. Тоа ми е многу чудно. Тоа што успеавме да го симнеме Хиро во базниот камп беше најубавата работа што ни се случила во животот како алпинисти до тогаш.
П: Често качуваш во алпинистички стил – без фиксирање на јажиња, без поставување на висински кампови, без подршка... Корејката О Еун Сун која сега има 13 врва зад себе има употребувано и дополнителен кислород, има голем тим кој качува опрема нагоре, фиксира јажиња...
Герлинде: Секој има различни потреби... Ако тоа што се случува со Еверест денес, се случува и на други планини тоа ќе биде вистинска срамота. Не разбирам зошто луѓето не сакаат да качувааат на 6000м, давајќи навистина сé од себе, без дополнителен кислород – а наместо тоа сакаат по секоја цена да одат на највисоките...
П: Што значи употребата на дополнителен кислород во искачувањето на планина повисока од 8000м?
Герлинде: Исто како да качуваш некоја планина од 6500мнв без дополнителен кислород. Уште од почетокот си реков дека ќе одам до таму до каде можам - без да употребувам дополнителен кислород. Сепак секој треба сам да си одлучува за себе како ќе качува.
П: Си се сретнала ли со Едурне Пасабан? Таа секогаш качува со голем тим. Што мислиш за тоа?
Герлинде: Прв пат се сретнав со Едурне на саем во Минхен. Таа е добра девојка, а нејзиниот стил на качување е нејзин избор.
П: Дали ти смета „трката“ за тоа која жена ќе биде прва со сите 14 во Хималаите?
Герлинде: Да. Тешко е исто така да им објаснам на луѓето дека за мене не постои таква трка. Се противам на такво размислување. Јас само сакам да качувам планини. Не се грижам за тоа, но малкумина ми веруваат.
П: Велат дека сакаш да бидеш прва жена која ќе се искачи на сите 14...
Герлинде: Тоа не се мои зборови. Никогаш не биле. Дефинитивно ќе се обидам, но дали ќе бидам прва или петта – не ми е гајле.
П: Каде ја добиваш мотивацијата?
Герлинде: Во моментов се присетувам на погледот над 7000м на Броад Пик – без облаци, бескраен панорамски поглед, безброј врвови, секоја планина поубава од таа до неа... Чуствувам голема слобода... Тие моменти остануваат со тебе
П: Што е понереално – одењето кон далечните места или враќањето назад во Европа?
Герлинде: Враќањето дома. Ако луѓето овде знаат што сé се случува во тие земји, тука ќе се живее поскромно. Таму не сум постојано во изолирани планински средини, туку имам постојано контакт со локалното население во селата.
П: Кој е најголемиот грев на планините?
Герлинде: Оставеното ѓубре.
П: Како се справуваш со стравот?
Герлинде: Не размислувам многу на таа тема. Единствен пат кога вистински бев исплашена беше на Даулагири – кога бев затрупана од лавина и се обидував да излезам. Бевме четворица алпинисти во три шатори кога падна лавината. Едниот шатор во кој беа Шпанците Сантјаго Сагастер и Рикардо Валенсиа беше како зациментиран под снегот. Мојот шатор и тој на Шпанецот Хавиер Серано беа полесно покриени.
Половина час се откопував од под снегот. Потоа самата ги откопував другите два и постојано викав. Во исто време се плашев да не падне и втора лавина. Бев на границата на ментална издржливост, но знаев дека не смеам да попуштам. Кога ги откопав Сантјаго и Рикардо веднаш почнав да го барам и третиот шатор. Хавиер ме слушал како викам, но мислел дена сонува. Можев само да му ги покажам загинатите пријатели...
П: Каков е твојот режим на тренинг?
Герлинде: Најчесто тренирам издржливост. Дневно по два и повеќе часа. Исто така и качувам. Сепак не гледам на тоа како на тренинг. Никогаш не сум го следела пулсот и слично. Повеќе оставам на моето чувство. Моето тело ми кажува што треба да правам и кога треба да земам одмор. Не одмарам повеќе од два дена последователно...
Што се однесува до психичка подготовка – немам посебен режим. Сепак – сакам да се релаксирам со добра музика. Посебно во последните денови пред искачувањето – тогаш гледам да се фокусирам само на проектот што претстои.
П: Земајќи го во предвид твоето резиме, што чувствуваш во однос на публицитетот?
Герлинде: Не ми е лесно да бидам изложена пред очите на јавноста, но знам дека тоа морам да го правам поради моите спонзори. Спонзорите и презентациите ми носат храна на масата, а за тоа е потребен маркетинг. Сепак качувањето ми е најважна работа и ме прави вистински среќна. Би била најсреќна ако можам да качувам, а да не се промовирам пред јавноста.
П: Кој е твој омилен качувач? Кое е твое омилено искачување и зошто?
Герлинде: Немам омилен качувач, но уживам кога читам за нови насоки искачени во фер стил. Импресионирана сум од Денис Урубко
Исто така не можам да кажам кое е мое омилено искачување. Сум имала неколку. Една планина сепак ми остави посебен впечаток – Нанга Парбат. Базниот камп е можеби најубав, а планината грандиозна. Би сакала да отидам повторно на неа некој ден – по друга насока...
Но и Макалу е прекрасна планина. Голема, восхитувачка планина. Единствена од која немам добар спомен е Анапурна. До сега, тоа е единствената планина на која не би сакала да се вратам.
П: После сите искачувања ќе биде помалку стресно?
Герлинде: Не мислам така. Имам многу проекти! Ралф на пример се искачи на „сите 14“, но сака повторно да се врати на Еверест поради тоа што првиот пат користел кислород. На Нанга Парбат сакаме и двајцата да се вратиме. Или во зимски услови или преку Рупал страната која многу ме предизвикува. Базниот камп таму е прекрасен – шаторите се поставуваат во прекрасна ливада со цвеќиња... |