Мал дел од големата спортска биографија на Даг Скот:

Роден на 29-ти Мај 1941 година. Започнува да качува на 12-годишна возраст посетувајќи разни локалитети низ Британија. Од тогаш следуваат многу искачувања – во Доломитите, Алпите, Ел Капитен, Денали, Хималите, Австралија, Африка... Многу од нив нови насоки, во алпинистички стил, зимски услови...

1961г. – северо-источната страна на Пиц Бадиле;

1962г. - источната страна на Гранд Капусен, првенствени искачувања во Мароко;

1963г. – Комичи/Димаи насоката на Тре Чиме;

1967г. – првенствени насоки во Хинди Куш на Бандака и Шишгик во алпинистички стил; северната страна на Ејги ду План;

1968г. - насоката на Бонати на Петит Дру

1970г. – прво британско искачување на „Салате“ на Ел Капитен – заедно со Питер Хабелер

1972г. – два обида по југозападната страна на Еверест – достигнува 8300мнв со Дагал Хастон и Мик Бурк; прво искачување на источниот столб на Монт Асгард

1974г. – прво искачување на Чангабанг (Индија), нова насока по југоисточниот гребен на Пик Ленин

1975г. - достигнат врвот на Еверест преку југозападната страна; негова најтешка насока на карпа водена слободно 5.10d – во Јосемити

1977г. – прво зимско искачување на Огре по западниот гребен со Крис Бонингтон

1978г. – обид на К2 преку западниот гребен (неуспешен поради загинувањето на Ник Есткорт во лавина); северниот гребен на Нупце во алпинистички стил со Мајк Ковингтон и Џо Таскер (неуспешен поради нов обилен снег)

1979г. – прво искачување на севернтиот гребен на Кангченџунга без кислород со Џо Таскер и Питер Бордман, прво искачување на северниот врв а Кусум Кангури, прво искачување на северниот столб на Нупце – во алпинистички стил;

1980г. – обид на К2 преку западниот гребен и обид на Макалу по југоисточниот гребен

1981г. – прво искачување на источниот столб на Шивлинг (Индија) – во алпинистички стил, 13 дена со Рик Вајт, Грег Чајлд и Џорџ Батембург; прво искачување на северната страна на Пик 7010 – во алпинистички стил со Рејнолд Меснер, Пасанг Мингма и Анг Дорџе

1982г. – прво зимско искачување по југоисточната страна на Шишапангма со Роџер Бакстер и Алекс Мекинтаер; заедно со нив и прво искачување на Пунгпа Ри по југоисточната страна

1984г. – во алпинистички стил на Барунце (7143м) и Јаупа (6300м); неуспешен обид на Макалу по југоисточната страна во алпинистички стил – 100м од врвот

1985г. – неуспешен обид на Нанга Парбат во алпинистички стил по југозападниот гребен

1987г – нови насоки во Вади Рам (Јордан); неуспешни обиди на источната страна на К2 и североисточниот гребен на Еверест поради лоши временски услови

1988г. – неуспешен обид на западната страна на Макалу – лоши врменски услови

1990г. – прво зимско искачување на „Индискиот гребен“ на Латок 3 (Пакистан) во алпинистички стил

1998 – 2000г. – први искачувања на источниот врв на Чомбу (5745м), Тарго Ри (6572м); второ искачување на Тенг Конгма (6215м) во алпинистички стил...

 

Даг Скот - Кангченџунга, 1979г.

- Никола Божјаковски

Текст на Даг Скот за искуството високо на Кангченџунга (8586м):

Пролетта 1979 година, Џорџ Бетембург, Питер Бордман, Џо Таскер и јас отидовме на Кангченџунга да искачиме нова насока по западната страна до северното седло и потоа по западниот гребен до врвот. Еден ден Питер, Џорџ и јас отидовме кон нашиот специфичен „врв“ 3000 метри над базниот камп, чувствувајќи се милион километри од дома, а девет километри од Џо и Шерпасите.

Беше 4-ти Мај. Ние бевме качени на планината, таму каде што силниот западен ветер беснееше со недели. Со секој чекор што го правевме преку големата тераса моравме да се потпираме на нашите цепини и штеки. Ветрот беше силен: 160 километри на час. Добро, беше доволно силен за да ги оддува нагоре плочестите парчиња од карпите. За време на најсилните налети на ветрот мораше да се збиеме еден до друг додека мало затишје не ни овозможи да станеме и да се префлиме преку карпите сé до следниот налет. Потоа повторно клекнувавме, со грбот кон ветрот, држејки ги нашите перјани и отпорни на ветрот одела. Барем бевме заштитени од студот. Пробав да го рационализирам влијанието на ветерот на мене мислејки „Па што - тоа се само воздушни честички, само ветер кој се движи околку земјината топка – не се жали сé уште не се смрзнуваш“. Но секогаш постоеше мислата дека можам да замрзнам - дека може да не успеам. И тогаш ние станувавме тетеравејќи се понатака уште неколку чекори. Што поблиску доаѓавме до ивицата, толку посилен и погласен стануваше ветрот – бучејќи на запад кон долината Сиким. И таму бевме еден по друг на самиот раб – дел од првата пречка која ја сретнавме после Еверест. Се префрливме со ветрот преку работ, барајќи засолниште и како што преминував го осетив најневообичаениот електрицитет по мојот грб, како илјадници игли да ми се забодуваат во половината, како да ми се вади коскената срж, правејќи да се згрчувам во обид да го избегнам чувството. Единствениот излез беше надоле низ статиката од илјадници честички, надоле до релативниот мир на Сиким.

Петнаесетина метри подоле започнавме со копање и делкање по стрмната падина која се спушташе 2000 метри надолу сé до глечерот Зему, со цел да направиме платформа за шаторот. После три часа шаторот беше подигнат. Имаше доволно простор, но не и доволно кислород на 7900 метри. Вратите од шаторот беа затворени и испарувањата од примусот на кој топев мраз за да подготвиме чај ме зашеметуваа. Џорџ кој се најде на страната од шаторот која се потпираше на падината бараше шише со топла вода за своите ладни стапала. И тоа откако виде како се мачам со примусот кој се гасеше на неколку минути. Сепак не сакајќи да бидам тој кој разочарува му го дадов шишето со топла вода, негодувајќи по малку.

Земав апче за главоболки и добро спиев, сé додека Питер не ме разбуди во 1 и 30 часот изутрината да му помогнам со шаторот кој беше на удар на ветрот. Тој викаше дека ветрот го сменил правецот, како јас да не знаев; а ветерот ја имаше искршено и централната (шипка) од фиберглас. Околу 2 и 30 часот утрото ветрот беше екстремен како и нашата положба, дувани како алишта закачени на жица над снежната падина. Панично ги облековме нашите одела, кондури и камашни, работејќи на смени со што Питер и јас се менувавме во држење на скршените делови на шипките од шаторот, во надеж дека ќе спречиме тој да се искните. Нашите раце во ракавиците беа студени и влажни од кондензацијата. И тогаш, хоророт на хорорите, ноќната мора на секој алпинист – целиот шатор беше оддуван неколку стапки по полицата, кон работ.

Во еден скок јас го откорнав патентот на шаторот и бев надвор, со петите закопани во полицата на која се наоѓаше шаторот, држејќи се за шаторот со цел да спречам Питер и Џорџ да се струполат во глечерот Зему кој беше 3000 метри подоле. Најтемниот час е дефинитивно тој пред зората, а овој беше најдивиот кој што јас го познавав, со парчиња од мраз кои летаа во моето лице паѓајќи одозгора надолу забивајќи се во моето одело. Го грабнав цепинот и го протнав низ дупката што се имаше направено на платното на шаторот. Потоа го забодев доле, но ветрот едноставно го искина шаторот уште неколку дополнителни сантиметри и јас се вратив на држењето на шаторот со двете раце, а во меѓувреме шипките во шаторот пукнаа и дополнитолно откинаа дел од платното. Беше како да се бориш со гигантски сурфер на ветер. Џорџ викаше да му ги додадам неговите дерези и јас му ги фрлив внатре викајќи да спакуваат се во нашите ранци – „Не оставајте ништо“.

Надворешното платно од шаторот одлета во ладната ноќ, црно кон источниот хоризонт, светло портокалово низ турбулентната магла и снег. И за цело време додека се држев, борејќи се со остатоците од шипката и конечно кршејќи ја со цел да го намалам отпорот на шаторот чувствував дека се губам, со смрзнати раце и изнемоштена снага, уплашен дека ќе ја изгубам опремата, пријателите и самиот себе долу во Зему. „Сигурно ова не е начинот на кој ќе отидам – оддуван од крвавава планина, лизгајќи се надолу кон непозната долина – ајде освести се“. И тогаш викнав по нив брзо да излезат, но сето тоа се одвиваше бавно. Прво беа извадени подметачите, ранците па потоа излезе Питер. Џорџ беше последен сечејќи си отвор од шаторот со своето џепно ноже. Тој беше сé уште поспан од многуте апчиња за спиење. Како што тој излезе ние го пуштивме шаторот и тој одлета, уште една црна форма која брзо се губеше за да стане точка во далечината и потоа да се изгуби од вид.

Сега беше 4 и 30 часот наутро. Бевме клекнати на замрзнатата полица, 2 метри долга и еден и пол метар широка, на 8000 метри височина, при најсилен ветер што некој од нас некогаш го почувствувал. Мисли за освојување на врвот веќе немаше, но ние сé уште мораше да се искачиме како би го преживееле ова патешествие и би се спуштиле доле. Првиот час се држевме еден за друг, вкочанувајќи се од студ и чувствувајќи се мизерно. Питер ништо не кажуваше и изгледаше дека паѓа во хипотермија. Си помислив дека овој пат сум отишол предалеку, над мојата граница. Прв пат во животот мислев дека ќе умрам. Нашата состојба брзо се влошуваше. Џорџ ова прв го разбра и во наплив на енергија се качи по јажињата кои ги имавме врзани за нашиот дедмен 3 метри над нас. Од таму направи смел обид да стигне до седлото кое беше оддалечено 15-тина матери, но јажето беше заплеткано од ветерот и не му овозможи да стигне до таму. Тој се обиде уште два пати пред да се врати до нашата полица. Сега беше мој ред. Но кога станав се чувствував толку нестабилен што повторно клекнав со главата забиена во моите гради, криејќи го лицето од мразот и снегот. „Морам да направам нешто“, заклучив по 5 минути одмор. Го симнав мојот ранец, зграбив два цепина и се искачив до осигурувањето. Тогаш, со смрзнати прсти, малку по малку ги отплеткував јажињата. Џорџ ми се придружи и ме осигуруваше додека јас се качував и стигнав до под седлото. Застанав издуван од ветерот од запад, држејки се на дерезите и цепините со моето лице допрено на мразот, обидувајќи се да најдам засолниште од турбуленциите.

Џорџ викна: „ Даг направи го тоа, направи го тоа“, но јас промашив. „Направи го тоа Даг“, викна Џорџ повторно. „Направи го тоа!“ викаше тој повторно и повторно во ветрот кој дивееше преку планината. Се обидов држејќи се на тапите дерези, гребејќи на тврдиот зелен мраз, се тоа во континуиран грч на екстремитетите, обидувајќи се да стигнам до врвот пред следниот налет на ветерот – во што и успеав. Се фрлив преку ивицата и легнав на стомак во Непал, буквално лазејки надоле по падината, влечејки се надоле со цепините до едни камења каде што се врзав. Без наочари моето лице беше покриено со мраз - каскада на замрзнати честички во мојата брада и коса. Бев вон директна опасност. Застанав и приметив како ми надоаѓаат некои воопшто не важни мисли, како одењето на шишање кај еден бербер во Катманду. Првата поинаква идеа која ја имав после саати на тотална концентрација фокусирана на полицата и петнаесетината матри снег над мене.

На крај со заврзаното јаже, Џорџ се префрли преку полицата. „Даг мојот ранец падна во глечерот Зему“. „Не се грижи дете, ќе се спуштиме со тоа што имаме“, викнав, додека двајцата го влечевме Пит да ни се придружи на „островот од камења“. Подоцна Џорџ ми раскажа како тој го одврзал својот ранец, го прицврстил во една пукнатина и дека ветерот едноставно го оддувал како згужвано парче хартија. Сега бевме назад во Непал и јас можев да го почувствувам нашето заедничко олеснување, иако беше тешко да се видиме еден со друг од замрзнатите делови на нашите лица. Почнавме да се симнуваме до бивакот во пештерата на 7700мнв и стигнавме таму во 10 часот утрото. Потоа продолживме со спуштањето по северната страна до кампот во глечерот каде што стигнавме во 15 часот и конечно го сретнавме Џо. Тој не можеше да престане да зборува – Шерпасите не зборуваат многу и со целата грижа од чекањето, тој се вртеше околу нас, давајќи ни супа и храна. Се имавме симнато 3000 метри вертикално и поминавме 9 километри од планината, сé во еден ден, но имавме ран старт!

Овој прв обид на Кагченџунга беше најблиску до смртта што некогаш сум дошол, најтенката линија што сум ја повлекол помеѓу тоа да си тука и да не си. Со целото мое битие се држев да го земам тоа што ни доаѓа на сите нас кои се затекнуваме толку високо во такви услови. Никогаш нема да го заборавам затоа што бев таму 100%, несвесен за ништо друго освен преживување на ветерот и студот кога на инсистирање на Џорџ „го правевме тоа“, го пресретнавме непознатото со висок адреналин, воодушевени, еуфорични, неврзани, слободни и качувајќи се над нашето его - правејќи го тоа.

За време на следните неколку дена лежев на тревата под настрешницата од мојот шатор, дозволувајќи да ме обземат чувствата како на сон, гледајќи анимирани сцени од дома со затворени очи. Се прашував дали научив нешто. Дали сега имам право да коментирам за било што од светско значење. Одлучив дека немам. Не можев да се замарам со ништо такво или пак со мислење на било што друго. Единствено чувствував голем спокој, така релаксиран со самиот себе и со своите пријатели. Секогаш ќе чувствувам топлина кон нив двајцата од патешествието што го преживеавме заедно и кон Џо, кој го криеше своето разочарување што не беше таму со нас, но кој потоа се грижеше за нас. Седев на тревата во базниот камп, многу ослабен, негувајќи ги смрзнатините на рацете  кои ми беа иритирани од силната антибиотска крема, завиткани во белите свилени ракавици на Џо. Знаев дека моите раце може да ми се пасош за дома, како некој ранет војник кој ја напушта битката со почести. Јас отидов до мојата граница, па зошто да си ја пробувам среќата по втор пат? Но иако имав изговор да си отидам, тука беше Кангченџунга со врв обвиен во снег и магла. Каква планина испадна да е тоа! Сега знаев многу од нејзините скриени места – барем до 7900 метри на северезападната страна – но не ги знаев последните 600 метри. Се вратив скромен но силен, сочувствувајќи се со земјата и полн со вчудоневидување дека воопшто сум тука и дека продолжувам да живеам на неа. Што уште оваа планина како огледало има да ми покаже?

По вториот откажан обид, спречен од уште едно невреме, Џо, Питер и јас се качивме на врвот еден величествен ден во Мај, над облаците и сите наши земјени грижи. Се спуштив доле да увидам дека тие грижи не ги снемало туку дека сега ги гледам од друга перспектива и со нив се справувам со обновена сила и објективност – едно образложение зашто ние го правиме ова, доколку образложение воопшто е потребно.

Copyright © Alpinizam.org